Општество
Убавиот збор: ХАЈЛЕНДЕР
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | 15 септември 2024г.
Еднаш кога сфати дека смртта нема да дојде по него, тој сосема се опушти. Проблемите на луѓето сега му изгледаа безначајни. Ја смени перспективата од која дотогаш го гледаше светот и како да се крена во воздух. Од сѐ поголема далечина ги набљудуваше настаните и појавите. Му стана потполно јасно дека перспективата е многу важна, поважна одошто можеше да се претпостави. Не е исто да се набљудува една работа од земјата или високо од небото. Тој сега така го набљудуваше целиот човечки род и сиот неговиот развој. Од сѐ поголема оддалеченост. Почна да се чувствува по малку божествено. Што е Бог ако не поглед од високо, низ илузиите на времето и просторот, како низ дурбин. Дистанцата, перспективата − од тоа зависи каква слика ќе ни се исцрта во умот. Категориите на времето го менуваа значењето на секој поим, на секое делче од животот. Миг, час, ден... вечност. Не беше сигурен дека во вечноста времето постои на начин на кој го разбираат луѓето, како праволиниско. Напротив, се движи во кругови.
Се чувствуваше како да застанал на прагот на вечноста, во некоја временска порта. Стоеше расчекорен преку тој праг, со едната нога во човечкото, а со другата во божественото, сосема подготвен за она што го очекува.
Времето е за луѓето од суштествена важност, но тие се свесни само за оној негов мал дел ограничен со раѓањето и со смртта. Во таа отсечка тие беа воспоставиле некој свој ред, некакви правила без кои би се чувствувале изгубено. Секое поместување на тој интервал, секое растегање да речеме, нивната перспектива ја прави апсурдна. На пример, кога му се роди синот тој веќе беше живеел триесет пати подолго од тоа мало бебе кое го држеше в раце. Дистанцата меѓу нив беше секогаш иста, секогаш одмерена со тие различни временски сфери во кои битисуваа. Но, како старееја, разликата полека исчезнуваше. Од перспективата на еден цел век, тие станаа речиси врсници. Разликата во нивните години стануваше сѐ повеќе безначајна. Понекогаш дури му се чинеше дека неговиот син старее побргу од него и дека можеби ќе дојде време повторно да се грижи за него како некогаш, кога беше дете. Син му толку многу остаре што му претставуваше тешкотија да биде помлад од него, од сопствениот татко.
„Татко“, му рече синот еден ден, „ми се чини дека јас стареам за двајцата, и за мене и за тебе. Ми изгледа како дури и да сум те престасал. Се чувствувам постаро од тебе. Како да доаѓа време ти да се грижиш за мене, а не јас за тебе. Те молам остави ми ја мене мојата старост, а ти стареј си сам. Не можам повеќе да те следам.“
Зборовите на синот го натераа на размислување. Што се случи со него?, се прашуваше. Дали е во прашање некоја грешка на универзумот? Некој погрешен генетски запис, аберација во кодот, поинаков биохемиски коктел во клетките?
Ги затвораше очите и замислуваше како седи во воз кој патува во непознато. Забревтаната локомотива сѐ побрзо јури преку пејзажот. Крајоликот на почеток беше сончев, зелен и послан со цвеќе за потоа да стане жолт, сув, опустен и на крај возот минуваше низ мрачна земја без живот. Одненадеж неговиот вагон испадна од колоната и остана крај шините, додека локомотивата продолжи напред со несмалена брзина влечејќи ги другите вагони полни луѓе како него. Но, тој остана крај шините. Стои и ги посматра забревтаните локомотиви кои постојано минуваат. Тие подеднакво брзо итаа кон истата крајна цел. Знаеше, пругата е еднонасочна. Никогаш ниедна локомотива не се вратила назад.
***
Имаше доволно време, па се посвети на темелно проучување на историското минато. На ѕидот залепи огромна карта на светот и на неа ги бележеше сите настани од историјата на цивилизацијата, дури и безначајните, сѐ што можеше да најде во старите, правливи книги. Човековото дејствување во времето е историја. Сакаше да разбере, да го воочи образецот на однесување што доведува до тоа човекот секогаш да ја повторува истата грешка која го прави минлив. Ги проучуваше и војните. Зошто луѓето непрекинато војуваат? Беше убеден дека променетата временска перспектива во која сега живееше ќе му даде одговор на тие прашања.
По некое време, посматрајќи ги другите како стареат и забрзано пропаѓаат, успеа да воочи некои мали отстапки, грешки, кои ги доведуваа до тој исход. Отстапките се зголемуваа, стануваа побројни и со текот на времето се насобираа. Ги разбра моментите во кои доаѓа до влошување. Стана свесен каде лежи причината за поразот на човекот во натпреварот со времето. Во неговата кусогледост.
