Општество
УБАВИОТ ЗБОР: ПАТЕМ
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2024г.
Последниве две-три недели сѐ нешто сум на пат. Може да се каже и на одмор, ама не се задржувам никаде повеќе од три дена и две ноќи, па поблиску до вистината е исказот дека патувам. И добро ми е, не се жалам. Напротив. Ми проработе радоста за патување, за откривање, за доживување... ми проработе желбата за живот.
Тоа дека животот е пат е стара метафора која никогаш нема да стане истрошена ни излижана зашто кога животот ќе престане да биде пат и патување, ќе престане да биде и живеење. Ќе стане статична затвореност во време-простор или ако повеќе сакате − затвор. Иако и во затвор може да се живее и да се патува, во истото време, но во простор кој не е надвор од телото, ами внатре во него, по ливадите, по патеките, по планините и по улиците на умот. На човековиот дух.
На едно место во Новиот завет, Господ вели: „Јас сум патот, вистината и животот.“ Она што „е“, несфатливото и сеприсутното, и кое го именуваме како Бог, за себе вели дека е пат, вистина и живот. Тие три во едно. Можеби требаше да напишам „оној“, а не „она“, оти Бог е личност, ама во оној не се подразбира и онаа, па употребив среден род.
Како и да е, почнав за патот и за патувањата, па да дообразложам. Има два вида патувања, оние надвор и оние внатре во себе. Во надворешното и внатрешното време и простор. Оние кои се на првиот пат водат живот кој одамна на латински е наречен вита актива, a свртените кон патувањата во невидливата внатрешност на духот и на душата се во вита контемплатива. Видете, ако придодадеме овде и термини од психологијата, може да соопштиме дека во зависност од типот на личноста некој може да е екстровертен, да патува во конкретното, и интроветрен, односно да патува во внатрешното и во субјективното. Во светот на мислите. Ниеден човек не е ислучиво и само екстровертен или интровертен, секој ги има и едното и другото, но соодносот во кој се присутни кај него ја дава одредницата. Покрај тоа, истиот човек, со исто тело во просторот, може да биде со различни состојби на душата во различни периоди од животот (или годината, месецот, сеедно) и да биде воедно, но не и истовремено екстровертен и интровертен. Мое цврсто уверување е дека најдобра личност е хармонично развиената, онаа во која има сè и во која нема неумереност и преовладување на едно врз друго или други. Луѓето обично за јаки личности ги сметаат оние свои современици кои имаат силно изразени 2-3 карактерни црти, а тоа не се „јаки“ личности, туку поскоро карикатури од луѓе. Еве, само помислете што е карикатурата и веднаш ќе ви стане јасно.
Да се вратиме на патот. Еве, кога детето ми беше многу мало, уште бебе, имаше некоја интуитивна мудрост и совршенство кои се разумски несфатливи. Тој, малечкиот, уште не знаеше ни да оди ни да зборува, а сакаше да патува. Сакаше да го земам в раце или да го возам во количка и везден да го носам наваму-натаму, а тој покажуваше со рачето и се загледуваше воодушевено во предметите и во суштествата во окружението. Ѕидови, слики, врати, цвеќиња, чинии, лажици, треви, ливади, кученца, улици, паркови, книги, играчки..., а лицето сето му светнуваше кога кај него в соба или во видокругот ќе му влезеше друг човек, некој друг и нов што има лице како него. Тогаш се насмевнуваше. А најголема мака му беше да го ставиш да седи, на столче или во количка кога таа мирува. Почнуваше да вреска и да плаче. Оти малите деца не сакаат да седат мирно и да чмаат, сакаат да се во постојана игра и движење. И кога ептен ќе се изморат − заспиваат, им се губи свеста и се олабавуваат, и може да заспијат и во столче и на фотелја, ама најчесто в кревет. Спиењето е потребно, тогаш и се сонува, ама будната состојба е за пат и за патување, и тоа не само за децата... за секого. Машко или женско, стар или млад, особено за болен − за да оздрави. Лекар што препорачува многу одмор во вид на лежење − не разбира многу. Знам дека последново може да се дебатира и тоа е неспорно, но ограничен сум со број на зборови што ги собира на две страници, па ќе го оставам вака, малку недоискажано и нејасно. Битно дека е намерно, а не случајно.
Од мене совет ви е ова: движете се и патувајте, колку повеќе можете, и внатре во себе и надвор од себе, не е важна дистанцата, важно е самото патување, и не мирувајте оти внатрешниот мир не се стекнува со мирување, туку со патување. Јас да можам би патувал цел живот, секој ден од тој еден живот. А сакам. Тоа е сѐ што можам. Да сакам, па белки и ќе ми се даде. Чукам... да ми се отвори.