Општество

На 13. Робомак ќе учествуваат 60-ина студенти

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ од денеска до 17 мај ќе се одржува 13. Меѓународен студентски натпревар и работилница во роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција – Робомак (Robomac).

Ќе учествуваат околу 60 домашни и странски студенти, а по петти пат ќе биде организиран и натпреварот „Робомак јуниор“ на кој ќе се натпреваруваат 54 средношколци од 20 училишта во државава. Финалето на натпреварувачките тимови ќе биде  в сабота, на последниот ден од Робомак. 

Студентите се распоредени во пет натпреварувачки категории - ќе развиваат роботски системи што препознаваат визуелни и звучни команди, ќе дизајнираат интелигентни агенти за динамични сценарија, ќе комбинираат машински вид роботика за автоматизирано сортирање и ќе програмираат автономни тркачки возила.  Покрај натпреварот ќе има и предавања од експерти. Средношколците талентирани за иновации на натпреварот „Робомак јунуор“ се поделени во две категории. 

Успех во натпреварот им посакаа деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски, ректорката на Скопскиот универзитет, Биљана Ангелова, државниот секретар во Министерството за дигитална трансформација (МДТ) – Гордана Клинчарова,  претседателот на македонската секција на IEEE - Анастас Мишев и Филип Жаков, претседател на студентскиот огранок на македонската секција на IEEE. 

Деканот Атанасовски истакна дека Робомак станал симбол на младешкиот ентузијазам, иновациите и бескрајната љубопитност кон технологијата кој, рече, сѐ повеќе е препознатлив во земјава но и во регионот.

- Робомак е место каде што се среќаваат идните инженери и иноватори, каде што се спојуваат идеите, страста и знаењето. Робомак е платформа што го надминува класичниот концепт на натпревар – инспирира, мотивира и поврзува... Преку натпреварите, работилниците и предавањата, Робомак создава средина во која младите луѓе учат да соработуваат, да истражуваат, да експериментираат, но и да се забавуваат, истакна Атанасовски. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано