Општество

Во Гевгелија се одбележува 80 години од озаконувањето на македонскиот правопис

ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија денеска со свеченост и со низа настани ќе одбележи 80 години од законското официјализирање на македонскиот правопис.

На свеченоста, како што информираат од Библиотеката, излагања ќе имаат проф. д-р Димитар Пандев и публицистот Мишо Китаноски, кои ќе дадат историски и лингвистички осврт на значењето на овој настан за македонскиот јазик и култура.

- Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година, а усвоена на 5 мај 1945 година од Народната влада на федерална Македонија. По ова, Правописот на македонскиот јазик е донесен на 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев. Со решението, овој правопис бил прифатен како официјален правопис во Народна Република Македонија, по што бил отпечатен во Скопје во 1945 година како засебна книшка од 20 страни. Ова е третиот и завршен настан поврзан со кодификацијата на македонскиот јазик, по Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава, а потоа и Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука. Донесувањето на азбуката и правописот претставува значаен придонес во чинот на кодификацијата на македонскиот литературен јазик, со кој е стандардизирана јазичната норма во јазичната практика, информираат од Библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија.

Значајниот јубилеј ќе се одбележи во Гевгелија, во рамки на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“.

Модератор на настанот е Стефчо Стефанов и истиот ќе биде музички збогатен со настап на Влатко Иљачев – Валдера, а ќе го отвори директорот на библиотеката, Стефан Марковски. 


Фото: ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано