Општество

Убавиот збор: СЕГА, ОВДЕ И ЗАСЕКОГАШ

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Искуството нè учи дека никогаш однапред не можеме да знаеме кој миг од сегашноста ќе ни остане вечно врежан во сеќавањето, како мал прозорец во времето. Ќе го носиме со нас непроменет, како замрзнат филмски кадар, во деновите, во месеците и во годините кои ќе надоаѓаат. Тој миг ќе стане симбол на она што е најблиску до нашето доживување на вечноста.
Џозеф Кемпбел, американски писател, научник и проучувач на митологијата и на религиите, сметал дека вечноста е искуство кое постои надвор од познатата ни рамка на времето и таа не може да се мери и да се забележи во линеарниот тек на времето. Во тој контекст, вечноста не е претставена како неограничено долго време, нешто што се протега во недоглед од минатото во иднината, туку е квалитативно поинакво искуство на присутност, тука и сега. Тој во своите дела зборува за поимот на „вечното сега“ како миг на потполно присуство на свеста, миг во кој сме целосно, духовно и телесно, внесени во сегашниот момент.
Во мојот ум постојат безброј ковчежиња. Во секое од нив има по еден таков миг, еден мал дел од вечноста кој сум го искусила. Не сум го препознала во моментот кога сум живеела во него. Ништо не укажувало на необичноста на тој миг, ниту на неговата посебност. Не укажувало дека токму тој ќе остане засекогаш да постои во мојата иднина како безвременски.

Сеќавања...
Седам во една спална соба. Попладне е и зраците на летното сонце како сечила се пробиваат низ затворените венецијански ролетни, делејќи го волуменот на собата на светлечки геометриски форми кои пловат низ воздухот. Имам десетина години и со мене во просторијата се уште две други девојчиња на возраст слична на мојата. Собата се наоѓа во нивниот дом во една кула во центарот на градот. Тука е големата брачна постела на нивните мајка и татко, кои се пријатели на моите родители. Моето семејство е дојдено на посета и ние децата си играме во спалната, додека родителите се дружат во трпезаријата.
Двете девојчиња се полни со фантазија. Нивните идеи бргу и лесно се обликуваат во стварност во нашата игра. Си играме возрасни, омилена детска вообразба. Облечени сме во фустани кои ѝ припаѓаат на нивната мајка, а нам ни се влечат по подот.
Тие ме седнуваат пред огледалото исправено на работ на една наткасна. Како на гостинка, ми припаѓа честа да ме „дотераат и нашминкаат“. Првин ми ја чешлаат долгата, црна коса со густи кркми на челото. Потоа, постарата од нив двете, зема ливчиња од зелена ограда, собрани од паркот пред зградата, ги преполовува по средина така што се добиваат облици со рамен долен дел и полукружен горен. Така подготвени ги влажни и ги прилепува двете половинки на моите очни капаци, како божем да се сенка. Густа зелена боја сега го исполнува просторот меѓу ирисот на окото и дебелата извиена линија на веѓата. Во огледалото се појавува некој лик, сосема поинаков од мојот детски. Како да се листаат еден по еден, слој по слој, човеколики облици од хартија и најпосле, низ призмата на времето, во огледалото се појавува некој друг, некој познат, а пак туѓ. Јас сум тоа, а сепак и не сум јас. Всушност, јас сум сега некое поинакво, зеленооко суштество.
Оваа појава која гледа во мене од другата страна на стварноста многу наликува на цртежите од египетските пирамиди. Во мене зачудено зјапа лицето на историјата, како визија на некоја одамна заборавена египетска принцеза, со очи засенчени со дебел слој боја. Забавно е. Сите три се кикотиме со воодушевување и весело скокаме по собата во долгите фустани сè додека „шминката“ не ни испопаѓа по подот и не ја изгазивме.
Она што било пред и потоа се губи во маглата на сеќавањата и непостојаната димензија на времето мерено од часовник. Сликата на ликот во огледалото, со очи засенчени со листови од ограда, токму по мерка на клепките, засекогаш ми останува во свесноста како фиксна точка во бесконечното. Точка во која еднаш се сретнале сегашноста и минатото или вечноста и времето, две исти, а сепак различни ткаења на вселената, слично како кога во една чаша вода ќе се сретнат нејзината течна и цврста форма, течноста и коцкичките мраз во неа. Иста материја, а со различна просторна димензија.

Можеме ли свесно да ја споиме среќата со вечноста и да добиеме искуство на вечна среќа?
Понекогаш, во моменти на внатрешно блаженство, можеби сме посакале да ги отвориме ширум сите сетила за да го запомниме секој, па и најмал детаљ од миговите во кои ни било бескрајно убаво. Кој од нас не помислил, во некој животен час, дека ќе се потруди да ја запомни секоја секунда од времето кое минува неумоливо, за да му се врати во иднина, надевајќи се дека заедно со сеќавањето ќе се повтори и чувството на среќа која во тие мигови ја искусил.
Можеби тоа било само некое убаво место на кое сме отпатувале, некој прекрасен амбиент кој сме посакале да го понесеме со себе. Сме шетале крај морски брег на преубава плажа и сме се обидувале да го задржиме мигот засекогаш. Да го заклучиме во некое од оние специјални ковчежиња внатре во нас. Па сепак, она што ни останало од тие мигови може било нешто сосема прозаично. Некоја обична импресија. Од целиот восхитувачки миг на залез на сонцето, можеби сме ја запомниле само сликата на некој чамец кој се лула на брановите на хоризонтот. Неговата црвена боја, на пример, која создавала контраст со синилото на водата и на небото. Можеби сме запомниле само звуци на гласна смеа кои лесно се тркалале низ воздухот и стасале до нас како далечен одек кој го обележал тој миг. Или пак тоа била некоја таинствена, осамена фигура на човек кој замислено седел на брегот. Ништо не ни претскажало дека токму тоа е парченцето од вечноста која ќе ја задржиме во нас, минувајќи низ времето.
И за крај, повторно, како што би не посоветувал големиот раскажувач Џозеф Кемпбел, не треба да ја бараме бесмртноста во обидот бесконечно да го продолжиме времето. Вечноста не е некоја далечна цел која допрва ќе ја откриеме, туку е секогаш достапна, тука и сега, во секој миг на нашиот живот.
Со други зборови, вечноста е мигот на откривање на чудесното во нас и надвор од нас.
Единствено што треба да направиме е да се разбудиме во тоа, сега и овде.

ПРЕПОРАЧАНО