Општество

Имануел Кант
− За убавото и за возвишеното −

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2024г.

Имануел Кант извршил големо влијание во историјата на западната рационалистичка филозофија и си обезбедил бесмртност и почесно место во каноните на традиционалната етика. Роден е во 1724 година како четврто од деветте деца на Јохан Георг Кант и неговата сопруга Ана Регина, во главниот град на тогашна Источна Прусија, Конинсберг (денешен Калининград, Русија). Уште за време на студентските денови на Универзитетот во Конинсберг забележано е дека живеел повлечено и посветено, студирајќи филозофија, математика и природни науки. По завршувањето на факулетот, неколку години заработувал како куќен учител, а во 1755 година, на 27-годишна возраст, е промовиран во доктор на филозофски науки по што веднаш, веќе во зимскиот семестар, започнал со предавања по предметите Логика, Математика, Етика, Физика, Педагогија, Физичка географија и др. Сиот свој живот го поминал во својот роден град Конинсберг кој никогаш не го напуштил, слично како и Сократ кој не ја напуштил Атина. Бројни се анегдотите поврзани за Кантовиот дисциплиниран живот, како онаа дека граѓаните на Конинсберг ги навивале часовниците според прошетките на Кант кои секогаш се одвивале во исто време. Живеел посветен и предвидлив живот. Бил точен и педантен, но не и кабинетски ладен и строг професор, туку напротив, благопријатен и социјален − ведар и духовит. Никогаш не се оженил, во една прилика изјавил дека метафизиката му била и жена и љубовница. Кант прави историски пресврт и од онтолошка позиција, преку антрополошката се движи кон познајната и практичната дејност. Творец е на голем број научни расправи, есеи, дела, меѓу кои и најзначајните за филозофската мисла од времето на модерната: Критика на чистиот ум, Критика на практичкиот ум и Критика на моќта на расудување. Во нив го разработува критицизмот или таканаречениот трансцендентален идеализам кој претставува пресвртница на модерната филозофија и отвора нова перспектива во историјата на филозофијата. Умира во 1804 година, само неколку дена по неговиот 80-ти роденден.

Кант е извонреден мислител за кој може да се пишува од многу аспекти бидејќи две нешта одново и одново ја исполнуваат неговата душа со стравопочит и со восхит, „ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“, пишува Кант. Токму тој восхит кон универзумот, кој го чини возвишен и сензибилитетот за убавината кај Кант, се тема на овој есеј.

Имено, во делото Посматрање на чувството за убавина и возвишеност, Кант пишува за комплементарната природа на половите. Во ова дело Кант ја велича жената и ја смета за поубав пол во однос на мажот кој, пак, го смета за благороден. Во третиот дел од делото, најексплицитно говори за разликите меѓу мажот и жената од каде што можат да се изведат и одредени заклучоци во однос на жените и на женските одлики и карактеристики. Фините чувства Кант ги поврзува со атрибутите на жените, а нив со чувството за убавина. Жената е способна за убавина, а мажот за возвишеност при што, нагласува Кант, тоа не значи дека на жената ѝ недостасуваат благородни квалитети и дека машкиот пол не знае што е убаво. Напротив, штом жените се талентирани и со афинитет за препознавање на убавото, тогаш тие треба да се обединат и да се насочат кон подобрување на карактерот на убавото. Од друга страна, Кант зборува за машките квалитети и ги поврзува со благородноста и со праведноста. Според него, убавото и возвишеното треба да бидат главни критериуми при донесување на судови во однос на жените и на мажите. На пример, за еден маж може да судиме дали е добар доколку делата и однесувањето му се возвишени и благородни, а во однос на жената дали нејзините дела и однесување се убави. Сите судови за двата пола треба да произлегуваат од овие критериуми како од страна на оние кои ги фалат така и од страна на оние кои ги обвинуваат. И продолжува, женската личност е „пофина“, поспецифична од машката бидејќи поседува повеќе рафинираност и нежност во нејзините црти, има повеќе инстинктивно чувство за сето она што е убаво, стилски и орнаментно, а ова чувство го поседуваат дури и малите девојчиња кои сакаат да се дотеруваат и да користат украси. Жените обожуваат да бидат забавувани од тривијалности само доколку тоа ги засмева и ги весели. Җената има централно место во животот на мажот, а околу неа се врти сиот негов свет − знае и умее да ја рафинира машката природа, а има и разбирање за машкиот свет. Җената ги спречува злите дела не затоа што тие не се во ред, туку затоа што изгледаат грдо. Возраста ѝ е голем непријател, уништувач на убавината и закана за нејзината привлечност. Кога постепено згаснува убавината кај жената тогаш таа треба да се посвети на возвишеното. Како што се намалуваат убавината и шармот на жената, таа треба да започне да се образува и да учи. Разбирањето пак на светот околу нив, на реалноста и на животот, кај мажите е длабоко поврзано со благородното и со возвишеното. Немилосрдноста и надминувањето на тешкотиите се својствени на мажите и се атрибути на возвишеното. Мажите не треба да плачат, освен доколку солзите не се великодушни, а во однос на брачните прашања тој смета дека мажот и жената треба постојано да се усовршуваат, човекот да станува сè посовршен маж, а жената посовршена жeна. За Кант „цивилизираната жена“ има еднакво разбирање колку и „цивилизираниот човек“, но разбирањето на жената е различно од она на човекот. Што подразбира Кант под човек, а што под жена? Дали жената не е човек?! Ова исто прашање си го поставува и американскиот философ Ненси Туан и ќе забележи дека Кант прави разлика во начинот на кој се разбираат човекот и жената: таа го разбира мажот од „позиција на убаво разбирање”, додека тој ја разбира од „позиција на благородно разбирање“. А тоа се две различни, но комплементарни позиции.

ПРЕПОРАЧАНО