Општество

РАЗДВИЖЕНОСТ ВО ЧЕКАЛНИЦАТА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Александар Стојков | Редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје

„Поедноставување на постапките за издавање дозволи за обновливи извори на енергија. Најмалку 0,8 GW нови капацитети за обновлива (соларна и ветерна) енергија. Постепено затворање на термоцентралите. Мапирање на 100 административни постапки за малите и за средните претпријатија при што најмалку 50 % од мерките за половина ги намалиле чекорите, времетраењето на постапката и потребната документација. Зголемување на бројот на истраги, гонење, правосилни пресуди, заплени и конечни конфискации за корупција, вклучително и случаи на корупција на високо ниво...“ Можеби звучи многу амбициозно, но ова се конкретни реформи кои треба да ги спроведат македонските институции и кои се прецизно дефинирани во Реформската агенда за Западен Балкан (2024 − 2027).
Ни се допаѓало нам или не, Западен Балкан се вкорени како географска одредница во бирократската терминологија на Европската Унија. Можеби е и повеќе од одредница!? На именката „Балкан“, светски признаен стереотип за конфликти, за нестабилност, за расцепканост и за корупција, ѝ се додаде придавката „Западен“. Дали придавката треба да служи како политички и вредносен ориентир кон Западот со оглед дека некои политички играчи намигнуваат кон Истокот? Можеби тоа и не толку важно.
Важно е дека изминаа две децении од прочуениот Самит на ЕУ и Западен Балкан во Солун, во јуни 2003 година, до новиот План за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија во ноември 2023 година. Тогашните учесници на Самитот во Солун тврдеа дека настанот поминал во еуфорична атмосфера, проткаена со огромен оптимизам и високи очекувања. Во меѓувреме се случи замор од проширување кај некои држави членки на ЕУ, замор од реформска посветеност кај некои држави кандидатки, кризи, пандемија... Унијата бараше повеќе време за внатрешни реформи и продлабочување на интеграциите, а Западен Балкан очекуваше посилни и кредибилни сигнали за својата европска интеграција. Изговорите дадоа краен резултат: Западен Балкан сè уште седи во чекалницата на ЕУ.
Дали во 2025 година регионот има причина за умерен оптимизам? Да се фокусираме на македонскиот случај. И покрај сите премрежиња, македонскиот БДП по жител е 41,5 % од просечниот БДП по жител на ЕУ − 27. Да се потсетиме дека во моментот на зачленување (јануари 2007 година), бугарскиот БДП по жител беше 40,5 % од тогашниот просек на ЕУ − 25. И квалитетот на нашите институции, иако значајно заостанува зад просекот на ЕУ, сепак е многу блиску до оној на последните примени членки (Бугарија, Романија и Хрватска). Последните податоци на Светската банка покажуваат дека во некои сегменти, како квалитетот на регулативата и ефективноста на политиките, дури сме и пред Романија.
За жал, условите за зачленување во ЕУ сега се значително построги во споредба со претходните бранови на проширување. Денес се става акцент на длабочината и на квалитетот на реформите и на нивните реални ефекти. Мора да бидеме прагматични, да ја прифатиме реалноста и да дејствуваме во согласност со новите правила на игра.
Планот за раст на Западен Балкан и Реформската агенда за Западен Балкан 2024 − 2027 година се креирани со цел да се намали развојниот јаз меѓу регионот и Европската Унија. На нив не треба да гледаме како на наметнати реформи, туку како на предложени реформи од страна на владите на Западен Балкан, кои истовремено се прифатени и се одобрени од Европската комисија. Дали можевме да одбереме и подобри реформи од оние кои го предложи претходната влада? Можеби. Oна што ѝ преостанува на оваа влада е да ги спроведе. Сепак, ова се реформи кои треба да ги спроведеме, пред сè, за нас самите, а дури потоа за забрзување на европските интеграции.
Реформската агенда, на која веќе се обврзавме, е целосно усогласена со нашите национални развојни приоритети (на пр., Националната развојна стратегија 2024 − 2044) и Целите за одржливиот развој на Обединетите нации. Таа е ретка шанса да покажеме политичка и институционална зрелост, реформски капацитет и способност за навремена реализација. Само на тој начин ќе можеме уверливо да тврдиме дека единствената пречка за членство во ЕУ е спорот со Бугарија.
Придобивките од членството во ЕУ се многу поголеми отколку што обично мислиме. Академските истражувања во економијата покажуваат дека земјите од Централна и од Источна Европа, кои се приклучија кон ЕУ во 2004 година, бележат повисок БДП по жител од над 33 % (графикон бр. 1). Тоа е еквивалентно на дополнителни 7 670 евра годишно по жител.

Графикон бр. 1 БДП по жител на десетте примени членки на ЕУ во мај 2004 година


Полска е типичен пример на успешна приказна. Во 2004 година, полскиот БДП по жител беше за 5 100 евра повисок од македонскиот, додека во 2023 година тој беше повисок за дури 13 700 евра (графикон бр. 2). Тоа не значи само повисок БДП туку и подобро здравство, поквалитетно образование, побезбедни патишта, побезбедна храна, нови вработувања, полесен пристап до европските пазари и технологија...

