Бизнис

Серафимовски: Моќта на локалното: од региони кон национални проекти

Градежништво - ДИНАМИЧЕН СЕКТОР СО ИДНИНА ПОЛНA СО МОЖНОСТИ

Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите, директор на Сектор Оператива и високоградба во ГД Гранит)

 

Оваа индустрија го движи развојот на инфраструктурата и на урбанизацијата, но и често наидува на бариери поврзани со конкурентноста. Градежништвото во Македонија го доживува својот нов момент на преиспитување – дали ќе стане двигател на современа инфраструктура, технолошки иновации и одржлива иднина или ќе остане заглавено во старите модели. Во услови на брза дигитализација, потреба од зелени решенија и глобална конкуренција, градежниот сектор треба да се фокусира на неколку клучни аспекти кои ќе му овозможат вистински просперитет.
Зошто толку често ги гледаме странските компании како доминираат со македонските градежни проекти? Одговорот лежи во стратегијата на државава и во потребата за градење домашен капацитет. Локалните компании имаат искуство и знаење, но наидуваат на пречки кога станува збор за пристап до поголемите проекти. Овие компании сонуваат за рамноправни услови каде што ќе можат да учествуваат и на стратешки инфраструктурни иницијативи, создавајќи мрежа на професионалци и на ресурси кои би можеле да се соочат со меѓународните стандарди. Со соодветна поддршка и со регулаторна промена, македонските компании би можеле да ја остварат својата цел: да ја градат иднината со домашен потенцијал. Македонските градежни компании, иако се соочуваат со силна конкуренција од странски гиганти, се борци кои покажуваат дека талентот и знаењето не се само привилегија на странските компании. Преку својата работа, домашните компании не само што обезбедуваат приходи туку и градат еден вид „национален отпечаток“ во инфраструктурата на земјава.
Во последниве години, странските компании имаат значајно учество во стратешки градежни проекти во Македонија како што се новите автопати и железнички пруги. Ваквиот тренд, според локалните градежни фирми, создава нефер конкуренција бидејќи странските компании добиваат приоритет при доделувањето на поголемите договори, што е предмет на дебата меѓу Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората и државните институции. Со овој предизвик, домашните компании се стремат кон еднакви услови за учество во проектите барајќи поддршка за побрз развој и поефикасно искористување на ресурсите во земјава. Покрај тоа, податоците покажуваат раст на вредноста на градежните работи во странство од страна на македонски компании со зголемување од 16,2 % во првата половина од 2024 година. Овој пораст ја нагласува потребата за унапредување на домашната градежна индустрија и нејзина поголема интеграција во меѓународните пазари. Сепак, иако постои овој потенцијал, домашните компании сè уште се соочуваат со висока инфлација и пораст на трошоците за материјали, што влијае на нивната профитабилност и на можностите за вложување во нови технологии и во подобрување на работната сила.
Во земја со мала економија како Македонија, локалните компании се движечка сила која ја поддржува економијата на микро и на макро ниво. Од мали семејни бизниси до поголеми компании со регионални проекти, овие бизниси се обидуваат да се пробијат во националните проекти кои, обично, ги добиваат странски компании. Ваквата нерамнотежа го ослабува развојот на домашната индустрија и ги ограничува можностите за отворање нови работни места. Рамноправниот пристап на домашните компании до инфраструктурните проекти може да го зголеми растот на вработеноста и да придонесе за локален развој. Поттикнување на локалните компании да учествуваат во јавни тендери е прв чекор кон создавање стабилна економија која е изградена од своите граѓани. Но, за ова да се случи, потребни се вистински промени и визија: еднакви можности за домашните компании, инвестиции во технологија и обврска за одржливост. Со ваква насока, градежниот сектор може да стане двигател на модерна и на успешна Македонија која ќе биде пример за регионот.

ПРЕПОРАЧАНО