Економија

Зоран Јовановски | ИЗВЛЕКОВМЕ ЛИ ПОУКИ ОД ИНФЛАЦИЈАТА?

Зоран Јовановски | Авторот е економист

Зошто толку долго време зборуваме за инфлацијата? Граѓаните и компаниите се длабоко вознемирени веќе со години. Полека се наѕира смирување, но инфлаторните очекувања и понатаму тлеат. Доколку се оствари поволно сценарио, без потреси кај светските цени на енергенсите и кај нивоата на платите во земјава, инфлацијата би можела да се намали и стабилизира на релативно пониско ниво. Но, останаа неодговорени низа прашања. Кои беа причините за неколкугодишната епизода со покачена инфлација низ која поминуваме? Мораше ли да биде така? Го изанализиравме ли сето тоа? Извлековме ли поуки? Дефиниравме ли некакви механизми што треба да ги воведеме за да ја спречиме истата работа да ни се случи во иднина? Овие прашања заслужуваат одговор. Со оглед на почетокот на смирување на работите мислам дека сега е добар момент за тоа.

Што се случи?
Гледано историски, ценовната стабилност е една од малкуте работи со кои земјава може да се пофали и на светско ниво. Ако се исклучат почетните години (1993-1995 година) на трицифрена и двоцифрена инфлација по распадот на Југославија, од 1996 година па заклучно со 2025 година, просечната кумулативна годишна стапка на инфлација (јануари-декември во однос на јануари-декември) во просек за целиот период од 30 години изнесува 2,8%. Тоа е одлично остварување.

Но, регистрираме и епизоди на пораст на инфлацијата. Графиконот 1 покажува дека вкупната инфлација (која ги вклучува цените на сите елементи) во периодот 2022 – 2024 година имаше епизода на највисок раст во последните 30 години. Инфлацијата ја напушти својата историска патека на движење и достигна ниво од 14,2% и 9,4%. Потоа започна да се намалува, но процесот на стабилизирање сѐ уште трае.

Кои беа главните причини за скокот на инфлацијата изминативе неколку години?
Во потрагата по причините за тековниот неколкугодишен скок на инфлацијата во Македонија треба да ги идентификуваме и разграничиме причините според тоа дали се наши, домашни причини или последица на случувања во странство. Ова е важна детерминанта затоа што мала и отворена економија како македонската нема избор, мора да ги апсорбира последиците од разновидни шокови во светската економија, особено кај цените на енергенсите.

Графиконот 2 го опфаќа периодот од крајот на 2020 година па сѐ до крајот на 2025 година и покажува дивергентни движења на вкупната и базичната инфлација. Најпрвин, како потсетување, за разлика од вкупната инфлација која ги вклучува сите елементи, базичната инфлација има помал опфат, таа не ги вклучува цените на енергенсите и на храната затоа што тие елементи се сметаат за многу променливи.

Од аспект на причинителите на инфлацијата, од графиконот можат да се издвојат две фази во нејзиниот раст последниве години. Во првата фаза, од крајот на 2020 година па заклучно со септември 2022 година вкупната инфлација (со цените на струјата и храната) е повисока од базичната. Тоа е период кога цените на енергенсите и храната го предводат порастот на инфлацијата. Станува збор за периодот кога цените на струјата на Хупекс берзата регистрираа огромен скок. Така, цената за еден мегаватчас од 61 евро во првата половина на 2021 година скокна на 166 евра до крајот на таа година, па дополнително се зголеми на 271 евро во 2022 година (годишен раст од 138,6%), за да потоа се врати на ниво на 106 евра во 2023 година и 101 евро во 2024 година. Македонија не може да ги задоволи сопствените потреби од електрична енергија од домашни извори и потребите во значаен дел беа задоволени од увоз. Во 2021 година, 33,1% од вкупната потрошувачка на електрична енергија беа покриени со увоз на струја, во 2022 година тој процент изнесуваше 20,7%, за да веќе во 2023 година заради зголемено користење на обновливите извори на енергија процентот падне на 2,75%. Вака зголемените цени на струјата, особено во фазата кога тие имаа огромен скок, неизбежно беа апсорбирани и дисперзирани понатаму преку домашните цени на производите и услугите.

Во втората фаза, карактеристична за периодот од октомври 2022 година па заклучно со септември 2025 година, (значи непрекинато цели 24 месеци по ред!!!), базичната инфлација (без цените на енергенсите и храната) е повисока од вкупната инфлација. Таа низа е прекината само во октомври 2025 година и потоа продолжува до крајот на годината. Сето тоа упатува на заклучокот дека во втората фаза инфлацијата е веќе раширена низ целата економија, односно побрзо расте инфлацијата која не ги вклучува енергенсите и храната од инфлацијата што ги вклучува. Тоа нѐ носи до заклучокот дека во втората фаза на силен раст инфлацијата ја движат други фактори и за разлика од првата фаза, инфлацијата веќе не е „увезена“ (преку цените на енергенсите) туку е доминантно предизвикана од домашен фактор. Следното прашање е: кој е домашниот фактор?

