Економија
Трговската војна во светот – за Република С. Македонија можност за подобрување на бизнис-климата преку олеснување на прекуграничната трговија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
Република С. Македонија, како мала и отворена економија, е неизбежно поврзана со глобалните економски текови. Иако не е директен учесник во трговската војна меѓу САД, предводена од претседателот Доналд Трамп (и неговиот тим), и остатокот од светот, особено Кина, последиците од оваа конфронтација ќе се чувствуваат и во македонската економија. Оваа трговска војна, која започна со воведување царини и ограничувања, има потенцијал да предизвика значителни директни и индиректни штети за С. Македонија. Во моментов, примената на новите, повисоки царини е одложена за 90 дена, но ризиците и неизвесноста за бизнисите се големи.
Директни штети
Извозот на Република С. Македонија кон Соединетите Американски Држави во 2024 година изнесуваше 109 милиони евра или 1,4% од вкупниот извоз. Ваквата бројка можеби изгледа незначајна на прв поглед, но сепак, доколку увидиме дека извозот во 2024 година од С. Македонија кон САД забележал раст од 121 % (а во услови на пад на вкупниот македонски извоз кон остатокот од светот од 6,5 %), перцепцијата е поинаква. Дополнително од 2013 до 2024 година, извозот кон САД бележи просечен годишен раст од 17,5 %, додека просечниот раст на вкупниот извоз во истиот период изнесува 8,8% или двојно помалку. Доколку овој тренд продолжи, извозот кон САД би имал сè поголеми ефекти врз македонската економија. Воспоставување царинска стапка од 33 % за увоз на македонски производи во САД, а во услови на 20 % тарифа за производи од Европската Унија, всушност го прави македонскиот извоз неконкурентен и за 13 процентни поени поскап од европскиот извоз. Фабриките, како Ван Хол, може и на краток рок да донесат одлука со која дел од своето производство би го префрлиле во земјите кои имаат пониски царини со САД.
Индиректни штети
Индиректните штети се уште посложени за предвидување, но тие секако ќе бидат поголеми. Една од главните индиректни последици е влијанието на американските царини врз Европската Унија која е главен трговски партнер на С. Македонија. Ако трговската војна доведе до економско забавување во ЕУ, македонската економија ќе биде погодена преку намалена побарувачка за македонски производи. Извозот на Република С. Македонија кон Германија во 2024 година изнесуваше 3,98 милијарди евра или 39,8 % од вкупниот македонски извоз. Дополнително извозот кон земјите членки на Европската Унија во 2024 година изнесуваше повеќе од 70% од вкупниот извоз. Намалената побарувачка за македонските производи, секако, ќе значи намалено производство и намалување на бруто-домашниот производ. Втората индиректна последица е поврзана со полупроизводи кои се произведуваат во С. Македонија, а потоа се вградуваат како дел од финални производи на ЕУ и се извезуваат во САД. Во овој сегмент, најпогодена би била македонската автомобилска индустрија (или индустрија на моторни возила) која главно извезува делови за автомобили кои се вградуваат во финалниот производ (автомобил), најчесто во Германија. Евентуалното воведување на високи царински стапки за извоз на автомобили од ЕУ кон САД ќе ја намали побарувачката за автомобилите, а со тоа и на македонското производство на автомобилските делови.
Подобрување на бизнис-климата
Во вакви услови постојат неколку можни одговори на носителите на политиките во С. Македонија. Првата можна опција, а тоа е да се издејствуваат пониски царини за македонски производи, е речиси невозможнa бидејќи тешко може да се очекува дека администрацијата на Трамп ќе направи отстапувања само за С. Македонија. Друго можно сценарио е Владата да се фокусира на подобрување на бизнис-климата, особено во областа на меѓуграничниот извоз и увоз на стоки, односно да се намалат административните и инфраструктурните пречки поврзани со меѓународната трговија.
Така, според Индексот за логистички перформанси (LPI) на Светската банка, постојат шест клучни области важни за поголема меѓународна трговија:
1. Ефикасност на царинските процедури – забрзување и поедноставување на формалностите.
2. Квалитет на инфраструктурата – подобрување на патиштата, на железниците и на дигиталната инфраструктура.
3. Леснотија на организирање пратки – намалување на трошоците за транспорт.
4. Компетентност и квалитет на логистичките услуги – подобрување на услугите на транспортните оператори и на царинските брокери.
5. Можност за следење и за трасирање на пратките – воведување напредни технологии за следење.
6. Навременост на испораките – осигурување дека пратките стигнуваат навреме.
Табела 1: Оценка на перформансите во логистиката според Индексот за логистички перформанси (LPI), споредба со регионот во 2023 година

Табела 2: Области во кои Република С. Македонија има послаби резултати, споредено со регионот во 2023 година

Споредба со регионот
Во меѓународната трговија, како што е прикажано во табела 1, Република С. Македонија е релативно добро оценета според Индексот на логистика на Светската банка со просечна оценка од 3,1. Оваа оценка е најдобра во споредба со земјите од Западен Балкан, но сè уште е послаба во однос на некои земји од Европската Унија. Подетално, Република С. Македонија има релативно поефикасни царински процедури, навременост на испораки и квалитет на логистика. Сепак, во однос на земјите членки на Европската Унија, речиси секаде е послаба од селектираните земји членки на Европската Унија.
Во табела 2 се прикажани областите каде што Република С. Македонија е послабо рангирана. Очекувано квалитетот на инфраструктурата (патна и железничка) е значаен простор каде што е неопходно подобрување, како и кај критериумот за леснотија на организирање на пратките, што укажува на тешкотии при организирање извоз од Република С. Македонија. Во овие категории, Република С. Македонија е послабо рангирана дури и од повеќето земји од Западен Балкан.
Македонија 2025 континуирано се залага за дигитализација на услугите што ги нудат владините институции. Индексот на логистиката укажува дека Царинската управа, но и останатите институции, за да ги подобрат своите услуги ќе мора да направат комплетна дигитализација со што ќе се подобри меѓуграничната трговија, а воедно и ќе се намали корупцијата. Царинските постапки, како и леснотијата на организирање на пратките можат многу да се подобрат со дигитализацијата.
Заклучок
Република С. Македонија, како мала и отворена економија, е ранлива на глобалните економски конфликти како трговската војна меѓу претседателот Трамп и остатокот од светот, особено со Кина. Директните и индиректните штети од оваа војна можат да имаат значителни последици врз македонската економија. Сепак, со фокусирање на подобрување на бизнис-климата и на логистичките перформанси, С. Македонија може да ги минимизира ризиците и да ги искористи можностите за долгорочен економски раст. Секако, континуираната дигитализација претставува начин за подобрување на бизнис-климата во С. Македонија мерена преку Индексот на логистика на Светската банка.