Општество
Централниот регистар на првото место за Управување со квалитет во јавниот сектор
25.04.2025
Под покровителство на Министерството за јавна администрација, денеска се одржа свечен настан по повод доделувањето на признанијата за Управување со квалитет во јавниот сектор на институции кои покажале највисоко ниво на посветеност, ефикасност и транспарентност во своето работење.
- Прва награда доби Централниот регистар на Република Македонија, втората награда Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), а третата награда му беше доделена на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), соопшти Министерството за јавна администрација.
На настанот се обрати министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека квалитетното управување не е само обврска, туку суштинска вредност и патоказ кон европско и одговорно управување.
- Управувањето со квалитет не е само алатка – тоа е волја за вистинска промена, за јавна администрација што работи во служба на граѓаните, истакна Минчев во своето обраќање.
Овие институции, како што посочи министерот, не се само успешни приказни, туку се доказ дека реформите се можни и дека доброто управување носи доверба.
Настанот беше организиран во соработка со Координативното тело за управување со квалитет и претставува поттик за сите јавни институции да продолжат со унапредување на своите процеси, системи и услуги, во интерес на граѓаните и државата.
Од Министерството за јавна администрација велат дека остануваат посветени на реформите, европските стандарди и унапредување на јавниот сектор како двигател на промените.
Извор/фото МИА