Општество
МОН: Стипендии за средношколци за студиски програми по македонски јазик
05.05.2025
Заради стимулирање на учениците од IV година од средното образование за запишување на студиски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за студиската 2025/2026 година ќе додели 15 стипендии на редовни студенти запишани студиски програми за изучување на македонскиот јазик во прва година на додипломски студии (прв циклус).
Како што информира МОН, стипендијата е во месечен износ од 6.050 денари за девет месеци во текот на студиската година. Право на стипендија ќе имаат студентите запишани во прва година на додипломски студии кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија, студиски програми за изучување на македонскиот јазик и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти; да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании и да се државјани на Република Северна Македонија.
- Критериуми за доделување на стипендиите се: Успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование, со просек од сите четири години од најмалку многу добар; доколку кандидатот користел стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, добива дополнителен 1 бод за секоја година од користење на стипендијата, наведува Министерството.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk во периодот од 1.11.2025 до 15.11.2025 година.
- Стипендијата се доделува за толку семестри за додипломски студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање, сoопшти Министерство за образование и наука.
Извор МИА
фото freepic