Графиконот 3 покажува силен номинален раст на нето платите од 2022 година наваму. Растот изнесуваше 14,8% во 2022 година, 16,4% во 2023 година, 9% во 2024 година. И во реални големини, платите имаа раст од цели 12,3% во 2023 година и 4,4% во 2024 година. Тоа ја засили домашната побарувачка и во склад со најелементарниот економски постулат, истото ниво на понуда и зајакнатата побарувачка се израмнија (вкрстија) на повисоко ниво на цените, добивме продолжување на инфлацијата. Ако вие имате кафуле и видите дека кафето почнува засилено да се купува, ќе ја зголемите малку цената (знаете дека се зголемиле платите) за да видите дали пазарот ќе ја апсорбира таа повисока цена и така ќе одите сѐ додека повисоката цена “поминува“ на пазарот. Така цените стигнаа таму каде што стигнаа. Не е изненадување тоа што еднаш зголемените цени на производите и услугите не се враќаат на претходните, пониски нивоа затоа што и платите не се враќаат на претходните, пониски нивоа.



Мораше ли да биде вака со инфлацијата?
Краткиот и директен одговор е: не мораше. Во првата горенаведена фаза на пораст на инфлацијата „шокот“ беше увезен преку големиот скок на цената на електричната струја која мораше да биде увезена и потоа вградена како инпут во крајната цена на производите и услугите. Во оваа фаза Народна банка немаше голем маневарски простор за да ги намали последиците.

Но, за разлика од првата фаза, ситуацијата со втората горенаведена фаза е поинаква. Тогашната гувернерка беше должна да ја препознае втората фаза. Мораше да го согледа моментот дека инфлацијата во Македонија станува придвижувана од домашни фактори како што е растот на платите. Во такви околности требаше да се случи нејзина соодветна робусна реакција во јавноста со силни и решителни мерки што ќе спречат базичната инфлација (која ги исклучува цените на енергенсите и храната) да надвладее долг временски период над вкупната инфлација. Тоа отсуство на соодветна реакција, предизвика формирање на инфлаторни очекувања кај економските субјекти (населението и бизнис секторот) и создавање на психолошки циклус на затворен круг во кој платите и цените се тркаат и потхрануваат меѓусебно. Долгото одржување на базичната инфлација над вкупната инфлација (24 месеци по ред) укажува на акумулирани инфлаторни очекувања поврзани со домашни извори. Ова имплицира т.н. „лепливост“ на цените.

За опасноста инфлацијата да стане „леплива“ (“sticky prices”) јас зборував уште во јануари 2023 година на панел дискусијата „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“ во рамки на конференција организирана од Стопанската комора. На таа панел дискусија учествуваше и тогашната гувернерка. И самиот Меѓународен монетарен фонд, во својот извештај од 05 мај 2025 година истакна дека „Базичната инфлација стана главен двигател и останува упорна, поттикната од силниот раст на платите.“ Неуспехот да се спречи создавањето и акумулирањето на инфлаторните очекувања кај граѓаните и компаниите доведе до тоа да стане јасно дека со инфлацијата, за жал, ќе мораме да се бориме подолг временски период.

Легитимно е да се постави прашањето дали претходната гувернерка навистина не ја препозна втората фаза на скокот на инфлацијата кога инфлацијата е предводена од домашни фактори? Делува неверојатно, ама некој би можел да си помисли дека всушност калкулирала за лични цели. Најпрвин, калкулирајќи да преземе доволно цврсти мерки (по правило непопуларни) во периодот пред парламентарните избори што се одржаа на средината од 2024 година за да не ги намали шансите на тогашната извршна власт, а потоа калкулирајќи во пресрет на одлуката дали ќе биде реизбрана во мај 2025 година. Кој да знае дали било така?

Едно е сигурно. Претходната гувернерка не беше реизбрана. Во посебната едиција на Народна банка за тоа што е направено во нејзиниот седумгодишен мандат е наведена листа со десет клучни достигнувања на централната банка во периодот 2018-2025 година. Таму има за многу нешта, некои со релативно маргинално значење, но нема ништо за одржувањето на ценовната стабилност, како основна законска цел, тоа не е дел од листата на клучни достигнувања. Ова би можело да се гледа како нејзино своевидно имплицитно признание за сопствениот неуспех. Ова е во линија со оценката на премиерот Мицкоски искажана на 25 декември минатата година во Собранието, кога рече „Имавме рекордно висока инфлација од 17, 18 и 19 проценти на годишно ниво. Заради лошите политики стандардот на граѓаните доживеа тежок удар од 2020 до 2023 година. За среќа, тоа сега е во минатото.“

