Интервјуа

ИСКЛУЧИТЕЛНО Е ВАЖНО ДА СЕ ШИРИ СЛОБОДАТА, ОСОБЕНО ЕКОНОМСКАТА СЛОБОДА

Лешек Балцерович | Клучниот економски реформатор на постсоцијалистичка Полска

Господине Балцерович, вие дефинитивно сте историска личност во полската пост-комунистичка ера. Сте биле во бројни важни улоги во вашата професионална кариера. Како преферирате да се гледате себеси, како професор, како прв човек на централната банка, министер за финансии, политичар, или едноставно, како реформатор на општеството?

Л. Балцерович: Па, веројатно како реформатор, бидејќи ја прифатив работата во Владата, не затоа што бев заинтересиран за политика, туку сфатив дека тоа е уникатен момент за Полска. Конечно се ослободивме од доминацијата на Советскиот Сојуз и можевме да правиме реформи и да овозможиме раст на Полска. Јас бев заинтересиран за реформи уште како млад човек во академската заедница во доцните 1970ти години.
Преобликувањето на целото општество, во што вие многу учествувавте во случајот на Полска, е една од задачите и мисиите што најмногу изискуваат и се меѓу најсложените воопшто. Имајќи предвид дека трансформацијата на општеството може да има различна форма, кој е оној најважниот елемент кај тој зафат? Кога ќе погледнете наназад низ времето, кој беше најважниот фактор за успешната транзиција на Полска?
Л. Балцерович: Да ја ширите слободата, особено економската слобода, така што бројни храбри и претприемнички ориентирани луѓе можат да го употребат својот талент и карактер. Тоа е екстремно важно. И, создавате мотиви за луѓето повеќе да одат во приватниот сектор, а помалку во јавната администрација. Така, тие се попродуктивни. И, препорачливо е ова да го направите брзо и ефикасно. Ако имате бројни проблеми тогаш сеопфатниот радикален пристап обично е подобар.

Како стои Полска денес? Полска е веројатно најуспешната економска приказна во Европа во турбулентните времиња што уследија по глобалната финансиска криза во 2008 година. Како го објаснувате ова?

Л. Балцерович: Прво, во оние времиња во минатото јас се појавив со тим. Како човек од академската заедница бев заинтересиран за реформите како хоби. Јас не предвидов дека Полска ќе стане слободна во текот на мојот живот, но го имав ова хоби, ме интересираа разновидни реформи. И, во случај да е потребно, да се биде подготвен, помалку или повеќе, кога Полска ќе стане слободна да се лансираат радикални реформи, брзи и сеопфатни реформи. Мислам дека ова беше многу важно. Исто и во Балтичките земји. Тие се друг пример на радикални реформатори.
Второ, конзервативна монетарна политика што носи стабилност на цените и стабилен банкарски сектор. Тоа се главните причини за успехот на Полска. Но, дозволете ми да истакнам дека на секоја земја во одреден момент и се потребни повеќе реформи, дури и на најразвиените земји. И во Полска ни се потребни повеќе реформи, треба да ја зголемиме стапката на вработеност, треба да ја подобриме бизнис климата за инвестирање, треба да ја зголемиме стапката на пораст на продуктивноста. И, јас се обидувам да го обликувам јавното мислење во Полска со тинк тенк за слободниот пазар, што во Полска го создадов пред седум години. Во демократија крајната битка е битката во комуницирањето што се води помеѓу популистите, оние што се за слободни пазари и бизнис страните, од тоа зависи дали земјата се развива или не.

Кои се столбовите на економската стратегија на Полска за иднината? Како ја цените нејзината конкурентност и одржливоста на нејзиниот економски раст на долг рок?

Л. Балцерович: Ова зависи од политиката, а политиката во демократија зависи од јавното мислење. Секоја слободна земја има разни сценарија за иднината, но само едно од нив ќе биде имплементирано. Јас, заедно со некои други луѓе, се обидувам да ги намалам шансите за лошо сценарио во кое нема реформи, и да ги зголемам шансите за сценариото со реформи.