Графикон бр. 2 БДП по жител (во евра, според паритет на куповна моќ) во 2004 и во 2023 година

Планот за раст и Реформската агенда не претставуваат замена, туку надополнување на постојните механизми на ЕУ – пред сè, (1) реформските процеси предвидени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и (2) можностите достапни преку инструментот за претпристапна помош (IPA III). Вкупната финансиска поддршка за целиот регион е 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови, а 4 милијарди евра се заеми под исклучително поволни услови (графикон бр. 3).

Графикон бр. 3 Преглед на вкупната финансиска поддршка за Западен Балкан (во милијарди евра)


Реформската агенда за нашава држава предвидува 37 реформи и 136 реформски чекори групирани во 5 области и 18 подобласти во доменот на: (1) реформа на јавната администрација и управување со јавните финансии, (2) енергетска и дигитална транзиција, (3) човечки капитал, (4) развој на приватниот сектор и деловното окружување и, бездруго најтешката област, (5) фундаментални реформи и владеење на правото (графикон бр. 4). Секоја реформа има прецизно утврдена динамика и парична сума која ќе се добие од Европската комисија доколку успешно се реализира реформата. Паричните износи за поддршка на реформите варираат од 2,1 милиони евра до 51,4 милиони евра по реформа. Финансиски најсилно поддржана реформа е онаа поврзана со управувањето со претпријатијата во државна сопственост со фокус на железничките и на поштенските услуги.

Графикон бр. 4 Преглед на вкупната финансиска поддршка за македонската економија (во евра, 2024 − 2027 година)


Реформската агенда треба да се сфати како минимална реформска агенда или, поинаку кажано, минимален број на реформи што треба да ги спроведеме. Ова е јадро на реформи што треба да се реализира и што може и треба да се дополнува со други реформи предложени од Владата, од приватниот и од граѓанскиот сектор. Притоа конечно треба да научиме од сопствените грешки во минатото направени со недоволната искористеност на инструментот за претпристапна помош. Веќе се воспоставува и национален механизам за следење на Реформската агенда, но факт е дека во овој процес активно ќе бидат вклучени граѓанскиот сектор, медиумите и опозицијата. Будно ќе се следи напредокот, ќе се објавуваат периодични извештаи, ќе се посочуваат виновници и ќе се собираат (ситни) политички поени.
Европската Унија сè повеќе се пренасочува кон резултатски ориентирано буџетирање. Претпристапната поддршка ќе биде условена од резултати, односно од исполнување на реформските обврски. Реформите се услов за добивање грантови и заеми под исклучително поволни услови во вкупен износ од 750 милиони евра. Доколку доследно ги спроведеме реформите, тогаш ќе се квалификуваме за директна буџетска поддршка во форма на заеми од близу 350 милиони евра. Исто така на располагање се и грантови од 215 милиони евра и заеми од 186 милиони евра од ЕУ, кои би ги искористувале преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) за финансирање проекти.
Во моментов е направена индикативна листа на зрели инвестициски проекти кои ќе се финансираат со средствата од Европската комисија. Сега е моментот да се финализира, а можеби и да се прошири со нова рунда регионални и општински инфраструктурни проекти, целосно уважувајќи го принципот на ЕУ дека не се дозволува двојно финансирање.
Во прашање не е само кредибилитетот на Владата и на државава туку и на самата Европска Унија. Затоа и на Брисел му е важно да успее Планот за раст на Западен Балкан. Дадена ни е шанса да демонстрираме политичка зрелост, реформски капацитет и подготвеност за членство во ЕУ. Ова бара широк национален консензус и политичко единство, обединување на Владата и на Парламентот, на Владата и на опозицијата, на приватниот сектор, на невладиниот сектор, на академската заедница. Опозицијата треба да покаже политичка зрелост и да даде поддршка за шеесетте закони кои се поврзани со реализацијата на Реформската агенда. Се разбира, во овој процес не треба да се злоупотребуваат европското знаменце и Реформската агенда.
Досега ги пропуштивме шансите во мај 2004 година (проширување на ЕУ со осум членки од Централна и од Источна Европа, како и Малта и Кипар), шансите во јануари 2007 година (Бугарија и Романија) и шансите во јули 2013 година (Хрватска). Преголема ќе биде цената ако го пропуштиме и следниот бран на проширување. Алтернативата не е статус кво, туку политичка и економска несигурност. Доколку не се случи интеграција на државава, ќе продолжи (засилено) да се одвива индивидуална и семејна интеграција на македонските државјани во Европската Унија. Да бидеме искрени, примерите на Хрватска, на Романија и на Бугарија недвосмислено покажуваат дека емиграцијата ќе се случува и по моментот на зачленување. Утехата е дека квалитетот на живот на оние кои остануваат ќе биде значително повисок.
Од тие причини, да ја искористиме раздвиженоста во чекалницата на ЕУ, да ја завршиме домашната реформска задача и да покажеме дека, освен билатералниот спор, не постои ниедна друга пречка за европската перспектива на нашава држава.

ПРЕПОРАЧАНО