Бизнис
Темелковски: Значењето на иновациите и на одржливоста се истакнуваат како клучни фактори за идниот развој
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Васко Темелковски, експерт за стандардизација и за сертификација, член на УО на Здружението на метална и електроиндустрија
Металната индустрија и електроиндустријата во Република Северна Македонија во 2025 година се соочуваат со предизвици, но и со можности за раст. Секторот е под влијание на глобалните економски тенденции, вклучува нарушени синџири на снабдување, зголемени трошоци за работна сила, за енергија и за суровини, како и барања за зелена и за дигитална трансформација. И покрај овие предизвици, секторот покажува отпорност и адаптабилност, континуирано инвестирајќи во нови технологии и подобрување на ефикасноста.
Значењето на иновациите и на одржливоста се истакнуваат како клучни фактори за идниот развој. Перспективите за секторот се поврзани со интеграцијата на автоматизацијата, на роботиката и на обновливите извори на енергија, што ќе ги намали трошоците и ќе ги зголеми конкурентните предности. Со поддршка од владините програми и од европските фондови, компаниите треба да ги искористат овие трендови и да ги зацврстат своите позиции на регионалните и на меѓународните пазари. Иднината на индустријата зависи од способноста секторот да се адаптира на промените и да ги искористи новите можности.
Дел од активностите кои треба да се преземат од компаниите во нивната адаптација на глобалните предизвици, но и за да ги искористат можностите за раст и развој е преку:
– обезбедување на сите потребни сертификации според меѓународни стандарди (како ISO, CE-знак), што ќе им овозможи подобар пристап до глобалните пазари,
– имплементација на иновативни технологии, автоматизација и подобрување на производните процеси, еколошки практики за постигнување на одржливи цели,
– анализи и решенија за намалување на енергетските трошоци и премин кон обновливи извори на енергија (стандарди како ISO 50001 се дел од најдобрите практики во сите големи корпорации) и, секако,
– континуирани обуки на вработените за усвојување нови технологии и подобрување на постоечкото работење.