Општество

ФИЛОЗОФИЈА: Сабато и Борхес

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.

Сабато е лево, Борхес e десно

 

Фасцинираат средбите на големите умови. Некои се во реално време, простор, место, како средбата на Тесла и Вивикананда, на Тесла и Марк Твен, на Ајнштајн и Тагоре, на Платон и Аристотел, на Сабато и Борхес, други пак се вонвременски, во светот на идеите и преку делата на мислителите, многу децении и векови подоцна од појавата на оригиналната идеја − како филозофијата на Хераклит и надоврзувањето и разработката на идејата на Хераклит во филозофскиот систем на Хегел. Како Витгенштајн и Толстој. Како Лајбниц и Волтер. Текстот пред вас е посветен на уште едно големо пријателство и средба на два генијални мислители, латиноамерикански писатели и филозофи, Аргентинците Сабато и Борхес.
Ернесто Сабато (1911 − 2011) е роден во Рохас, провинција на Буенос Аирес, во семејство на италијански емигранти од Калабрија. Студирал на Универзитетот во Ла Плата и се стекнал со докторати од областа на физиката и на филозофијата. За време на студиите бил политички активен, најнапред како член на анархистичка организација, а подоцна и како член на Комунистичката партија. Едно време работел како физичар во лабораторијата на Марија Кири во Париз, а градел и универзитетска кариера како професор по физика на Универзитетот во Ла Плата и на Универзитетот во Буенос Аирес сè до 1945 г. кога ги напушта науката и професорското место и се посветува на литература и на пишување. Сабато напишал само три романа кои меѓусебно се поврзани во трилогија: „Тунел“, „За јунаците и гробовите“ и „Абадон, ангелот на уништувањето“. Напишал повеќе ракописи и новели од трите објавени, но ги запалил. Сакал да го уништи и ремек-делото „За јунаците и гробовите“, но благодарејќи на сопругата на Сабато спасено е од уништување по што го убедила да го објави. Сабато, меѓу другото, е заслужен и за превод и за промоција на творештвото на францускиот филозоф и писател, егзистенцијалист, Алберт Ками.
Хорхе Луис Борхес (1899 – 1986) е роден во предградие на Буенос Аирес во семејство на добро образована средна класа. Семејството често се селело во Европа, во Франција и во Швајцарија, па повторно се враќало во Аргентина. На деветгодишна возраст превел дело на Оскар Вајлд, а на единаесет во оригинал, на англиски, го читал Шекспир. Во 1950 г. Борхес бил избран за претседател на Друштвото на аргетинските писатели, во 1955 г. бил именуван за директор на Националната библиотека и истата година за професор по англиска литература на Универзитетот во Буенос Аирес. На 55-годишна возраст потполно го загубил видот и никогаш не ја научил Брајовата азбука. Неговата мајка сè до нејзината смрт му била лична секретарка која е заслужна за запишување и за редакција на богатите фантазмагорични наративи, всушност филозофски размисли на Борхес, стил за кој критичарот Анхел Флорес ќе го нарече „магичен реализам“. Борхес не само што бил есеист, новелист, сценарист, поет, писател и преведувач особено заслужен за преводите на делата на Артур Шопенхауер, туку и сиот свој живот се борел против тоталитаризмот, фашизмот и марксизмот. Иако го сметале за либерал, тој во една прилика изјавил дека е анархист. Сепак, неговите политички ставови се комплексни и тешко определиви. Еден период од својот живот молчел, аполитично се држел настрана за разлика од Сабато кој бил активен и жесток во критиките на властите во Аргентина.
Двата џина на аргетинската и на светската литература, филозофи по вокација, долго време биле отуѓени. Нивното пријателство било „замрзнато“ цели 20 г. За тоа време немале никаква приватна комуникација, не размениле ниту збор или писмена преписка, а причината за тој амбис, за кој Борхес сметал дека е непремостлив, била разликата во политички ставови, идеологии, активизам наспроти аполитичност. Пријателството меѓу нив датирало уште од младоста кога со часови знаеле да поминат во долги разговори на филозофски теми. И потоа, пауза. Како времето да го притиснало копчето „за стоп“. Им се одвоиле патиштата. Отуѓеноста била прекината по случајна средба во центарот на Буенос Аирес во една книжарница каде што Борхес потпишувал книги, а Сабато случајно поминувал. Тогаш се случило нешто необично, некои посетители во долгата редица пред книжарницата чекајќи на автограм и на посвета излегле од редот и му пришле на Сабато замолувајќи го тој да им се потпише. Така во книга на Борехес може да се најде потпис на Сабато и денес тоа се ексклузивни примероци на книги по кои трагаат аргентинските колекционери. Сабато прв пришол и го поздравил Борхес, а Борхес се исправил и топло го прегрнал.
Следната средба била договорена. На иницијатива и во организација на новинарот и писател Орландо Барон. Двајцата корифеи се согласиле на средба во името на Аргентина, на милиони читатели, на аргентински фанови, на идните генерации на писатели, на филозофијата и на литературата. Тоа зимско утро, 1975 год., во познато кафуле во центарот на Буенос Аирес за првпат по подолг период се сретнале Сабато и Борхес. На фотографијата која подоцна ќе го обиколи светот, „аргентинските пера“ седат мошне блиску, еден до друг, на тесната дрвена масичка, речиси лице в лице, а во кадар е сликан и подот од кафулето, црно-бели коцкести плочки кои како шаховски полиња симболично ја пресликуваат атмосферата. Борхес пие виски, а Сабато вода. Третиот присутен е Орландо Барон кој го снимил разговорот на касетофон, од оние старите модели со ленти, и при тоа фаќал забелешки. Двајцата изгледаат старо и изнемоштено, пишува Барон, наведнати се еден кон друг и речиси се допираат со рамениците. Борхес се потпира на бастун (веќе е целосно слеп), облечен е во триделен костум со вратоврска, а Сабато е лежерно, во палто и носи темни очила за сонце. Разговорот го започнува Борхес, извинувајќи се за одамнешното мислење за творештвото на Сервантес. Рекол: „Сабато, го сменив мислењето за Сервантес, тој е одличен писател!“ Разговарале долго за метафизички прашања, за нумерологија, за питагорејство, за Бог, за кинематографија, спонтано и надреално. Токму тој запис од разговорот подоцна е преточен во дело. Денот кога за прв пат седнале Сабато и Борхес е историска средба. По неа, Борхес ќе живее уште 10 год., заминувајќи во вечноста на зрела возраст, на 87 години, а Сабато многу години подоцна, во 2011 г., на неколку недели пред неговиот 100-ти роденден.
Којзнае, можеби сè уште пријателствуваат и разговараат во вечноста.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано