Општество
Климатските промени – од зборови на дела?
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2025г.
Без сомнение, загадувањето на животната средина и климатските промени се едни од најважните прашања во јавните дебати во светот. Оние најзагрижените често одржуваат бројни протести и одвреме-навреме упаѓаат на состаноците на политичарите и прават скандали; за време на доделувањето на наградите, музичките и филмските ѕвезди редовно даваат емотивни изјави во стилот „да ја спасиме планетава“, а речиси да нема политичар (со исклучок на Трамп) кој не ја „вергла“ приказната за потребата од решителни и бескомпромисни акции и бла-бла-бла... Се разбира, во меѓувреме, додека кучињата лаат, караванот си врви: одвреме-навреме политичарите се собираат на големи собири на кои потпишуваат декларации со бомбастични цели кои, потоа, или не ги почитуваат или пак отворено се откажуваат од нив.
Имајќи предвид дека сѐ на светов има некакви економски причини или последици, разбирливо е тоа што климатските промени претставуваат популарна тема и во истражувањата на економистите. Неодамна група економисти спроведоа големо испитување на јавното мислење за климатските промени со цел да ги утврдат факторите што имаат пресудно значење за поддршката на јавноста во борбата против климатските промени. Со испитувањето беа опфатени над 40 000 луѓе од 20 земји (10 развиени земји и 8 земји со среден доход) кои имаат најголемо учество во загадувањето (САД, Кина, Индија, Русија, Бразил итн.).1
Колку знаеме за климатските промени?
Најпрвин анкетата го потврдува она што е веќе општо познато – дека најголемиот дел од човештвото е согласно дека треба да се запрат негативните трендови на климатските промени. Дури 84 % од испитаниците во развиените земји и 88 % во земјите со среден доход одговориле дека климатските промени се значаен проблем со кој се соочува современиот свет. Слично на тоа, 82 % од испитаниците во развиените земји и 88 % од втората група се согласни дека нивните влади треба да преземат сериозни мерки во борбата против климатските промени. Од друга страна, малкумина отворено го негираат постоењето на климатските промени: нивното учество е помало од 10 % во сите земји, а во Франција, во Австралија и во САД 12 % од испитаниците не веруваат во приказната за климатските промени. Исто така повеќето луѓе веруваат дека климатските промени претежно се предизвикани од луѓето: меѓу 57 % (во Франција) и 87 % (во Мексико) од испитаниците во одделни земји веруваат дека климатските промени „во голема мера или претежно“ се резултат на активностите на луѓето. Интересно, учеството на скептиците е поголемо во развиените земји.
Општо земено, луѓето во развиените земји се песимисти во поглед на иднината на човештвото: над 60 % од испитаниците сметаат дека е невозможно до крајот на 21 век да се спречат климатските промени со истовремено задржување на животниот стандард; помалку од 20 % веруваат дека светот ќе биде подобро место за живеење во следните сто години; а значителен дел од испитаниците верува дека, ако не се преземат сериозни мерки, климатските промени ќе предизвикаат истребување на човештвото. Наспроти нив, испитаниците во земјите со среден доход се позагрижени за последиците од климатските промени, но истовремено се оптимисти во поглед на способноста на човештвото да ги запре неповолните климатски промени. И овде жените, младите и левичарите се позагрижени за неповолните последици од климатските промени, додека побогатите, пообразованите, постарите луѓе и левичарите се поголеми оптимисти дека можат да се запрат климатските промени.
Во продолжение анкетата дава интересни сознанија за значењето на луѓето за климатските промени. Во тој поглед, населението во земјите со среден доход има помало знаење за изворите на глобалното загревање: на пример, повеќето испитаници не знаат дека нуклеарната енергија загадува помалку од гасот и од јагленот, дека авионите загадуваат повеќе од автомобилите и од автобусите и дека Кина е најголемиот загадувач (мерено во апсолутен износ). Единствено, во двете групи земји, голем дел од испитаниците не знаат дека САД се најголемиот загадувач, мерено по глава на жител. Во однос на последиците од глобалното затоплување (можното зголемување на нивото на океаните, појавата на долготрајни суши итн.), знаењето на луѓето е исто во двете групи земји. Анкетата покажува дека, речиси во сите земји, луѓето со високо образование знаат повеќе за климатските промени; дека луѓето со левичарски политички погледи имаат подобро знаење во споредба со симпатизерите на партиите од центарот и од десницата; знаењето на жените е помалку прецизно, т. е. тие ги преценуваат последиците од климатските промени; од друга страна, не постои јасна врска меѓу возраста и знаењето за климатските промени.
Поддршка на политиките поврзани со климатските промени
Значаен дел од анкетата е посветен на ставовите на испитаниците за политиките кои би можеле да го намалат или да го спречат трендот на загревање на Земјата. Во тие рамки, од испитаниците се бара да го кажат своето мислење за поголем број политики како што се: инвестиции во „зелени“ технологии, забрана на класичните моторни возила (со мотори на внатрешно согорување), т.н. „јаглероден данок“ (данок што се плаќа во зависност од испуштеното количество јаглерод диоксид), политики во врска со превозот (данок на авионските билети, забрана за движење на автомобилите во централните градски подрачја), политики поврзани со трошењето на енергијата (субвенции за алтернативни начини на греење, данок на фосилни горива, изолација на зградите), политики во однос на производството на храна (субвенции за органска храна, укинување или забрана на фармите за масовно одгледување добиток, висок данок на говедското месо) итн.
Одговорите на оваа група прашања откриваат значајни разлики во ставовите на луѓето. На пример, луѓето во земјите во развој се многу поголеми приврзаници на инвестициите во „зелените“ технологии: дури 78 % од испитаниците се согласуваат со нив, додека тој процент изнесува само 58 % во развиените земји (42 % во Германија и 52 % во САД). Слично на тоа, 64 % од испитаниците во земјите со среден доход ја поддржуваат забраната на моторните возила кои користат нафта или бензин (77 % во Индија и 71% во Кина), додека оваа мерка ја ужива поддршката на само 43 % од луѓето во развиените земји (27 % во Франција и 31 % во Германија). Понатаму, дури 60 % од луѓето во земјите во развој го поддржуваат јаглеродниот данок, додека поддршката во развиените земји изнесува само 37 %. Исто така 60 % од луѓето во развиените земји и 71 % од земјите во развој ја поддржуваат забраната на автомобили во градските центри, додека поддршката на данокот на авионските билети е помала – 45 % во развиените и 52 % во земјите во развој. Исто така ниска е поддршката на данокот на фосилните горива – 36 % и 48 % соодветно. Најпосле, само 30 до 40 % од луѓето во двете групи земји ги поддржуваат мерките против производството на говедско месо.
Воопшто, за сите предложени 24 мерки против глобалното загревање, степенот на поддршка е значително повисок во земјите со среден доход, додека луѓето во развиените земји се повоздржани. Делумно тоа се должи на фактот што проблемот со загадувањето е особено изразен во некои од земјите во развој (на пример, Индија и Кина), но различните одговори веројатно се должат и на тоа што луѓето во развиените земји не сакаат да прифатат мерки против глобалното затоплување кои ќе доведат до зголемување на јавниот долг (кој веќе е на многу високо ниво во развиените земји).
Одговорите на поставените прашања јасно покажуваат дека поддршката на мерките против климатските промени пресудно зависи и од тоа кој ќе ги плати трошоците. Во тој поглед, во речиси сите земји, испитаниците се согласуваат со тоа дека борбата против климатските промени треба да се финансира на два начина: со јаглеродниот данок (загадувачите да плаќаат данок на испуштениот јаглерод диоксид) и со повисоки даноци на најбогатите луѓе. Од друга страна, испитаниците не ги поддржуваат ваквите мерки ако се финансираат со ново задолжување на владите, со намалување на социјалната заштита, со намалување на воената потрошувачка, со пораст на ДДВ и со зголемување на цените на автомобилите. Исто така испитаниците поддржуваат одредени мерки (на пример, повисоки даноци) само под услов тие да бидат придружени со субвенции за посиромашните луѓе (на пример, субвенции за замена на системите за греење на домовите, субвенции за изолација на куќите, субвенции за купување електрични автомобили) или ако повисоките даноци служат за инвестиции во зелени технологии.
Ова покажува дека луѓето се свесни дека борбата против климатските промени има цена (намалување на животниот стандард) и дека пресудно значење има тоа кој ќе ја плати таа цена. Всушност, анкетата покажува дека поддршката на политиките против климатските промени зависи од три основни фактори. Првиот фактор е вербата во ефективноста (резултатите) на таквите политики, т. е. луѓето кои веруваат дека одредени политики ќе го намалат глобалното загревање даваат поддршка на тие политики, додека скептиците се истовремено и противници на политиките. Вториот фактор е личниот интерес, т. е. луѓето не ја поддржуваат борбата против климатските промени ако сметаат дека таа ќе се одрази токму на нив (ќе им го намали животниот стандард). Трето, степенот на прогресивност во распределбата на трошоците – луѓето даваат поддршка на мерките против климатските промени само ако сметаат дека тие се праведни, т. е. ако за нив повеќе плаќаат побогатите. Според тоа, „обичните“ луѓе или ги поддржуваат мерките против климатските промени ако државата им плати за тоа или сметаат дека е праведно цената да ја платат богатите кои, пак, не се воодушевени со таа идеја. Имајќи предвид дека богатите имаат поголемо влијание врз политиката, не е тешко да се заклучи зошто мерките против глобалното загревање најчесто се сведуваат само на декларации кои тешко се спроведуваат.