Почна да вежба техники на медитација. Ни самиот не знаеше како доаѓа до нив. Некој внатрешен глас му ги обзнануваше. На пример, разви способност ментално да се врати во некој одреден период од својот живот. Да речеме, ќе се вратеше во своите триесетти години и можеше да живее и да се однесува како навистина да е на таа возраст. Телото на човек кој веќе има сто и десет години не му претставуваше пречка. Сè беше во умот. Се однесуваше како да има триесет и наоѓаше луѓе на исти години да се дружи со нив. Некои првин сметаа дека е чудно, дури бизарно, кога ќе им пристапеше старец кој се однесува и зборува како младич, но набрзо сфаќаа дека тука, сепак, не е сѐ онака како што изгледа и го прифаќаа.
Во едно од тие враќања назад ја запозна Дина, дваесетгодишна самохрана мајка, која сама се грижеше за своето бебе, Еми. На Дина не ѝ требаше многу време да го прифати. Живееше во еднособен студентски стан, дење обидувајќи се да студира, а ноќе работеше во еден бар како келнерка. Дина и Ема му станаа како фамилија. Ги забележуваше запрепастените погледи на минувачите на улица, шокот на нивните лица кога ќе ги видеа заедно, ги слушаше навредливите дофрлања од локалните мангупи, но сето тоа не го интересираше. Не обрнуваше внимание.
Една вечер, кога заминуваше од кај Дина, го сочекаа пред влезот. Беа тројца. Слабикави, невешти жолтоклунци, но вообразени и полни лажна важност. Тој во умот брзо ментално влезе во униформата која ја носеше во последната голема војна и полн со необична сила ги дофати и ги измава со таква жестина што беа расфрлани по улицата како отпадоци. Двајца со расечени лица и искината облека одвај се придигнаа од земја, се собраа и избегаа од лице место, влечејќи го на раце третиот. До крајот на улицата се вртеа и ѕуреа во него со страв и со ужас. Оттогаш никој веќе не се осмели да го погледне попреку, а камоли да направи нешто повеќе. Дина во квартот сега ја третираа како кралица. Луѓето ја пропуштаа во ред на каса, љубезно ја поздравуваа, ѝ нудеа помош, можеби да ѝ го причуваат бебето додека е на работа.
Сепак, една личност беше исклучок од ова правило. Една недела отидоа тројцата во Луна парк. Додека купуваше билети за големото панорамско тркало, Дина и Еми го чекаа. И токму кога стаса назад со билетите, погледот му запре на едно лице во навалицата. Човекот седеше на маса во локалната кафеана и го гледаше со очи ширум отворени од изненадување. Беше тоа неговиот син. Никогаш немаше видено таква запрепастеност кај сопственото дете, ако може така да се нарече човек од осумдесетина години. Му мавна со раката за поздрав, па се качи со Дина и со бебето во корпата од тркалото, која веднаш се крена во вис. Кога беше на врвот, погледна надолу. Перспективата веќе му беше позната, од високо работите секогаш се појасни. Неговиот син во меѓувреме стана и збунето зачекори како да сака да тргне кон него, но се предомисли и остана да стои гледајќи го од долу. Од загриженост, како му се причини, му падна долната вилица со вештачкото забало. Погрешна му е перспективата, си мислеше тој. Нема ништо да разбере.
„Тато“, му се јави синот наредниот ден по телефон. „Која ти е таа жена?“
„Пријателка“, му одговори мирно. Не му се допаѓаше како звучи она, „ти е“.
„Пријателка? Тато, прости ми, но таа жена е помлада дури и од твојата правнука.“
„И што сакаш со тоа да кажеш?“
„Не знам што да мислам за вас. За тебе и за неа.“
„Па немој воопшто да мислиш. Не постоиме ние. Постои таа и постојам јас, но не и ние. Погрешна ти е перспективата.“
„Да, но... Ама за каква перспектива ми зборуваш?“
„Нема тука никакво но. И да се обидам, не би успеал ништо да ти објаснам. Нели ти сакаше секој да старее сам, на свој начин?“
„Тато, мислам дека нема тука никаква мистерија за објаснување. Знаеш како се вели, нема таква будала како стара будала.“
„Внимавај, стануваш вулгарен и безобразен, а тоа не ти личи на годините.“
„Не ми личи на моите години? Ти се подбиваш ли со мене? Ти забранувам...“
Тој ја прекина линијата. Зборовите на син му останаа да висат во воздухот.
Како да му објасни?, се запраша. Како да му објасни дека тој никогаш нема да остари повеќе од ова, дека времето за него запре кога откри сосема поинаква перспектива од која може да го живее... и дека е сега во празен вагон кој испаднал од композицијата зад локомотивата која се движела по неговата животна линија, на релација од лулката до гробот. Оставен е да стои мирно во полето крај шините додека покрај него јурат возовите еден по друг, носејќи ги сите останати во амбис.
Но, тој самиот повеќе нема да патува.
Во младоста гледаше еден филм за човек кој никогаш не умира. Тој е сега таков човек, хајлендер. Хајлендер е повик, духовна задача, се присети. Од каде ли да започне?, се праша расположено.