Општество

Јаневска: Средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано

Македонија има Стратегија за паметна специјализација која дефинира области каде имаме потенцијал за развој. Најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието, да создава кадар кој е потребен во приоритетните области на стопанството. Ова денеска го истакнала министерката за образование и наука Весна Јаневска на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде е говорник на панел дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.

Стратегијата за паметна специјализација, нагласила, нé насочува кон дигитална и зелена транзиција во областа на паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради.

- Во овие области е потребен стручен кадар и затоа сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и високото стручно образование, рекла Јаневска.

Министерката информирала дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, како и оти има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.

- Во 2017 година воведовме концепт на дуално образование, односно учење преку работа и тој постојано се проширува. Компаниите се вклучени во развојот на практичните вештини кај младите и денес во македонските средни стручни училишта учат 70% од вкупниот број на средношколци, рекла Јаневска, потенцирајќи дека и во високото образование фокусот е насочен кон техничките науки, но оти постои простор за продлабочување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис секторот.


 

Извор МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано