Општество
Изложба за „Првите парламентарци и претседатели на Собранието од 1944-2024“
12.05.2025
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе биде отворена изложба на авторот проф. д-р Марјан Димитријевски насловена „Првите парламентарци и претседатели на Собранието на НРМ, СРМ, РМ, РСМ 1944-2024“. Базирана е на нови архивски материјали, во голем дел досега необјавени.
- Целта на проектот е да потсети на првиот Парламент, односно Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944 година), кога се удрени темелите и на нашата државност. Паноата ја отсликуваат и состојбата на периодот потоа, на современите државотворни настани до 2024 година, се вели во соопштението за изложбата.
Централно место во поставката заземаат биографските податоци и изворен нагледен материјал за првите парламентарци и претседателите на Собранието од АСНОМ во 1944 па до 2024 година. Проектот ги претставува портретите, биографиите, времето и настаните што биле најрелевантни за периодот во кој тие работеле и дејствувале.
Како што соопштија организаторите, изложбата ги одбележува истовремено и сите значајни етапи во развојот на македонската држава низ законскити акти донесени од парламентарците, со кои тие ја креираат државноста, при што некои настани остануваат забележани во државотворната национална историја за вечни времиња. Петдецениски повоен период (1945 – 1991) се одликува со државотворни промени, преку кои се создадени претпоставките за остварување на вековниот стремеж за независна македонска држава во рамките на тогашната југословенска федерација.
- Во осум децениското државно живеење (1944-2024), македонската држава мина низ плејада искушенија во зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури, а претседателите на парламентот-Собранието заедно со парламентарците се клучните личности кои ја креираат и насочуваат политиката на донесување на државотворните акти, подвлекува авторот, проф.д-р Марјан Димитријевски, историчар.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам.
Извор/фото МИА