Општество

ЗА СУДСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА ОДВОЈУВАМЕ НАД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК

27.10.2024

Нешто повеќе од 1.500 денари или 24,6 евра државата троши по глава на жител за правосудството, што е далеку под европскиот просек од 74,9 евра. Но, гледано како процент од БДП, судскиот буџет е значително над европскиот просек. Државата одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28. Најголем дел од средствата - 78,1 процент оди за судството, 20,9 проценти за обвинителствата и само 1 процент за правна помош. 

Иако бројот на судии во земјава е во постојан пад и во последните десет години е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е нешто малку над европскиот просек од 21,9 судии на 100 илјади жители. Иако 62 проценти од судиите се жени, сепак, бројот на жени претседатели на судови е помал – 41 процент, наспроти мажи кои се претседатели на судови – 59 отсто.

Судиите и обвинителите имаат најниски плати во регионот. Ако на почетокот на кариерата, бруто платата на судиите е двојно помала од европскиот просек, на крајот на кариерата разликата само се зголемува и е речиси четири пати поголема.

Буџетот за ИКТ во судството во земјава бележи раст и гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-18, на 2,6 проценти во периодот 2018-22 година. Иако буџетската правна помош по жител во земјава е зголемена од 0,16 евра во 2020 на 0,3 евра во 2022, останува еден од најниските во Европа.

Ова го покажува најновиот Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа (CEPEJ) којшто содржи податоци за 2022. Извештајот ги идентификува главните трендови во судските системи на 44 европски земји и две земји набљудувачи – Израел и Мароко. 

Од регионот, за судство најмногу одвојува Црна Гора - 60,5, а најмалку Албанија - 15,8 евра по глава на жител 

Во групата А – земји со БДП по глава на жител од 10 илјади евра, каде се наоѓа и нашата земја, најмногу по глава на жител одвојува Црна Гора – 60,5 евра или 0,76 проценти од БДП. Потоа следи Србија со 48,1 евро по глава на жител или 0,54 проценти од БДП. Босна и Херцеговина одвојува 43,6 евра по глава на жител или 0,64 проценти од БДП.  Помалку од нас одвојува Албанија – 15,8 евра по глава на жител или 0,29 проценти од БДП.

Од земјите кои се во група Б со БДП по глава на жител меѓу 10 и 20 илјади евра повеќе од нас одвојуваат Бугарија – 73 евра по глава на жител или 0,55 проценти од БДП, Хрватска – 65 евра по глава на жител или 0,38 проценти од БДП и Грција – 50,5 евра по глава на жител или 0,26 проценти од БДП. Од оваа група само Турција одвојува помалку од нас – 15,6 евра по глава на жител или 0,15 проценти од БДП.

Во групата Ц – земји со БДП по глава на жител меѓу 20 и 40 илјади евра сите одвојуваат повеќе од нас меѓу 50 и 150 евра по глава на жител, додека споредено по процент од БДП ниту една не одвојува повеќе од нас и се движат меѓу 0,21 и 0,38 проценти од БДП. Во оваа група е Словенија со 107,1 евро по глава на жител или 0,38 проценти од БДП, Италија со 100,6 евра по глава на жител или 0,31 процент од БДП и Франција со 77,2 евра по глава на жител или 0,20 проценти од БДП. 

Во групата Д – земји со БДП по глава на жител над 40 илјади евра земјите одвојуваат меѓу 80 и 250 евра по глава на жител или од 0,09 до 0,30 проценти од БДП. Во оваа група се Швајцарија со по 245,6 евра по глава на жител или 0,28 проценти од БДП, Луксембург со по 194 евра по глава на жител или 0,16 проценти од БДП, Австрија со 141 евро по глава на жител или 0,29 проценти од БДП, Германија со 136,1 евро по глава на жител или 0,30 проценти од БДП и Данска со 96,7 евра по глава на жител или 0,15 проценти од БДП. 

Генерално повеќе од две третини од правосудниот буџет на земјите оди за плати, нешто помалку од 10 отсто за судските згради, речиси 6 отсто за компјутеризација, а само 0,6 за обуки и едукација. Во споредба со претходниот извештај, најголем раст од 54 проценти има во буџетот за обуки и едукација и компјутеризација 24 отсто. Буџетот за плати има раст од 10 отсто, додека инвестирањето во нови згради и простории има намалување од 40 отсто. 

За десет години бројот на судии е намален за една третина, но се уште е над европскиот просек 

Бројот на професионални судии во земјава е намален за еден третина во десет години од 32,4 судии на 100 000 жители во 2012 година, на 22,3 судии во 2022 година. Во меѓувреме европскиот просек е константен на 17,6 судии на 100 000 жители. Генерално источноевропските земји се над европскиот просек, додека западноевропските под европскиот просек на судии на 100 илјади жители. Па така, Англија и Велс имаат по тројца судии на 100 илјади жители, Франција и Шпанија по 11, Италија 12, додека Германија 24,7 судии на 100 илјади жители. 

Од земјите во регионот само Албанија има помалку судии од нас, по 11,4 на 100 илјади жители, потоа следат Босна и Херцеговина со 29, Бугарија со 33,9, Грција со 37, Србија со 39,1 и Хрватска и Црна Гора со по 42,4 судии на 100 илади жители. 

Земјите со повеќе професионални судии, исто така, имаат и повеќе судска администрација. Просечниот европски сооднос е околу 4 вработени во судска администрација на 1 судија, додека кај нас тој изнесува 5 на 1 судија. 

Со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. Најмногу обвинители имаат Бугарија, Латвија и Молдавија – над 23, додека најмалку Франција и Ирска под 3 јавни обвинители на 100 илјади жители. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано