Општество
“ГРИН ЦИРК 25” на ТМФ КАКО КАТАЛИЗАТОР НА ПРОМЕНАТА ЗА ЗЕЛЕНА ИДНИНА
30.04.2025г
Во организација на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје се одржа Втората меѓународна конференција за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија – ГРИН ЦИРК 25. Во периодот од 22 до 25 април 2025 година факултетот се претвори во сцена на иновација, ентузијазам и визија за подобра иднина.
Оваа меѓународна конференција ги обедини водечките умови од 14 земји ширум светот, меѓу кои Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Полска, Романија, Италија, Албанија, Бугарија, Франција, Словенија, Турција, Велика Британија и Тајван.
Конференцијата свечено започна на 22 април, симболично во чест на Денот на планетата Земја. Гостите ги поздрави деканот на ТМФ проф. д-р Стефан Кувенџиев кој изјави „ГРИН ЦИРК 25 е значаен настан и доказ за посветеноста на ТМФ во напорите да ја унапреди и промовира циркуларната економија и одржливите иновации. Се гордееме со фактот што ТМФ е дел од оваа важна глобална иницијатива и продолжуваме да работиме на создавање на зелена и одржлива иднина. Би упатил голема благодарност до научниот и организацискиот одбор кои докажаа дека тимската работа е суштински дел од успехот. “
Вредноста на конференцијата беше препознаена и од меѓународната академска заедница, а за ГРИН ЦИРК 25 пишува и Универзитетот Кембриџ. Покрај пленарните и стручни излагања на врвни експерти од светот, беа изложени 37 научни постери, претставувајќи иновативни истражувачки трудови на локални и интернационални стручни лица од областа на технологијата.
На 25 април, третиот работен ден, вниманието беше насочено кон младите иноватори во рамките на студентскиот Хакатон. Под темата „Зелени идеи за ревалоризација на на био- и индустриски отпад“, десет тимови од Македонија и Србија презентираа свежи, оригинални и мошне креативни решенија за своите зелени идеи за ревалоризација на био- и индустриски отпадни материјали. Во атмосфера полна со енергија и позитивна конкуренција, студентите ја претставија својата визија пред стручно жири составено од еминентни претставници на индустријата, академијата и спонзорите на настанот.
Со одлична организација, врвни научни предавања и инспиративна младинска енергија, ГРИН ЦИРК 25 уште еднаш ја потврди својата важност за развојот на одржливото инженерство и иновациите насочени кон зелена иднина.