Општество

Историјата чука на вратата на Европа: Европската Унија и новите геополитички предизвици

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент, по повод преземањето на вториот мандат како претседател на Европската комисија, ново-стариот претседател Урсула вон дер Лејен се повика на зборовите на големиот Жак Делор при преземањето на неговиот втор мандат при падот на Берлинскиот ѕид кој рече: „Се соочуваме со потреба од фундаментален избор. Историјата чука на вратата на Европа.“ Не можев да смислам посоодветна изјава со која би ја отсликал моменталната состојба во која се наоѓа Европа, а и ние, Македонија, како нераскинлив дел од Европа, и географски, и историски, и културолошки, и економски. Нема ниеден момент од нашава историја, во добро и во лошо, кој не бил поврзан со судбината на Европа, а со тоа и на Европската Унија и на НАТО, односно со нашите стратешки евроатлантски партнери. Друг избор ниту сме имале ниту ќе имаме.

Историјата се повторува. Големото прашање е дали ги научивме лекциите од минатото и дали успеавме да ги воспитаме и да ги образуваме идните генерации да препознаваат лага од вистина, добро од зло, искреност од лицемерие, патриотизам од суров и ретрограден национализам, агресија од компромиси, од емпатија. Месеците и годините пред нас ќе ни дадат суров одговор и ќе ни ја испорачаат сметката, а секоја сметка на крајот некој ќе мора да ја „плати“. Живееме во времиња кога одлуките не се носат заради идеолошко-политичка цел, туку заради опстанокот на државата и затоа имаат посебна тежина. Во овие времиња грешките не се дозволени бидејќи може да имаат кобни последици. Може моите зборови да звучат драматично, но оној кој досега не разбрал во каков политички циклон влегуваат Европа и светот − нема да го разбере ниту тонот на моите зборови.

Жосеф Борел, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, пред предавањето на неговиот мандат на наследничката Каја Калас, во неговиот блог насловен „Европа во лак од оган (опкружена со оган)“ напиша тестамент за состојбата во која ја „остава“ Унијата со реално и многу брутално отсликување на сите опасности, слабости, но и неискористени потенцијали на земјите членки кои мора да се стават во функција на градење на нов безбедносен бедем. Нема време за губење бидејќи настаните се одвиваат со таква брзина што време за длабоки анализи нема, тие досега требало да бидат направени и да бидат реализирани. Според Борел, многумина во Европа „беа разбудени со агресијата на Путин врз Украина, но сè уште останаа во нивните кревети“.

Се чини дека моментот на реакција на Унијата не соодветствува со потребата за брза консолидација и за соодветен одговор. За жал, геополитичките промени се со таква жестокост што го доведуваат во прашање опстанокот на единството во Унијата, а во турбулентни времиња во вакви комплексни структури како што е Европската Унија, прво страдаат единството и вербата во идејата. Европската Унија е најдобрата идеја која ѝ се случила на Европа кога било во пишаната историја и сè додека идејата живее ќе ја има и Унијата, се разбира во форма која ќе одговара на дадениот историски и политички момент. Промени имало и ќе има. Опстануваат само оние кои се способни да се прилагодат на промените.

Реалност е дека Унијата е предизвикана и е атакувана од сите страни. Таа се соочува со турбулентно време во кое глобалните предизвици го тестираат нејзиниот капацитет за адаптација и за единство. Војната во Украина, зголемените тензии со Русија, потенцијалните промени во трансатлантските односи со новиот претседател на САД и трговските предизвици со Кина − се дел од комплексната геополитичка сцена. Во овој контекст ќе ја споменам политиката за проширување на ЕУ која добива ново значење, во променети околности, но со иста цел. Интеграцијата на Западниот Балкан, особено е за нас пресудно, се позиционира како стратешка цел која ги зајакнува стабилноста, безбедноста и иднината на Унијата. Западниот Балкан во поновата историја покажал и докажал дека може да биде фактор на нестабилност, но може да стане и круцијален фактор на стабилност за Унијата и за Европа во целина.

Руската инвазија на Украина во 2022 година ја потресе основата на европската безбедност и стабилност, принудувајќи ја ЕУ да ги преиспита своите политики за енергија, за одбрана и за регионална соработка. Војната ја нагласи потребата за поголема стратешка автономија на ЕУ во областа на одбраната. Земјите од Западен Балкан, како Македонија, која е членка на НАТО од 2020 година, стануваат важен дел од оваа безбедносна архитектура. Исто така ЕУ забрзано работи на диверзификација на енергетските извори за да ја намали зависноста од Русија. Регионите како Западен Балкан, со својот потенцијал за обновливи извори на енергија и за развивање на алтернативни патишта за дотур на енергија, се клучни за оваа транзиција.

Поддршката за Украина ја зајакна позицијата на ЕУ како глобален бранител на демократијата. Проширувањето кон Западен Балкан претставува можност за проширување на демократските вредности и спротивставување на автократските влијанија во регионот.
Односите меѓу ЕУ и Русија се на историски најниско ниво, со санкции, со дипломатски конфликти и со економско „разединување и разграничување“. Оваа нова реалност има директни импликации за Западен Балкан кој често бил поле за геополитичко надмудрување. И подалечната и поблиската историја се доказ за ваквата констатација. Русија долго време се обидува да го поткопа влијанието на ЕУ во Западен Балкан преку поддршка на националистички и на антизападни сили. Интеграцијата на Македонија, но и на целиот Западен Балкан или на Југоисточна Европа во ЕУ би била јасен сигнал за посветеноста на Унијата кон регионот.

Не може, а да не се осврнеме и на изборот на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, и на можните импликации за трансатлантските односи кои беа безбедносен ’рбет и економски генератор на просперитетот и на развојот на западниот свет на кој и ние му припаѓаме. Декократскиот избор во САД го кажа својот збор, сега очекуваме да го слушнеме и зборот на новиот лидер кој ќе ги носи одлуките и ќе ги обликува релациите со историските партнери. Политиката на новиот американски претседател ќе биде клучна за идните односи меѓу ЕУ и САД, особено во областа на безбедноста и на трговијата, но и во енергетската политика, климатските промени. Односите на САД со НАТО и внатре во НАТО се круцијални и во делот на одбранбената доктрина, на одбранбената индустрија, на сајбер безбедноста и сè што е поврзано со микрочиповите, со полупроводници, со ретки руди и минерали кои се неопходни за одржување на доминацијата во современата ИТ-индустрија, вклучително и во трката за превласт во вештачката интелигенција која наликува на трката за атомското оружје од минатото столетие.

САД и ЕУ споделуваат заеднички интереси за стабилност на Европа. Македонија, иако мала и како земја и како воена сила, сепак како членка на НАТО, има стратегиска геополитичка улога во обезбедувањето на регионалната сигурност и дополнително ја зајакнува трансатлантската врска. САД традиционално го поддржуваат проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан како средство за стабилност. Континуираната американска поддршка може да даде нов импулс за забрзување на процесите за интеграција и на нашава земја и надеж за нивна поддршка и за надминување на отворените прашања и со нашите непосредни соседи. Уште повеќе што Македонија е единствената земја од целиот наш регион која нема ниедно отворено прашање од територијален или од граничен карактер за разлика од сите други, но има отворен „атак“ над нашите идентитетски атрибути и нашата историја.

Трговските односи со Кина се уште едно од крупните прашања кои ја предизвикуваат Унијата и нејзините блиски релации со САД, но исто така и политиките и единството внатре во самата Унија. Кина е важен трговски партнер за ЕУ, но и стратешки ривал во однос на технолошки и на геополитички прашања. Западен Балкан, иницијално како дел од иницијативата „Појас и пат“, беше особено подложен на кинеско влијание и цел на кинеските државни интервенции чии последици сè уште ги чувствуваме. Затоа забрзаната економска интеграција на Македонија во ЕУ би значела и пристап до европските структурни и кохезиски фондови и до единствениот европски пазар, кои можат да го намалат влијанието на кинеските инвестиции во регионот на Југоисточна Европа.

Македонија, со усогласување со европските стандарди за транспарентност и јавни набавки, законодавството и техничките стандарди, може да ги минимизира ризиците од нефер практики поврзани со кинеските инвестиции. Развивањето на механизмите за проверка на странските директни инвестиции, контрола на извозот на производи за двојна употреба, заштита на критичната инфраструктура, вклучително и телекомуникациските мрежи (5Г), можат да ни помогнат во одбраната од малигни влијанија, но и заштита од корозивен капитал и корупција. Во контекст на растечките грижи за технолошка зависност од Кина, нашава и останатите земји од регионот може и треба веднаш да станат дел и од европската дигитална и технолошка стратегија.

Она што за нас е од особена важност е каде Европската Унија и новата Европска комисија ќе ги насочат својата енергија, својот политички капитал и своите ресурси. Листата на приоритети е многу долга и многу скапа, но сепак на таа листа има место, и мора да има, за продолжување на процесот на проширување кој може да се смета и како клуч за стратешката стабилност на целиот континент. Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан добива ново значење во контекст на глобалните предизвици. Тоа е не само регионална потреба туку и стратешка неопходност за Унијата и нејзин геополитички приоритет. Интеграцијата на Западен Балкан ја засилува позицијата на ЕУ во регионот, намалувајќи го влијанието на Русија, на Кина и на други актери со нескриени геополитички апетити. Историјата е сведок дека, во моментот кога Балканот (не само западниот) ќе остане во геополитички вакуум, просторот станува мегдан за „трка“ меѓу големите глобални геополитички сили за нивно влијание и за присуство.

Македонија како земја која низ времето научи да прави и тешки политички компромиси, водена со јасна желба за напредок во процесот на интегрирање во Европската Унија со цел полноправно членство, направи значителен напредок во усогласување со европските вредности, вклучувајќи го и почетокот на решавањето на спорот со Грција преку Преспанскиот договор и потпишување на билатерален договор за пријателство и добрососедски односи со Бугарија. Двете земји се наши непосредни соседи, чланки на ЕУ, и истовремено наши сојузници и членки на НАТО. Од нив очекувавме и најголема помош и поддршка во остварувањето на нашата стратешка цел, полноправно членство во ЕУ. За жал засега, иако подадовме рака за пријателство, наидуваме повеќе на пречки отколку на помош. Тоа, секако, не е во наш интерес и во интерес на ЕУ, но ниту во интерес на нашите соседи.
Решение за секој проблем постои доколку решение се бара и доколку постои обострана добра волја за отпетлување на јазолот кој самите заедно го заплеткавме. Интеграцијата на Македонија може да биде симбол на европската перспектива за Западен Балкан и важен чекор кон остварување на европската визија за обединет и за стабилен континент со што би се испратила силна порака до сите останати земји во регионот дека реформите и компромисите носат конкретни придобивки. ЕУ мора да преземе активна улога во олеснување на дијалогот и спречување на билатерални спорови да го попречуваат процесот на проширување.

Европската Унија се соочува со пресуден момент во кој треба да демонстрира лидерство и визија. Проширувањето кон Западен Балкан, но и кон Молдавија и во соодветен момент и кон Украина, е од суштинско значење за зајакнување на европската безбедност, на стабилноста и на глобалната улога. Интеграцијата на Македонија во ЕУ ќе ја потврди посветеноста на Унијата кон нејзините вредности и ќе го зајакне кредибилитетот на процесот на проширување. Во ера на глобални предизвици, додека историјата чука на вратата на Европа, оваа одлука е клучна за иднината на Европа како целина, но вклучително и за нашата иднина.

ПРЕПОРАЧАНО