Lifestyle

ФИЛМ: ПЛАТЕН УБИЕЦ

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Колкумина од вас навистина се познаваат себеси? Ова е прашањето што Гери Џонсон, еден навидум обичен професор по философија, им го поставува на своите студенти на катедрата во Њу Орлеанс. На почетокот на „Платен убиец“ (Hit Man, 2023), во едно од неговите предавања, тој дополнително ја продлабочува дискусијата и со тоа истовремено ја потенцира самата премиса на филмот: „Што ако вашето јас е само конструкција, илузија… улога што ја играте од денот кога сте родени?“ Ќе се испостави дека неговата приказна е дел од одговорот.
Најавната шпица информира дека она што ќе го гледаме е „донекаде вистинита приказна“. Изворниот материјал е приказна која ја има прочитано режисерот и сценарист Ричард Линклејтер (Richard Linklater) пред дваесетина години во еден тексашки месечник. Гери е универзитетски професор кој живее прилично анонимно, здробен од тежината на минатото сочинето од лоши одлуки. Тој е разведен и живее со две мачки. Во слободно време работи хонорарно за локалната полиција како аудио-/видеотехничар во случаи на следење и на прислушкување. Еден обичен Петко Станко, со „лице што ништо не кажува и кое веднаш се заборава“. Оваа слабост набрзо ќе се претвори во доблест. Сплет на околности, од нигде никаде, ќе донесе до негово „унапредување“ во полицијата. Од заднински занаетчија до главен и истурен играч. Гери за кратко време ќе постане најбараниот (лажен) професионален убиец во Њу Орлеанс. Неговата задача е да глуми платен убиец и да намамува клиенти кои сакаат да се ослободат од неверната сопруга или од насилниот газда. И тогаш се пали фитилот. Нашиот јунак почнува да ужива во секој нов случај за кој темелно се подготвува креирајќи посебен идентитет прилагоден според очекувањата и потребите на случајот. Секој нов случај значи идентитетско ресетирање, камелеонско прилагодување на новонастаната ситуација.
Затворен во вечната сегашност, тој е принуден од околностите постојано да се обновува без можност за градење и развој на единствен идентитет, со измислено минато и иднина што е невозможно да се замисли. Од оваа гледна точка, секако, не е случајно што Гери осознава што сака да биде и да постане кога ќе ја сретне (хемија на прв поглед) и ќе се заљуби во прекрасната Медисон (Адрија Арјона, Adria Arjona), очаен клиент кој бега од насилен сопруг. Тогаш го прекршува кодот и се трансформира во Рон, секси љубовник и мистериозен платен убиец. Во фрагментираната сегашност како современата, во која наративот на нашите животи се прилагодува и се деформира врз основа на контекстот, единствениот начин да си дадеме кохерентна форма е да го следиме, да бидеме и да постанеме она што сакаме. Така нашиот професор по философија конечно може да го практикува она што го проповеда.
Успехот на филмот силно се темели врз изненадувачкиот актерски талент на Глен Пауел (Glen Powell) кој се потпишува и како косценарист на филмот. Ваквата дополнителна авторска вклученост дејствува како добитна комбинација. Пауел испорачува изведба доловувајќи ги нијансите и трансформациите на ликот со извонредна леснотија. Тој ја отсликува почетната нервоза на Гери со комичен шмек, зголемената самодоверба во тајната улога со веродостојно клеветење, и конечно, емоционалната комплексност додека се бори со својот вистински и претпоставен идентитет.
Слично како и идентитетот на главниот протагонист, така и филмскиот ракопис на Ричард Линклејтер е жанровски флуиден, прилагоден на неговите повеќекратни маски. „Платен убиец“, всушност, започнува од комедија за да стигне до ноар, трилер и психолошка драма. Формата постојано се менува, но секогаш останува доследна со себе и со воспоставениот дискурс. Исто како што Гери Џонсон ги обновува карактеристиките на неговиот лик врз основа на потребите на клиентот, работејќи на клишеата поврзани со ликот на платен убиец, режијата на Линклејтер се движи меѓу правилата на жанровското кино, приспособувајќи ги времињата и тоновите на приказната за да го задоволи и истовремено да го изненади гледачот.
И покрај тоа што се работи за минорно дело во богатата филмографија на Линклејтер, неговиот потпис е препознатлив. Неговиот допир е лесен и духовито интелигентен, ангажиран без да биде претенциозен. Наративот се развива органски, привлекувајќи ги гледачите во изненадувачкото патување на Гери со допир на хумор и дарежлива доза на шарм.
Времето е една од омилените теми на Ричард Линклејтер во сите негови можни деклинации: времето како раст во „Детство“ (Boyhood, 2014), времето како еволуција на врската во „Пред“ трилогијата сочинета од „Пред изгрејсонце“, „Пред зајдисонце“ и „Пред полноќ“ (Before Sunrise, Before Sunset, Before Midnight) и носталгијата за неповторливото време во „Аполо 10½: Детство од вселенско доба“ (Apollo 10½: A Space Age Childhood, 2022). По должината на сите овие различни траектории, Линклејтер никогаш не ја пропушта можноста да размислува за сегашното време и како тоа влијае на суштината на различните ликови, нивното битисување во светот и начинот на кој тие се поврзуваат со другите, за тоа како времето и животните искуства нè менуваат и нè обликуваат. Длабоко под Нетфликс превезот на лесна, но првокласна забава, „Платен убиец“ ги рефлектира времето и начинот на кој сегашноста и неговата постојана фрагментација го ставаат во криза самиот концепт на идентитет.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано