Општество
ПРИВРЕМЕНО АНГАЖИРАЊЕ НА 400 ПОЖАРНИКАРИ ЗА ПЛАТА ОД 24.000 ДЕНАРИ
07.07.2025
Четиристотини лица без работа ќе бидат времено ангажирани за спречување на ризиците од пожари преку мерката „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“ во рамките на Оперативниот план за вработување. За извршувањето на работните задачи ќе добиваат по 24 илјади денари месечно, а оние кои ќе покажат добри постигнувања, подготвеност и предаденост, по завршувањето на оваа мерка ќе бидат постојано вработени во противпожарните служби во општините или во релевантните институции.
Оваа мерка ќе опфати 14 општини низ државата кои имаат територијални противпожарни служби (ТППЕ). Тие ќе ги објават конкурсите на кои кандидатите ќе треба да се пријават. Потребен услов е тие да бидат физички и психички подготвени и да немаат здравствени проблеми.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, потенцираше дека „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“ првпат се воведува во државата и со неа, рече, се прави важен чекор напред затоа што се пристапува проактивно, а не како досега реактивно во заштита од пожари и зачувување на животната средина.
Струмица и Кочани не аплицирале за оваа мерка. Прашана дали причините се можеби политички, портпаролката на Владата Марија Митева одговори дека се работи за општо добро каде што политиката не треба да има место. „Не би сакала да верувам дека е така, иако можеби има политичка логика. Повикот е за општо добро и се однесува на сите граѓани, политиката не треба да има примат и жалам ако е тоа така“, додаде Митева.
Апел да се пријават на огласите од општините, особено млади луѓе, упати и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Тој очекува на огласот на Општина Кисела Вода да се пријават од 80 до 100 лица и тие, рече, ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на ДЗС и ќе имаат кратка обука. „Потоа, од најдобрите од нив ќе одбереме луѓе за најдобрата единица која е во тек на формирање, наречена специјална единица за заштита и спасување. Можеби сумата не е примамлива на прв поглед, но сите кои ќе се пријават на огласот на територијата на целата држава и притоа ќе покажат особен успех во справувањето со пожарите, ќе имаат можност професионално да бидат вработени во некоја од ТППЕ низ државата“, рече Ангелов.
Иницијативата на Владата ја поздрави и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која смета дека состојбата со превенирање на пожарите во државата се подобрува со новите возила кои беа претставени вчера и со овој повик за ангажирање 400 луѓе. „Според моите информации, во моментот во општините има меѓу 700 и 800 вработени пожарникари. Дел од нив платите ги добиваат преку блок-дотации од Министерството за одбрана, а дел од нив се уште примаат плати од општинските пари. Вкупната бројка потребна да се исполнат сите услови согласно законот е нешто повисока од 1500 пожарникари. Значи двојно повеќе од она што го имаме сега. Половина од проблемот ќе се реши на овој начин, со 400 нови вработувања. Се надевам дека доколку покажат добри резултати тие ќе останат да бидат дел од противпожарните единици“, истакна Перишиќ.
Извор/фото МИА