Општество
Уште еднаш за бугарскиот јазол запетлан со Протоколот, со Преговарачката рамка...
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2024г.
Повеќе пати на страниците на Економија и бизнис се осврнав на билатералните договори со Грција и со Бугарија и особено за важноста од нивна доследна имплементација, во добра волја и со меѓусебно разбирање, но и целосна заштита на нашите државни и национални интереси. Сепак, разрешница и разврска на јазолот кој го запетлавме сè уште нема, а без тоа нема да има заокружување на првата Меѓувладина конференција и отворање на кластерот Фундаменти.
Како резултат на застојот во процесот расте евроскептицизмот, се зголемуваат фрустрациите и расте тензијата во нашево кревко мултиетничко општество и потенцијалот за продлабочување на разликите и на поделбите. Во вакви услови на несигурна перспектива и без позитивна енергија и ентузијазам во општеството, реформи не се прават.
За решение на јазолот кој го запетлавме делумно и самите ние, со голема помош на нашите соседи членки на ЕУ, но и на ЕУ-институциите, со правење или неправење кога беше најпотребно или правење во погрешно време, сега треба да се вратиме наназад по истиот пат и да се обидеме да го отплеткаме јазолот. Волшебна формула нема, гаранции за успех нема бидејќи заплеткувајќи го јазолот се заплеткаа и многу интереси како национални, државни, политички, но и лични.
Без да навлегувам длабоко во историските причини или во анализа на двата билатерални договори, со Бугарија и со Грција, ќе се задржам само на оние моменти и елементи кои ми се поблиски до мојата експертиза, а за кои сметам дека се важни за да се разбере подобро како е заплеткан јазолот.
Ќе тргнам од 25 март 2020 година, во екот на ковид пандемијата, кога по долги години неправедно чекање пред вратите на ЕУ (блокада од Грција од 2009 до 2018 г., како и блокадата од Франција во 2019 година), конечно беше донесена едногласна Одлука од страна на Советот на ЕУ, потврдена и од Европскиот совет, да бидат започнати пристапните преговори со нас. На истиот Совет на ЕУ беше прифатена и Новата методологија за пристапни преговори со кои се прошири платформата за дискрециони политички одлуки за секој нареден чекор во преговорите, а со тоа и на проширувањето. Таа недела во март 2020 г. станавме и 30. полноправна членка на НАТО, исто така по долги години чекање и блокирање.
Но, помина малку наивно од наша страна фактот дека Одлуката за почеток на пристапните преговори не беше безусловна, туку кон Одлуката и Записникот од Советот на ЕУ беа приложени и условите испорачани од страна на Бугарија, во форма на Изјава, за кои се најави дека ќе бидат и нивни позиции при дефинирањето на генералните ЕУ-позиции и на Преговарачката рамка за пристапните преговори со Македонија. Во Изјавата јасно беа рефлектирани рамковните позиции на Владата на Бугарија од октомври 2019 година, кои беа прифатени и од Собранието на Бугарија во форма на Декларација, за да се покаже нивното единство за македонското прашање. Интересно е дека во тој момент Бугарија не инсистираше на уставни промени, туку инсистираше на имплементација на уставните измени поради Преспанскиот договор (?).
Од овој момент, март 2020 година, па наваму, Бугарија со поддршка на неколку други членки на ЕУ поради нивни други интереси се насочија кон „европеизација“ на билатералните прашања. Обид за зачувување на пристапниот процес и „одбрана“ од негова билатеризација, односно заштита на Преговарачката рамка од внесување на билатерални прашања направија Германија (2020) и Португалија (2021), но безуспешно. Нивните предлози беа прифатени од наша, но одбиени од страна на Бугарија. Во меѓувреме Бугарија направи друг обид за внесување на историските прашања во заклучоците на Советот на ЕУ, што наиде на остри реакции од страна на Словачка и на Чешка, а засегнати беа и неколку други земји членки кои имаат сè уште отворени историски прашања меѓу себе.
Во тој период (2021 − 2022), Бугарија иако во константна политичка криза и повторување на парламентарните избори, сега преку претседателот Радев, направи редизајн на нивните билатерални барања, односно ги стави во втор план историските прашања (иако не се откажа од нив) и во преден план почна да ги истакнува заштитата на правата на поединци припадници на малцинствата (само на територијата на Македонија) и говорот на омраза. Кај земјите членки оваа тактика помина полесно и наиде на (премолчено) одобрување. Иако дотогаш не стануваше збор за барање за промена на нашиот Устав и вметнување на бугарското малцинство во преамбулата и соодветна адаптација на нашиот Устав, од тој момент натаму во текот на преговорите под покровителство на француското претседавање со Советот на ЕУ, барањето за промена на Уставот стана главен бугарски приоритет. Причините за тоа се многу комплексни и заслужуваат посебна детална и стручна елаборација, но факт е дека ние не сторивме доволно за да ги објасниме кај земјите членки на ЕУ нашите позиции и стравови од билатерализацијата на европските пристапни преговори.
За волја на вистината, се дефинираа и се исцртаа црвените линии и од наша страна во однос на пристапните преговори и чекорите поврзани со процесот во форма на Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од страна на Собранието на 29 јули 2021 година. Иако усвоена со огромно мнозинство, за жал, оваа Резолуција не го издржа товарот на политички притисоци во текот на преговорите за „францускиот предлог“.
Да не заборавиме дека Преговарачката рамка е документ во исклучива надлежност на ЕУ и на нејзините членки и не е предмет на преговори со нас. Од нас само зависеше дали ќе прифатиме да преговараме под дадените услови или не. Во јуни 2022 година, Владата во Брисел кажа јасно „не“ за францускиот предлог, држејќи се до црвените линии од Резолуцијата од јули 2021 година. Сепак, на крајот се чини дека на моќта на Франција не можевме да ѝ се спротивставиме. Политичката влада на Петков и цврстиот став на Радев, бетонирани во јануари 2022 година, преку ставовите на консултативниот Национален совет на Бугарија, Франција успеа да ги вметна, во затскриена форма, во Преговарачката рамка на ЕУ. Се дефинираше политички многу комплексна рамка на испреплетени документи тргнувајќи од Протоколот 2, заклучоците на Советот на ЕУ и Нацрт-генералната позиција на ЕУ, како и Заедничката позиција на ЕУ за првата политичка Меѓувладина конференција, вклучително и низа унилатерални изјави. Факт е дека ние не реагиравме соодветно и резолутно, а моравме.
Настаните почнаа да се редат како на лента. Набрзина се реализираа внатрешни консултации во земјата, но без содржина бидејќи клучните документи кои беа предмет на расправа беа недостапни за јавноста, за експертите, па дури и за голем дел од политичките чинители.
На 16 јули 2022 година, Собранието донесе заклучоци според кои се задолжува Владата да ги продолжи разговорите со цел да се усвои Преговарачката рамка (од страна на ЕУ), но и да се придржува до црвените линии од Резолуцијата на Собранието од јули 2021 година, а билатералните прашања да не бидат одредници при отворањето и затворањето на поглавјата и на кластерите. Според моја проценка, добар дел од овие заклучоци се прекршени, а дел од нив се сè уште во важност.
Истиот ден, на 16 јули 2022 година, Владата на посебна седница го утврди текстот на Отворачката изјава за првата политичка Меѓувладина конференција, односно се прифатија условите за преговори од Нацрт-преговарачката рамка и воедно се даде согласност за потпишување на Протоколот 2. Грешка која има силни негативни последици по нашиот евроинтегративен процес. Во Протоколот е децидно наведена обврската која ја прифативме, а тоа се уставни измени и соодветно внесување на бугарското малцинство во него.
На 17 јули 2022 година, во Софија, Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија предводена од министрите за надворешни работи, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, е официјално потпишан за што веднаш е информиран и Советот на ЕУ.
На 18 јули, Советот на ЕУ усвојува низа заклучоци (за нас и за Албанија), со кои се дава согласност за генералната ЕУ-позиција чиј составен дел е и Преговарачката рамка за преговори со Македонија како резултат на фактот дека Бугарија го отстрани ветото на текстот на Преговарачката рамка откако беше потпишан Протоколот 2. Притоа заклучоците се поврзуваат експлицитно со член 12 од билатералниот договор кој, пак, секогаш ќе резултира со Протокол од тие средби на Заедничката меѓувладина комисија која треба да се состанува еднаш годишно. Со овие заклучоци, исто така, се бара од Македонија промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство.
На 19 јули се случи првата (политичка) Меѓувладина конференција со која формално правно се отворија пристапните преговори и која ќе остане отворена сè додека траат преговорите. Но, првата МВК ќе се смета за заокружена само доколку се исполни политичката одредница и се усвојат уставните измени.
За јазолот да биде поцврст, во усвоената Преговарачка рамка, во Кластерот Фундаменти, кој се отвора прв и се затвора последен на крајот од пристапните преговори, се бара од нас (имплицитно од Бугарија) во делот за Владеење на правото кон Патоказот да се додаде и Акциски план за заштита на правата на поединци кои припаѓаат на малцинства или на заедници. Патоказот за владеење на правото, а сега и Акцискиот план, е одредница за отворање на Кластерот Фундаменти, но уште позначајно е што тој ќе подлежи и на дефинирање на времени одредници. Само како илустрација, времените одредници се точката на прекршување која штом ќе ја поминете ви го отвора патот за брзо завршување на преговорите (случајот со Црна Гора).
За да се отпетла јазолот, нема друг начин освен да се започне од крајот, односно од Акцискиот план за заштита на правата на поединци припадници на малцинствата или на заедниците, кој е прилог кон Патоказот за владеење на правото. Првиот чекор е отстранување на стравовите од билатерализација на овие документи и обврски, што би било еден вид гаранција дека нема дополнително да се обремени процесот со барањата поврзани со Протоколот 2. Според мое видување, доколку Акцискиот план се одбрани од контаминација со историски прашања, би можеле да сметаме на продолжување и на пристапните преговори, односно уставни измени и заокружување на првата Меѓувладина конференција со отворање на Кластерот Фундаменти.
Имено, оваа година веќе се одржа Меѓувладина конференција (МВК) со Албанија (на 15.10.2024 г. се отвори кластерот Фундаменти), се најавува одржување на МВК со Црна Гора (затворање на најмалку 4 поглавја), можно е одржување на МВК и со Србија (отворање на Кластер 3), со што само со Македонија од земјите од регионот со кои се отворени преговорите нема да се реализира МВК. Тоа има потенцијал да создаде дополнителна фрустрација и чувство на запоставеност (слеп колосек).
Треба да се искористи унгарското претседавање, и покрај сите анимозитети во рамките на ЕУ кон нив, сепак тие се претседавачи и го диктираат дневниот ред за секој Совет на ЕУ, вклучително и за одржување на политичка МВК. Во меѓувреме треба да се затвори постапката која ја водиме со Европската комисија за ОБАР (Мислењето на ЕК за одредниците за отворање на Кластерот Фундаменти), што вклучува Патоказ за владеење на правото придружен со Акциски план за заштита на правата на малцинствата или на заедниците и Патоказ за реформа на јавната администрација. Како што нагласив и претходно, особено е важно да се дефинира прецизно Акцискиот план, тој е клучот од кој треба да се започне градењето на браната (гаранциите) од билатералните притисоци.
Треба да се земе предвид дека доколку се даде согласност за одржување на политичка МВК за нас и доколку до тогаш е позната и новата политичка влада во Бугарија, може да се искористи моментот за афирмирање на нашите позиции, не за промена на Преговарачката рамка, туку за нов Протокол (3) со кој би ги смириле анимозитетите и би ја ублажиле реториката кон Бугарија. При тоа е клучно да се лобира соодветно за поддршка на нашите позиции за дифузија на билатералните односи. Тогаш може да се надеваме на појасна процедура и гаранции како предуслов за промена на Уставот.
Дополнителни елементи кои може да се користат при лобирањето е активирање на новиот состав на Комисијата за историски и образовни прашања, утврдување на заеднички правила за следење и за елиминирање на говорот на омраза, нагласување на јасната определба за завршување на Коридорот 8 (од двете страни), отворање на граничниот премин Клепало, активирање на Комисијата за економска соработка, афирмација на прекуграничната соработка, твининг проект со бугарска институција преку ИПА итн.
Да го фатиме чекорот.