Финансии / Банкарство
АРГЕНТИНА САКА ДА ГИ „ИЗВЛЕЧЕ“ ДЕВИЗНИТЕ ЗАШТЕДИ НА ГРАЃАНИТЕ КОИ ГИ ЧУВААТ ВО ПЕРНИЦИ
17.06.2025
Аргетинскиот претседател Хавиер Милеи сака да ги „охрабри“ граѓаните да почнат да ги трошат непријавените заштеди во долари кои се проценуваат на 200 милијарди американски долари. Со рестриктивната фискална политика Владата на Аргентина успеа да ја намали инфлацијата од 25 отсто во декември 2023 година на сегашни три отсто.
Во кампањата пред претседателските избори во октомври 2023 година Милеи се залагаше за „доларизацијата“ на платниот промет во земјата, ветувајќи им на граѓаните дека ќе ја замени националната валута - пезосот со доларот. Сега темата за доларизација повторно е актуелна, но таа би се спровела со вклучување на девизните резерви на аргетинските домаќинства во редовните економски текови.
Во годините на високата инфлација во Аргентина граѓаните преминаа на штедење во долари за да се заштитат од високиот раст на цените на производите. Претседателот Милеи смета дека сега е време доларите да се извадат од „перниците“ и да се стават во функција на економскиот раст на земјата. Враќањето на заштедените долари во платниот систем би се одвивал преку укинување на даночните прописи и дерегулација.
- Со укинување на обврската за пријавување на девизниот имот на граѓаните во даночната управа ќе се олесни трансферот на доларите и со тоа ќе се намали опасноста државата да ги санкционира граѓаните, сметаат економистите во Аргентина.
Инфлацијата во Аргентина значително опадна, стапката на сиромаштија исто така опаѓа, а земјата има буџетски суфицити и економски раст. Според моменталните прогнози на Светската банка, аргентинската економија ќе порасне за 5,5 проценти оваа година, а следната година се очекува раст од 4,5 проценти. Но, цените на храната и стоките за секојдневна употреба значително се зголемија. Ова е првенствено последица на укинувањето на субвенциите и зајакнувањето на вредноста на аргентинскиот песоз. Затоа илјадници Аргентинци сега одат во Чиле, Парагвај или Бразил за да купуваат поевтино, објави Дојче веле.
фото freepic