Финансии / Банкарство
Словенија ќе (из)гради општество на финансиски писмени граѓани
13.06.2025
Владата на Словенија формираше Совет за финансиска писменост што е во согласност со Стратегијата за развој на пазарот на капитал на Словенија за периодот 2023-2030 година и Националната програма за финансиска писменост.
Советот за финансиска писменост ќе игра клучна улога во спроведувањето на националната програма, објави Министерството за финансии на Словенија.
- Целта е да се изгради општество на финансиски писмени поединци кои ќе бидат подобро подготвени за животните предизвици и ќе придонесат за постабилен финансиски и јавен финансиски систем. Соработката помеѓу различните засегнати страни од јавниот и приватниот сектор е клучна за сеопфатен пристап кон финансиската писменост, информираат од ресорното министерство.
Советот, меѓу другото, ќе ги дефинира приоритетите и мерливите цели и ќе го следи спроведувањето на националната програма. Исто така, ќе подготвува и прилагодува акциони планови, ќе координира различни програми за финансиска писменост, ќе ја проценува нивната ефикасност и ќе ја промовира соработката помеѓу засегнатите страни.
Важна задача на советот ќе биде и промовирање на финансиската свест и поттикнување на иновативни пристапи кон финансиската писменост во соработка со академијата.
Владината одлука ја нагласува важноста на редовна, отворена и непристрасна комуникација со јавноста преку различни канали, пренесува Сеебиз.
фото freepic