Општество
Најмалку двајца загинати во невреме во Франција
26.06.2025г
Две лица загинаа, а 17 се повредени за време на поројното невреме што ја зафати Франција во кое беа искорнати дрвја, париските улици беа поплавени, а протече и покривот на Собранието додека премиерот држеше говор.
- Дали забележавте дека врне дожд?, праша Франсоа Бајру, гледајќи во плафонот со купола на Националното собрание кој протекуваше додека тој зборуваше за Блискиот Исток.
Потпретседателот на Собранието, Ролан Лескир, ја прекина дебатата за да можат пожарникарите да го проверат проблемот. Кога повторно ја отвори седницата 15 минути подоцна, им рече на пратениците дека се поставени впивачки подлоги преку покривот за да не протекува.
Службата за цивилна заштита соопшти дека едно лице е тешко повредено во невремето кое ја зафати Франција по топлотниот бран и оти 110.000 домови останале без струја.
Дванаесетгодишно дете загина од паднато дрво во југозападна Франција, а еден маж загина откако со квад удри во паднато дрво во северозападниот дел на земјата, јавија француските медиуми.