Една од клучните грижи во Европа е невработеноста на младите. Што мислите, што ќе надвладее во следната декада, младите полјаци ќе ја напуштат земјата барајќи работа или ќе дојде до „обратен одлив на мозоци“ и нивно враќање во земјата?

Л. Балцерович: Зависи од разликата во доходот по глава на жител. Луѓето имаат тенденција да емигрираат ако можат да имаат подобар живот и висок доход. Ако сте сиромашна и слободна земја вие не можете тоа да го запрете со административни мерки. Така, единствениот начин да го намалите тоа е ако со текот на времето растете побрзо. Затоа е економскиот раст толку екстремно важен. Да се креираат работни места во приватниот сектор така што помалку луѓе би се отселувале во странство. Колку е една земја посиромашна толку побрзо би требала да расте. Не можете да го истакнете значењето на брзиот економски раст за една сиромашна земја, а тоа да е претерано истакнување, невозможно е да претерате. Ова е убедливо најважната национална социјална цел. Но, за да растете потребни ви се добри политики. А, континуираните добри политики бараат многу битки во рамки на општеството. Инаку, полесно е да продавате лоши политики. Лошите политики обично се засноваат на емоции и неразбирање. На пример, луѓето можат да речат, хм, има сиромашни луѓе, ајде да ја зголемиме минималната плата. И, тогаш ќе се зголеми невработеноста.

КОЛКУ Е ЕДНА ЗЕМЈА ПОСИРОМАШНА ТОЛКУ ПОБРЗО БИ ТРЕБАЛА ДА РАСТЕ. ОВА Е УБЕДЛИВО НАЈВАЖНАТА НАЦИОНАЛНА СОЦИЈАЛНА ЦЕЛ. НО, ЗА ДА РАСТЕТЕ ПОТРЕБНИ ВИ СЕ ДОБРИ ПОЛИТИКИ

Каде ја гледате Полска за десет години отсега? Дали политичката и безбедносната стабилност, стекната со влезот во ЕУ и НАТО е клучен елемент што го поплочи патот кон долгорочно одржлив раст?

Л. Балцерович: Не, кога започнавме во 1989 година немаше изгледи за приклучување кон ЕУ. Така, реформите ги направивме не заради Европската Унија туку заради нас самите. Имаше тим на чие чело бев јас, тој тим разбра што треба да се прави. Шансата за влез во Европска Унија се појави во доцните 1990ти години. Тогаш воведовме неколку дополнителни промени, европското законодавство, итн. Но, кога еднаш ќе влезете во Европската Унија, оваа шанса за влез во ЕУ е завршена, бидејќи колку пати можете да влезете во ЕУ? Значи, треба одвнатре да креирате сили за добри политики. Влезот во ЕУ беше поврзан со геополитички причини, не само економски причини. Немаше голем проблем да ги убедите луѓето за влез во ЕУ. Некако, тоа беше знак дека ние сме во обединета Европа.

Полска не е многу ориентирана кон регионот на Западниот Балкан. Според вас, кои се факторите што можеби ги обесхрабруваат полските компании да ја зголемат трговијата или да ги прошират своите бизниси во овој регион? Дали очекувате ова да се промени во иднина?

Л. Балцерович: Очигледно, еден фактор е оддалеченоста. Но, не е само тоа. Постои прашањето на економскиот раст во поодделните земји. Побрзиот економски раст создава поголеми можности. Така, ако Македонија ја одржи својата водечка позиција помеѓу земјите од Западен Балкан тогаш може да привлече поголемо внимание кај другите земји, вклучително полските, германските инвеститори. Добрите економски политики нудат добри решенија.

Сега ја напуштаме Полска како тема. Не можеме да ја избегнеме дискусијата за случувањата во евро зоната. Таа не ги исполнува стандардните критериуми за оптимална валутна зона, постои монетарна унија, но нема фискална унија. Кои се најголемите предизвици за еврото сега и во иднина?

Л. Балцерович: Најголемиот предизвик е да се подобри економската ситуација во некои од најголемите земји, особено во Италија и Франција и тоа да се направи преку реформи. Не постојат европски решенија за француските или италијанските проблеми. Постојат италијански решенија за италијанските проблеми, француски решенија за француските проблеми. Да се надеваме.