Дефиниравме ли некакви механизми што треба да ги воведеме за да ја спречиме истата работа да ни се случи во иднина?
Најголемата поука од тековната болна епизода со инфлацијата во земјава треба да биде осознавањето на потребата од воведување и примена на ефективни механизми на навремена отчетност на гувернерите на Народна банка пред пратениците во Собранието во врска со ценовната стабилност.
Најпрвин, еве како е моментно дефинирана ценовната стабилност. Во член 6 од Законот за Народна банка стои дека „(став 1) Основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност. (став 2) Друга цел на Народната банка, која е подредена на основната цел, е да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност. (став 3) Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на целта утврдена во ставот (1) од овој член и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.“
Очигледно е дека во законот е посочена ценовната стабилност, но таа не е квантифицирана, што е во линија со тековната монетарна стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Како во такви услови да се оцени (не)успешноста во поглед на одржувањето на ценовната стабилност? Одржувањето само на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото на таргетираното ниво не е доволно за преодна оценка доколку истовремено постои инфлација што може да се дефинира како упорна, доколку базичната инфлација е повисока од вкупната инфлација во одреден период (1,5 до 2 години) и ја движат домашни фактори, доколку монетарната политика е несоодветно лабава, итн.

Отчетноста на гувернерите на Народна банка треба да се зајакне преку дополнување на регулативата што се однесува на комуникацијата на централната банка со Собранието. Во моментов, во член 40, став 2 од Законот за Народната банка стои дека „По барање на Собранието на Република Северна Македонија или по сопствена иницијатива, гувернерот на Народната банка периодично може да се обрати пред Собранието на Република Северна Македонија или неговите комисии, во врска со прашања од монетарната политика и финансискиот систем и состојбата на економијата, со исклучок на специфични информации кои се однесуваат на субјектите кои се предмет на супервизија“. Но, ова не е обврска, ова е можност, оставена на дискреција на Собранието или гувернерот, обраќањето може, ама и не мора да се случи.

Потребно е регулативата да се дополни на јасен и структуриран начин. Механизмот за навремена отчетност на гувернерите на Народна банка треба да содржи неколку елементи. Треба однапред да се дефинираат околности кои би претставувале активирачки механизам на процедурата за отчетност. На пример, разграничување кога инфлацијата се трансформира од привремена во упорна (можни се повеќе модалитети), разграничување кога е предизвикана од екстерен шок, а кога е генерирана од домашни фактори, квантифицирање на услови што базичната инфлација треба да ги исполни (во однос на вкупната инфлација во Македонија или во ЕУ), движењето на платите и продуктивноста, итн. Штом се исполнат условите и се активира процедурата, гувернерот би требал да достави до Собранието соодветен документ. Доколку се работи за екстерен шок тоа би бил Извештај за информирање, ако инфлацијата е во рана фаза на опстојување би имало т.н. Собраниско „сослушување“ пред надлежната Комисија или на пленарна седница. При пролонгирано опстојување на инфлацијата, во даден рок, гувернерот би поднел и Извештај за упорноста на инфлацијата. Во него тој би објаснил зошто имаме толкава инфлација, што планира да преземе, какви резултати очекува од планираните мерки, кога се очекуваат резултатите и што доколку не се остварат очекувањата. Во периодот на активираност на механизмот за отчетност гувернерот на Народна банка би требал секои 6 месеци во Собранието да се обрати пред пратениците со оценка за целокупната состојба со инфлацијата.

Добро структурирана, процедурата за отчетност на гувернерот би одела по автоматизам, како обврска, а не по дискреција. Ваквиот механизам ќе обезбеди навремено препознавање на движењето на инфлацијата пред таа да стане проблем, ќе овозможи оценка на ситуацијата базирана на одредени правила, а не на политички перцепции и ќе ја направи оценката објективна и базирана на податоци. Дополнително, по стабилизирањето на инфлацијата и нејзиното враќање на потребното ниво, би се исклучил механизмот за отчетност, а Народна банка би требала задолжително да објави извештај за конкретната епизода со инфлацијата со информации кога таа станала упорна, кога била препознаена како таква од централната банка, кои инструменти биле искористени за справување со инфлацијата и што дало резултат, а што не. Овој извештај би бил предмет на дебата во Собранието и би служел како институционална меморија.
Сето ова беше пропуштено во случајот со претходната гувернерка која си замина без некој да побара од неа редица одговори, но тоа веќе никогаш не смее да се повтори. Стабилноста на цените не е само законски утврдена цел за Народна банка туку и сериозно егзистенцијално прашање за огромен број граѓани на земјава. Затоа мораме да вградиме и применуваме соодветни механизми за навремена отчетност на гувернерите на Народна банка за да можат следните генерации навремено да избегнат ситуација каква што ни се случи изминативе неколку години.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано