Lifestyle
Филмот како пропаганда: ЧИРАКОТ
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2024г.
„Лaжен и филм без класа напишан за мене, наречен ’Чиракот‘ (Дали тие воопшто имаат право да го користат тоа име без одобрение?), се надеваме дека ќе доживее фијаско. Тоа е евтина, клеветничка и политички одвратна работа, спроведена непосредно пред претседателските избори во 2024 година, обид да му се наштети на најголемото политичко движење во историјата на нашата земја.“ (Доналд Трамп на Твитер)
Насловен според истоименото реално ТВ-шоу, „Чиракот“ (The Apprentice) е биографски филм од 2024 година кој ги истражува кариерата и подемот на Доналд Трамп како бизнисмен со недвижнини во Њујорк во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, како и неговата врска со озлогласениот адвокат Рој Кон (Roy Cohn). Режијата е на Али Абаси (Ali Abbasi), а сценариото го потпишува новинарот Габриел Шерман (Gabriel Sherman). Во главните улоги играат Себастијан Стен (Sebastian Stan) како Трамп, Џереми Стронг (Jeremy Strong) како Кон и Марија Бакалова во улогата на првата сопруга на Трамп, Ивана. Се работи за интернационална копродукција меѓу Канада, Данска, Ирска и Соединетите Американски Држави. Филмот беше најавен во 2018 година, но беше во застој сè додека не му се приклучија Абаси, Стен и Стронг во 2023 година. По неговата премиера на овогодинешниот филмски фестивал во Кан, филмот се бореше да најде американска дистрибуција поради неговата тема и обидот на правниот тим на Трамп да го блокира неговото прикажување: „Ова ѓубре е чиста фикција со сензационалистички лаги кои одамна се разоткриени. Ова е мешање во изборите од страна на холивудските елити кои знаат дека претседателот Трамп ќе ја освои Белата куќа и ќе го победи нивниот претпочитан кандидат бидејќи ништо што тие направиле не успеало. Овој ’филм‘ е чиста злонамерна клевета, не треба да ја види светлината на денот и не заслужува да биде објавен ниту на ДВД во продавница со попусти, туку треба да заврши во контејнер.“
„Ние сме како дете сираче кое оди од сиропиталиште до сиропиталиште и нè одвраќаат на секоја врата“, ќе изјави Али Абаси. „Никој не нè сака!“
Конечно, продуцентско-дистрибутерската куќа Брајарклиф (Briarcliff Entertainment)
ги откупува правата и филмот се појавува во киносалите на 11 октомври 2024 година, на само неполн месец пред претседателските избори. Интересен податок: истата оваа куќа дебитира во филмската индустрија со филмот „Фаренхајт 9/11“ (Fahrenheit 11/9, 2018), уште еден во низата документаристички памфлети на Мајкл Мур (Michael Moore), овојпат за претседателските избори во 2016 година и погодувате, ликот и делото на Доналд Трамп.
Иранскиот режисер со адреса во Данска, кој ја изгради својата авторска репутација со дела како „Граница“ (Border, 2018) и „Свети пајаци“ (Holy Spiders, 2022), исто така мораше да се бори со тужбата од Трамп, како и со едноставниот факт дека ниту демократите ниту републиканците не се целосно купени од „Чиракот“, филм кој го хуманизира Трамп, но во исто време одбива да го ослободи од неговите најгрозни постапки.
Потпирајќи се на визуелен стил и на фотографија што ги следи телевизиските слики од седумдесеттите и осумдесеттите години и нивната постепена трансформација од филм на видео, Абаси поставува приказна во која Трамп се појавува како гротескна и неадекватна фигура. Поттикнат, пред сè, од неговата екстремна амбиција и бескрупулозност во полето на бизнисот, наследникот на едно од најбогатите семејства во Америка се пробива во светот на ајкулите со наивна тврдоглавост со која секогаш успева да го добие она што го сака. Во процесот успева да ги разоткрие законодавните системи на кои се заснова американската демократија. Тој се трансформира во предвидлив амблем на незаузданиот и варварски капитализам кој доминира во 80-тите години. Во филмот, тој е отелотворен преку ликот на Рој Кон, ментор и ѕвезда водилка на младиот Трамп. Тој е адвокат, уценувач, манипулатор, политички советник на важни фигури на Републиканската партија, од Џозеф Мекарти до Роналд Реган. Така младиот Трамп ги присвојува неговите три правила − број еден: напад, напад, напад, број два: не признавај ништо и негирај сè. И правило број три: што и да се случи, прогласуваш победа и никогаш не признаваш пораз.
Она што авторите, не баш суптилно, имаат намера да го покажат преку филмот − набиен со перверзија, раскош, козметичка хирургија, луксуз и егзибиционизам, е своевидно „пророштво за претседателството“ или „како се роди чудовиштето?“. Тој е обид да се контекстуализира јавна личност − неговиот карактер, неговите методи и идеологија, недостатокот на морал и склоноста за прекршување на законот, авторитаризмот, целосното отсуство на емпатија − преку неговите почетоци во една ера на распламтени страсти.
Естетските квалитети на филмот во овој случај стануваат ирелевантни. Портретирањето на една од најамблематичните и најконтроверзните личности во современата историја значи заземање позиции кои надминуваат потсмев или пародија. Ако намерата е „филмски достоинствено“ да се направи негативна претстава за неговата фигура − токму во пресрет на претседателските избори − сомнежот е дека ваквото дело не ги менува мислењата ниту за трошка. Информациите се универзално достапни. Нивната веродостојност е трето прашање. Згора на тоа, поновата историја нè учи дека сите обиди да се нападне Доналд Трамп надвор од политичкиот контекст, обидите да се дискредитира и да се исмее, веднаш стануваат дел од неговата препознатлива популистичка реторика која се храни од непријателства.
Уште четири години.