Општество
Со европски пари граѓаните на Крива Паланка добија модерен парк на површина од 2000 метри квадратни
21.06.2025
Зелена и уредена цветна површина, со придружни спортски и рекреативни содржини за сите жители е сликата од урбаниот зелен парк во Крива Паланка на површина од над 2000 метри квадратни, што вчера официјално го пуштија во употреба амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Михалис Рокас и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Паркот е уреден на локација до комплексот згради кај градски зелен пазар во Крива Паланка и оформи комплетно нова зелена урбана приказна на просторот што до неодамна беше запуштен.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, упати благодарност за поддршката од ЕУ до евроамбасадорот Рокас, во име на граѓаните на Општина Крива Паланка.
- Ви благодариме за значајната поддршка, Вашето присуство овде денес е силна порака дека и малите градови и општини имаат големи причини за надеж и силни сојузници на патот кон ЕУ. Со поддршката од Европската Унија, преку Програмата за прекугранична соработка со Р.Бугарија, Општина Крива Паланка го покажува најдоброто лице на европските вредности, вредности што се гледаат, се ползуваат и се живеат. Ова е доказ дека кога сме обединети: институции, граѓани, пријатели од Европа и заедно можеме да создаваме вистински вредности, додаде Митовски.
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Крива Паланка е вистински пример како правилно, наменски и со не многу големи средства, корисно може да ги насочи финансиите од поддршката на Европската Унија.
Новиот парк е изграден во рамки на проектот „ПАРКОВИ“ - Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост што Општина Крива Паланка го имплементира во рамки на ИНТЕРЕГ – ИПА програмата на Евопската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија 2021-2017, Приоритетна оска 1 „Позелени погранични региони“. Проектот е со вкупна вредност од околу 895.000 евра, од кои 388.000 евра се наменети за Општина Крива Паланка како партнер 2, додека останатите се наменети за Општина Дупница, како водечки партнер.
Целта на проектот е подобрување на урбаниот биодиверзитет и квалитетот на живот во двете општини преку креирање и промоција на еко-пријателски зелени паркови и површини, а очекувана цел е поттикнување на заедницата на грижа за животната средина и да промовира одржливо урбано живеење.
Извор/фото МИА