Вие всушност велите дека решенијата треба да дојдат од самите конкретни земји.

Л. Балцерович: Да, особено од големите земји. Знаете, дури и во САД, која што е федерална држава, постојат огромни разлики помеѓу, од една страна Калифорнија, каде што имаат тенденција да водат популистички политики, и од другата страна, Тексас. И, кога, на пример, Калифорнија ќе влезе во проблем, федералната држава не ја извлекува од проблемот. Во Европа, верувам дека решението е да се отиде назад, кај одговорноста на конкретните земји за нивната економска ситуација.

Денес, едно од најактуелните прашања во економските кругови е прашањето за карактерот на фискалната политика. Треба ли властите да го зголемат буџетското трошење, главно финансирано преку монетарно олабавување, или властите треба да водат стриктна фискална политика? Дали е ова реална или вештачки наметната тема за дискусија? Кој е вашиот став?

Л. Балцерович: Мислам дека централните банки, почнувајќи со Јапонија, а потоа и САД, влегоа на една многу опасна патека и продолжија со она што се нарекува неконвенционална монетарна политика. Таа има две компоненти, каматните стапки коишто се блиску до нула и така одржани шест, седум години, и големото печатење пари. Ова беше направено со цел да се стимулира економскиот раст. Но мислам дека тоа во голема мерка не даде резултат. Можеби придонесе за намалување на економскиот раст, но ја стимулираше берзата и меурите, особено во Кина. Така, мислам дека има голем проблем како да се излезе од оваа ситуација што резултира со долгорочно релаксирана монетарна политика.

Јас сум под импресија дека глобалната економија влезе во период на сериозна турбуленција која што има длабоки корени и сеуште е присутна. Ова не е економијата што ја помниме од пред 15 години. Кои се фундаменталните причини за оваа турбуленција: лабавите фискални политики и неодговорното фискално трошење ширум светот што доведе до експлозија на јавниот долг, тоа што финансиските пазари реално се надвор од контрола, или нешто друго?

Л. Балцерович: Најпрвин, за првата работа. Ако една земја е многу задолжена и нема простор за понатамошна стимулација тогаш тоа станува контрапродуктивно. Многу популисти сакаат да ги обвинуваат пазарите. Но, ако погледнете во коренот на проблемот и позади прекумерно ризичното однесување на некои финансиски пазари, тоа се лошите интервенции. Јас бев член на т.н. де Ларозие Група на Европската Комисија и во извештајот ние посочивме бројни погрешни интервенции. Најпрвин, пристапот „премногу голем за да пропадне“. Ова беше интервенција што се состоеше од спасување огромни банки и ги деморализираше пазарите, бидејќи големите финансиски институции беа сметани за неризични, им беше понудено поевтино финансирање и растеа уште побрзо. Или, Базелската регулатива што позитивно гледа на кредитирањето на државата од страна на банките.Постојат десетици регулативи, тие треба да се отстранат и не мислам дека тоа е направено, или барем не во задоволителен обем.

Според вас, како ќе заврши сето ова? Неизвесноста е многу голема и изгледите на светската економија не се добри. Како да се остане оптимист во вакви тешки времиња?

Л. Балцерович: Ова не е прашање на расположение туку на преземање акција. Прво, малите земји, како Македонија или дури и Полска, не можат да сторат било што во врска со Кина или САД или Германија. Тоа е зададено, па затоа да се фокусираме на нашите земји. Колку што е потешко надворешното опкружување толку подобри треба да бидеме за да одговориме на потешките околности. Нема фајде од тоа да се грижите за проблемите, целата енергија треба да се фокусира на она што може да се направи.

МОРАМ ДА КАЖАМ ДЕКА МНОГУ ПОВЕЌЕ МИ ЗНАЧИ МОЖНОСТА ШТО ЈА ИМАВ ПРЕКУ ПОЛИТИКИТЕ ДА ДАДАМ ПРИДОНЕС ЗА ЗЕМЈАТА, ОДОШТО ДА БИДАМ НАГРАДЕН. ПОДОБРО Е ДА НАПРАВИТЕ НЕШТО ВО РЕАЛНИОТ ЖИВОТ ОДОШТО ДА ГО ОПИШУВАТЕ ЖИВОТОТ

Кој би бил вашиот совет за земја како Македонија?

