Општество
Во здравството наскоро 1 500 вработувања и 300 идната година, најави Таравари
21.10.2024
Министерот за здравство Арбен Таравари е оптимист дека наскоро ќе се најде решение за колективен договор, кој ќе го опфати целиот медицински персонал. Тој вечерва, во телевизиско гостување, најави 1 500 вработувања наскоро и 300 идната година.
Оваа недела, рече Таравари, со премиерот и министерката за финансии ќе го разгледаат колективниот договор со кој би се решило прашањето на медицинските работници барем за наредните десет години. Тој очекува најмалку 1 800 вработувања во првата година од владеењето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ.
Како што потенцира министерот, идејата за нов клинички центар не е откажана, но прво треба да се изградат болниците во Штип и Кичево.
- Ние сме во преговори со сите здравствени синдикати и се надевам дека набргу ќе седнеме, мораме да седнеме со премиерот и да се договориме за колективниот договор којшто би бил решение за сите здравствени работници. И тоа е решение за следните десет години, да немаме главоболки со медицинските работници. Јас се надевам дека неделава ќе седнеме и со министерката за финансии и со премиерот и со здравствените синдикати за евентуално да се договориме. Секако дека ќе има покачување на платите, посебно кај средномедицинскиот персонал, напомена Таравари во интервјју за „360 степени“.
Извор МИА
фото freepic