Општество
ФИЛОЗОФИЈА: За емоциите
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Фридрих II (1194 – 1250), крал на Сицилија, на Германија, на Ерусалим, во историјата запаметен како толерантен владетел, сепак многу повеќе е попознат по суровиот експеримент со кој ја „устоличил“ немилосрдната глад и љубопитност за знаење за светот, филозофски наречена епистеме. Денес Универзитет во Италија, Неапол, го носи неговото име. Во што се состоел Фридриксовиот експеримент? Најмил неколку дадилки доилки кои имале задача да ги задоволат примарните потреби на избрани доенчиња сирачиња, како доење и хигиена, при што им било забрането да комуницираат со нив, да им зборуваат на кој било јазик, вклучително и да им покажат и да им дадат емоција на топлина, на радост, на грижа, на љубов. Експериментот го надгледувал монах кој ги запишувал реакциите на доенчињата, како и нивниот развој и му ги пренесувал на Фридрих кој бил љубопитен да спознае кој е првиот човечки јазик, оној на Адам и на Ева. Исходот од експериментот е катастрофален и суров. Страшен. Сите доенчиња починале од желба за допир, за емоција на топлина, на љубов, како и од потреба за говор, за глаголење, за вербално учење и за комуникација.
Денес предмет на научен интерес, од психологија до психијатрија, се емоциите – постои и правец во психологијата наречен емоционална интелигенција (автори се Џек Мејер и Питер Саловеј), интелигенција која во научната сфера веќе се вреднува како повисока и позначајна за среќата на човекот од когнитивната интелигенција. Под емоционална интелигенција авторите подразбираат способност за подобро и за попрецизно осознавање и разбирање на сопствените емоции како услов за разбирање и за емпатија на туѓите, на другите, со цел посреќен живот и подобра заедница. Фактот дека емоциите се присутни и кај современиот човек е непобитен, но дали се емоциите еволутивни, дали им се менува интензитетот, намалува или зголемува, што е со начинот на искажување − формата – и тоа во услови на супертехнолошки и комуникациски развој − се отворени прашања. Ќе наведам пример познат во стручната литература како „камионџијата и жената“. На автопат жена возела споро на главна лента при што камионџија се обидувал да ја претекне, но поради густиот сообраќај не успевал. Ѝ свирел, ѝ сигнализирал дека претставува опасност за сообраќајот и тогаш се случило нешто крајно необично. Камионџијата успеал да излезе од колоната и да вози паралелно со неа при што ѝ упатил изливи на бес по што изгубил контрола и го загубил животот. Не бил под дејство на психотропни супстанции, ниту алкохол. Невозењето побрзо за него значело непочитување на сообраќајниот ред, непочитување на работно место шофер, непочитување на време и на личност. Жената е осудена.
Во историјата на филозофијата за бесот како емоција пишува уште Марко Аврелиј, римски император и филозоф, во делото кое најчесто се преведува како „Размислувања“, напишано меѓу 171 и 173 г. Пишува „започнете го денот така што ќе си речете денес ќе се сретнам со туѓото мешање во моите работи, со неблагодарност, со дрскост, со предавство, со злоба и со себичност... Но, што се однесува до мене јас одамна сум ја увидел природата на доброто и нејзината благородност, природата на злото и нејзината злорадост, како и природата на самиот грешник кој ми е брат.“ Марко Аврелиј бил стоик, претставник на школа и на правец во филозофијата што се задржале цели пет века на историската сцена. Стоицизмот како и епикуреизмот датираат од времето на Зенон и на Епикур, основачите на двата филозофски правца во филозофијата кои се занимавале со длабока анализа на емоциите кои ги нарекле афекти, а со цел градење и создавање на пракса на живеење. Епикурејците и стоиците се разликувале во многу нешта, но сепак се согласувале во тоа дека суштината на исправниот живот подразбира доброта и љубезност, пријателство спрема другиот, со други зборови разбирање на сопствените емоции и завладување со нив во себе, со таа разлика што едните, епикурејците, сметале дека треба да се задоволат нашите телесни потреби при што тоа што ни причинува задоволство да се прави, а болка да се отфрла, со акцент дека духовните потреби се позначајни, а стоиците сметале дека треба да се истрае и да се трпи во животот и да се издигне над судбината. И епикурејците и стоиците своите согледби ги засновале врз гледиштата на претсократовците, на Платон и на Аристотел. Демокрит, првиот антички „атомист“ познат по Теоријата на поделба на материјата на најситни неделиви честички кои ги нарекува атоми, пишува „медицината ги лекува болестите на телото, а мудроста ја ослободува душата од емоциите“. Платон, пак, дава еден вид решение според кое треба да се ослободиме од човечката пречувствителност и да тргнеме во потрага по „доброто“ како плод на размислување. Аристотел за афектите подоцна во историјата именувани како емоции смета дека треба да ги самоеваулираме. Што значи тоа? Одредени емоции зависат од видот на еваулација или проценка на одредена ситуација, значи анализа на стварноста бидејќи на пр. некој ни се смее во знак на симпатија и на пријатност, но друг во знак на сараказам и на иронија. Ако е познато дека емоциите најчесто се јавуваат тогаш кога нашите внатрешни интереси ќе се судрат или ќе се вкрстат со надворешниот свет, значи емоциите се посебен начин на размислување во даден момент, филозофите од антиката токму тој момент на „реакција“ ни советуваат да го контролираме, да ги облагородиме, да ги култивираме нашите емоции и да бидеме разумни со што ќе се надмине ситуацијата. Значи филозофите од антиката биле „првите роботи“. Шега на страна, емоцијата постои како константа на човечката природа со милениуми и со епохи, и тоа е неспорен факт во прилог на тоа дека човечката природа е неменлива за што ни зборува и „Фридриксовиот експеримент“ според кој „човечкиот јазик“ на почетокот беше емоцијата на љубов и зборот.