Л. Балцерович: Генералните лекции, ништо посебно. Ако се применат генералните лекции тогаш земјата ќе биде успешна. Најпрвин, приватна економија. Државната сопственост треба да се елиминира. Претпријатијата во државна сопственост се каналите за политичко вмешување. Второ, мала, компетентна и деполитизирана јавна администрација. Ако администрацијата, или уште полошо, правосудниот систем, се заробени од било која партија, тоа не е само нарушување на демократијата, туку исто така е лошо и за економијата. Тоа прави дисторзија. Трето, она што веќе го имате, монетарна дисциплина, ниска инфлација, што пак бара фискална дисциплина. Се разбира, отвореност кон светот, кога се работи за мала земја тоа е неминовност. Намалување на политичката неизвесност, така што бизнисмените од приватниот сектор знаат дека ако инвестираат тие ќе ги уживаат резултатите и нема да бидат ограбени во случај на промена на политичката ситуација. Земјите што ги следат овие правила на крајот се успешни. Но, да повторам, човек треба да се бори цело време за добри политики.

Во раната фаза од вашиот живот бевте изложени на образование во странство, се стекнавте со магистратура во Њујорк. Како влијаеше ова искуство на вашиот професионален развој? Кои се чекорите што Полска ги презема во однос на секторот образование?

Л. Балцерович: Ова се две прашања. Во времето на социјализмот реално немаше наука за економијата. Социјалистичката наука за економијата беше негативно знаење. Не знам како беше во поранешна Југославија. За среќа, јас не бев многу добар во социјалистичката наука за економијата. И, како млад асистент предавав меѓународна економија, што беше многу повеќе насочено. Иницијално верував во Кејнз, но престанав кога прочитав малку повеќе. Мојата докторска дисертација, што ја одбранив во 1975 година се однесуваше на техничката промена, читав многу и сфатив дека таа многу зависи од слободниот пазар и од приватните претпријатија. Ова беше точка на слабост и во поранешна Југославија, отежнат влез во приватниот сектор. Така, престојот во САД ми помогна, но не беше сосема пресуден. Но, економскиот естаблишмент во Полска, а претпоставувам и во најголем број други земји, беше против реформи. Кога ја претставив мојата програма при крајот на 1989 година, најголемиот дел од официјалните економисти беа против. Тие велеа дека е невозможно одеднаш да се воведе конвертибилност на валутата. И немаа ништо што да понудат. Значи имаше опоненти, некои беа професори за социјалистичката наука за економија. Луѓето ќе речеа за некого, оној човек е против реформите, а тој е професор, тоа беа опасни титули. Јас не добив никаков совет од нив. Но, ним не им беше гајле. Јас си имав мои советници.
Во однос на секторот образование во Полска, според одредени индикатори стоиме прилично добро, како што се на пример резултатите од Писа рангирањето. Што се однесува до високото образование, имаме експанзија, огромна експанзија, но веројатно имаме премногу луѓе од општествените науки, како што се дипломци на политички студии, меѓународни студии, коишто имаат проблем да најдат пристојна работа, а немаме доволно едуциран кадар од техничките науки, инженери. Јас се надевам дека младите луѓе ќе одговорат на пазарните поттикнувачи.

Доделени ви се извонредно голем број на награди од навистина респектабилни страни. Но, еден од најмоќните описи за вас што сум го видел е тој дека вие веројатно сте најдобриот и најпознат економист во светот којшто сеуште не ја добил Нобеловата награда. Мислите ли дека тоа ќе се случи?

Л. Балцерович: Не, мислам дека нема да се случи, бидејќи Нобеловата награда се доделува за наука, иако во економијата не е сé наука. Но, јас не сум разочаран. Морам да кажам дека многу повеќе ми значи можноста што ја имав преку политиките да дадам придонес за земјата, одошто да бидам награден. Подобро е да направите нешто во реалниот живот одошто да го опишувате животот.

Ви благодарам за интервјуто.


Подготви: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО