Општество

УБАВИОТ ЗБОР: ГРИЖА НА СОВЕСТ

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.

„Јас, единствено јас и моето семе сме виновни за сѐ“, мислеше таа по цели ноќи лежејќи будна меѓу себе сличните, а сепак различни. Не можеше да спие. Во неа едноставно беше влегол тој црв и ете оттогаш таа немаше мир. Се сомневаше, всушност знаеше со сигурност дека е последната преостаната, еден единствен потомок на својот прастар, благороден род, чии корени се протегаа многу назад, сè до мугрите на цивилизацијата и настанокот на човекот и неговата историја.
Славен род, некој би помислил. Но, што ѝ значеше тоа нејзе? Ѝ донесе само срам, страдање, немирна совест. Го носеше потеклото како тајна, обележје на срамот, како проклетство кое ѝ ги скисели соковите, ѝ ја исуши семката и полека, полека ја затре и се изјалови нивната лоза.
Сѐ започна многу одамна, пред многу милениуми, се присетуваше сега лежејќи во мракот, со некоја нејзина несреќна прабаба и едно дрво. Таа мора да била навистина податна и случајно или намерно се нашла при рака, а потоа некако ѝ упаднала во таа иста рака, па раката ја набрала и ја принела до устата, баш до таа убава, румена уста на која ѝ се подала без трошка размислување, сета сочна и полна спознание.
И така лесно, како што сѐ било лесно во она одамнешно време на невиност, кога забите од таа славна уста загризале еден залак од телото на нејзината прапрабаба, судбината на светот, а и на луѓето во него, била запечатена за век и векови. Ништо повеќе никогаш нема да биде исто како што било некогаш. Ах, каква непромисленост казнета со страшно прогонство.
Ех, да беше тогаш таму овој црв кој сега ѝ го прокопа телото, па да ја дупчи и ја длаби онаа пред неа како што тоа ѝ го прави сега нејзе. Овој неспокоен црв на сомнежот кој не ѝ дава мир. Но, за жал, не бил. Ништо не ѝ се беше испречило на патот и планот на она змииште. На Лилит. Каква пеколна одмаздничка. Се лизгаше со змиското тело по дрвото кое ги раѓаше нејзините предци, обвивајќи му се околу стеблото и чекајќи погодна прилика. Со слатки зборови ја заведе и ја залуди онаа наивна девојка која цел ден се шеткаше низ градината, обмотана само со долгите ѝ коси наместо во облека. Ах Ева, Ева, каде ти беа очите? Змијата Лилит ги искористи вешто плодовите кои растеа на она дрво, таа нивна привлечна, измамнички алова боја за да ја постигне сопствената цел. А каква цел може да има отфрлена жена, освен да го упропасти мажот кој ја напуштил поради друга?
Се мачеше со милениуми нејзиниот род бегајќи од таа тешка карма на предците. Луѓето можеби и заборавија на нив, но тие самите не можеа да заборават. Приказната за големото предавство се пренесуваше од дрво на дрво, од плод на плод, од ера во ера... стана историја.
Кога неа еден ден ја набраа и ја донесоа во овој голем маркет со секаква роба, таа веќе беше решила да се жртвува за да ги искупи своите предци. Во близината на корпата во која беше положена на куп со останатите, по вид и форма слични, но по род обични, се наоѓаше еден рафт со алати. Оваа ноќ, реши таа ненадејно, сите ќе ја сослушаат нејзината приказна, студени и непристрасни, како металот од кој им беа направени телата. Ќе станат поротници на нејзиното судење. Ако ја прогласат за виновна зашто во себе го носи семето на предавници, чеканот ќе се огласи со удар во масата и ќе ја потврди пресудата, а секирата ќе ја изврши казната. Ќе ја располови на две по што ќе биде фрлена во корпата со отпадоци каде што ќе скапе заедно со семката во себе. Ќе се жртвува и ќе го затвори кругот кој се повторуваше одново и одново откако е светот и векот.
Се случи како што беше наумила. Пресудата беше едногласна, обвинението потврдено, а секирата како стрела полета кон неа со острицата. „Конечно“, помисли таа, последната преостаната од својот стар род. Конечно ќе ја симне клетвата од себе и ќе ја смири совеста која ѝ ја копаше утробата.
Но, наместо со острицата, како џелат да ја преполови, секирата случајно го закачи и го пресече јажето на кое висеше закачена корпата со јаболка во која се наоѓаше и таа. Мрежата се разврза, корпата се преврте, а сите јаболки, меѓу нив и таа, последната од својот род, со темноцрвена боја како пролеана крв, испопаѓаа на подот и се истркалаа насекаде. Таа излета низ вратата на маркетот, право во некој двор и се дотркала до рилката на мало, љубопитно прасе.
„Не, не“, помисли со ужас, „ова е невозможно“. Но, за жал, прасето веќе ја намириса, а потоа брзо ја загриза и ја проголта.
„Боже мој, па јас сум сосема голо“, помисли тоа одеднаш. „Освен тоа, розово сум, а целото валкано и калливо, како вистинска свиња. Ме гојат и ме чуваат за да ме изедат и од мене да направат џимиринки“, сфати во момент на просветление, иако не можеше да се изначуди од каде сите тие сознанија одеднаш му се појавија во главата. Некако наеднаш го виде целиот свет со поинакви очи.
„Тоа мора да е поради ова јаболко“, мислеше прасето, додека со брзање, трчајќи со своите куси ноџиња, иташе кон една дупка во оградата бегајќи далеку од фармата, во слобода.

***

„Тато, тато“, повика едно момче, кое прв пат беше на лов со татко му во шумата. „Погледни тато, ене, онаму гледам една малечка дива свиња.“
Татко му не успеа ниту да се сврти во правецот од каде што допираше шушкањето и каде што нешто се движеше меѓу ниските грмушки, а момчето веќе ја симна пушката од рамо, нанишани и истрела.
„Ја погодив“, извика победоносно.
Таткото збунето се чешкаше по главата. На земјата лежеше едно мало розово прасенце кое не успеало да порасне доволно големо, а секако не беше ни диво. Како залутало во шума?, се прашуваше.
„Адам“, сериозно му се обрати на синот. „Ова не е мала дива свиња, но тоа не е толку важно. Млад си, има време, допрва ќе научиш. Најважно е што успеа сам да го уловиш.“
Го зеде прасето и го стави во торба.
„ Сепак“, извика задоволно и малку гордо, „мислам дека од твојот улов ќе направиме една добра домашна гозба“, додаде, го погледна синот и весело му намигна.
Адам тргна по него, но сега некое необјасниво чувство го следеше. Непознат немир како црв му се вовлече во душата и почна полека да ја нагризува.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано