Општество

Нула смртоносни сообраќајки до 2050, построги сообраќајни правила во ЕУ

Во Европска Унија имало 20.380 загинати во сообраќајни несреќи во 2023, или намалување од 1,3% во споредба со 2022, се вели во статистичкиот извештај на Евростат. Ова е намалување за 16% од 2013 до 2023.

Во девет од земјите членки на ЕУ — Бугарија, Романија, Летонија, Хрватска, Грција, Португалија, Литванија, Италија и Полска — имало 50 или повеќе смртни случаи на милион жители.

Во Шведска, Данска, Малта и Финска забележале најмал број загинати, со 22, 27, 30 и 33 смртни случаи на милион жители, соодветно.

Три од четирите земји што не се членки на ЕУ за коишто Евростат објави статистички податоци, Норвешка, Исланд и Швајцарија, пријавиле релативно ниски стапки од по 20, 21 и 27 загинати на милион жители. 

Прелиминарната статистика за 2024 покажува дека бројот на смртни случаи во сообраќајот продолжува да се намалува во ЕУ, иако бавно, опаѓајќи за 3%.

Статистиката на Евростат покажува големи разлики меѓу возачите во однос на нивниот пол, исто така. Мажите биле одговорни за речиси три четвртини од смртните случаи во ЕУ во периодот меѓу 2013 и 2023.

Истражувањата покажуваат дека мажите се посклони кон возење во алкохолизирана состојба; поретко носат сигурносни појаси; ја пречекоруваат дозволената брзина; а и телефоните повеќе им го одвлекуваат вниманието кога се зад воланот.

Пиењето алкохол е значаен фактор за сообраќајните жртви. Во Шпанија, на пример, е причинител на 26% од смртоносните сообраќајќи.

Родовите норми се одразуваат и на возачките навики, па жените се подефанзивни и превентивни, а мажите возат поагресивно и преземаат поголеми ризици.

Според Павел Хавранек од чешкиот Центар за сообраќајни истражувања, во Чешка се намалил бројот на смртоносни сообраќајќи предизвикани од престигнување други возила. Исто така опаднал бројот жртви меѓу децата, младите возачи, пешаците, како и на бројот несреќи предизвикани од алкохол.

„Од друга страна, пак, нѐ загрижува превисоката бројка загинати велосипедисти, постари лица и мотоциклисти. Мора да се сконцентрираме на овие ризични групи и области за да постигнеме напредок во иднина,“ додава тој.

Безбедноста во сообраќајот се најде под лупата на јавноста во Бугарија по трагичната смрт на едно 12-годишно девојче во сообраќајка на државен пат во северниот дел на земјата кон крајот на март.

Илјадници демонстранти во низа градови и гратчиња бараа да ѝ се стави крај на „војната“ на патиштата, апелирајќи да се донесат построги закони и казни за сообраќајните прекршители.

Бугарските власти најавија планови да ја подобрат безбедноста на 36 критични патни делници, со цел да се намали бројот на погинати и повредени за 20%.

Агенцијата за патна инфраструктура исто така објави детална мапа со обележани точки каде што често се случуваат несреќи и воведе акциски план да ги направи тие места побезбедни. Мапата ќе се ажурира еднаш неделно.

Во Италија беа донесени нови закони во ноември 2024 со кои се покачуваат казните и се олеснува одземањето на возачките дозволи на тие што возат со мобилен телефон во рака или под дејство на алкохол или дрога.

Шведска ја има најниската стапка на смртоносни сообраќајки во ЕУ, па сепак внимателно ги следи сите евентуални промени на полошо. 

Една претстојна промена е добар пример за ова. Државата има посебен систем во којшто 15-годишниците смеат да возат трактор, со максимална брзина од 30 километри на час, без возачка дозвола.

Новите правила, како дел од преправките на европската директива за возачки дозволи, ќе ја сменат состојбава. Петнаесетгодишниците уште ќе можат да си ги возат специјалните возила, но ќе мора да добијат возачка дозвола преку полагање задолжителен практичен и теоретски испит. Во исто време, на „тракторите“ ќе им биде дозволена максимална брзина од 45 км/ч.

Построги правила ќе се воведат и на ниво на цела ЕУ. Блокот има долгорочна цел од речиси нула смртоносни сообраќајки до 2050.

За да се постигне ова, во четвртокот Европската комисија предложи комплетен ремонт на легислативата на ЕУ за безбедност во сообраќајот и регистрации на возила.

„ЕУ е цврсто посветена на намалувањето на бројот на загинатите и тешкоповредените во сообраќајот за 50% до 2030,“ рече Еврокомесарот за транспорт Апостолос Ѕиѕикостас.

Предлогот предвидува повремени технички проверки на електричните возила, со оглед на нивниот сѐ поголем број на европските патишта, како и напредните технологии.

Возилата што многу загадуваат, вклучително и тие со лажирани податоци за нивната емисија на штетни гасови, ќе се разоткриваат преку нови методи за тестирање емисии.

Движењето преку европските граници ќе се поедностави преку размена на електронски регистрации на возила и потврди за повремени тестови преку заедничка платформа. Километражите на возилата ќе се чуваат во државни датабази и ќе се споделуваат и преку границите.

Автомобилите и комбињата постари од 10 години ќе се носат на технички преглед еднаш годишно.

Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ допрва треба да ги одобрат новиве правила за тие да стапат на сила.

Начелно, ЕУ во март се согласи околу забраните на возење што би важеле во сите 27 земји членки.

Според новите правила, ако на некој возач му е изречена забрана или ограничување поради сериозна сообраќајна несреќа во која било земја членка, забраната или ограничувањето ќе важи и во земјата во која на возачот му била издадена возачката дозвола.


 

Извор МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано