Финансии / Банкарство
ВО ТУРЦИЈА ЦИРКУЛИРА ГОЛЕМА КОЛИЧИНА НА ФАЛСИФИКУВАНИ ДОЛАРИ?
09.12.2024
Во Турција циркулира голема количина на фалсификувани банкноти од американскиот долар, а медиумите во оваа земја пишуваат за сума од 600 милиони лажни долари. Трговците во Турција споменуваат дека фалсификуваните долари се со добра изработка и потешко се препознаваат.
- Лажните банкноти се печатат на вистинска хартија за изработка на долари. Вакви случаи последен пат имавме во времето на Садам Хусеин, вели еден златар за турскиот весник „Хуриет“.
Нема информации дали зад оваа „фискална“ акција стои некоја држава. Лажните долари се во иста големина како и оригиналните банкноти, а има и примери кога на банкнота од еден долар се печати поголема вредност. Повеќето од овие фалсификати се стари банкноти од 100 долари и нови од 50 долари.
Некои од менувачниците во Турција одбиваат да менуваат долари, а некои бараат дополнителна провизија од 10 отсто. Ова го отежнува плаќањето меѓу фирмите, бидејќи многу од нив ги наплаќаат услугите и испораките во готово во странска валута, поради високата инфлација во земјата. Доколку трансакцијата се извршува електронски, извозните компании се обврзани 30 отсто од сумата да ја променат во турската лира, според официјалниот девизен курс.
Владата во Анкара најави брза истрага и веќе се уапсени пет лица кои се осомничени за дистрибуција на фалсификувани долари, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic