Општество
ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ДА БИДЕ ПАРТНЕР НА СЕКОЈ ГРАЃАНИН, годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација
10.12.2024
Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели, ниту пак статисти во процесите, туку фактори за развој и решавање на проблемите. Ова го истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.
Преку Министерството за локална самоуправа се менаџира процесот кој како Влада го реализираме за 250 милиони евра капитални инвестиции, каде пари имаат добиено сите општини што ги исполнија условите, со што покажуваме дека за нас приоритет е локалниот развој, подвлече тој.
Премиерот истакна дека локалната самоуправа е срцето на локалниот развој. Таа е тука, рече, да ги препознае и задоволи потребите на секој граѓанин, да го унапреди животот во нашите општини и да обезбеди услуги кои се брзи, ефикасни и достапни за сите.
Визијата, е, подвлече тој, да се изгради локална самоуправа што ќе биде вистински партнер на секој граѓанин. Да се создадат услови каде општините нема да бидат само администратори, туку активни двигатели на економскиот раст, на иновациите и на социјалната кохезија.
Мицкоски потсети дека Министерството за локална самоуправа отпочна со постапка за консултации на нов закон за локална самоуправа, со што, како што рече, ќе се надминат сите недостатоци и ќе се инкорпорираат искуствата од праксата.
- Локалната самоуправа не е само ниво на власт. Таа е симбол на нашиот заеднички стремеж за подобар живот. Таа е инструмент преку кој граѓаните ја реализираат својата моќ и визија за подобро утре. Ајде сите заедно, без разлика на политичките, етничките или географските разлики, да вложиме напори за силни и успешни општини кои ќе бидат гордост на нашата држава, порача премиерот.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински рече дека создавањето на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните се клучни приоритети на оваа Влада. Перински додаде дека од самиот почеток биле идентификувани клучните предизвици со кои се соочуваат општините. Се осврна и на финансирањето на 274 капитални инфраструктурни проекти, а за директната поддршка рече дека ќе продолжи и догодина. За, како што додаде, инфраструктурен развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Перински исто така проговори и за отпочнатиот процес за унапредување на Законот за локална самоуправа со цел да се врати можноста за отповик на градоначалник. Да се обезбеди, како што рече, механизам за засилен комунален ред и надзор, како и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките, што е смислата на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, министерот рече дека акцентот е ставен на Ресурсниот центар за поддршка на општините и за нивна дигитализација.
- Децентрализацијата е клучна за аспирациите на Северна Македонија кон Европската Унија, со тоа што се јакнат демократијата, локалните самоуправи, се подобрува управувањето и се обезбедува повеќе средства од даночните обврзници, се негува регионалниот развој, рече меѓу другото, амбасадорката на Шведска во земјава, Ами Ларсон Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман истакна дека на конференцијата се за да зборуваат за децентрализацијата и за локалните власти.
- Како што знаете, Швајцарија е силно децентрализирана држава и сметаме дека на тој начин може да се обезбеди подобар пристап за граѓаните до услугите што ги нудат локалните власти, а во исто време да се зголеми довербата на граѓаните во работата на властите. Ние уште од самиот почеток работиме на реформите во локалната самоуправа и децентрализацијата и досега е направено многу, меѓутоа сакаме да обезбедиме и постигнатите резултати да бидат одржливи, на што ќе се фокусираме во иднина, подвлече Улман во изјава за медиумите.
Таа напомена и некои предизвици со што се соочувале.
- Прво, да се подобрат ресурсите и капацитетите на локалните власти со цел да се обезбедат подобри услуги за граѓаните. Второ, да се подобри дијалогот меѓу централната и локалните власти. Трето, на што веќе работиме, тоа е обука на советниците во општините, но, исто така треба да се изгради и одржлив систем за обука на сите нови општински советници што ќе следат. На крај да кажам неколку збора што е сржта на децентрализацијата. Тоа е градење капацитети на локалните власти, ефикасно користење финансиски средства, отчетност и транспарентност и учество на граѓаните и сите засегнати страни во локалната власт, додаде амбасадорката на Швајцарија, пренесе МИА.