Економија

Finance Think: Растот во вториот квартал благо забрза, но не создаде нови работни места

Во вториот квартал од 2025,БДП се зголеми за 3.4% на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали. Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5% за целата 2025 година. Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3%), која продолжи да го отсликува позитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата. Додека, јавната потрошувачка (-1%) се намали по интензивирањето во текот на 2024. Растот на бруто инвестициите(6%) останува високо варијабилен, додека,извозот (9.1%) и увозот (8%) закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови, но варибилноста и понатаму ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и од царинската политика на САД.На производната страна, растот во овој квартал е на широка основа како и претходно, со благи забрзувања кај земјоделството (1.8%) и индустријата (3.9%), а задржување на динамиката кај градежништвото (7.3%) и услугите (2.7%), се вели во новиот Макро-монитор 14(2), за вториот квартал од 2025, што го објави Finance Think.
 
Невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.5% (од 11.7%). Но, во овој квартал, се намали и активноста на населението (52.2% од 52.4%), како резултат на што се намали вработеноста на 46.2% (од 46.3%). Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност.
 
Во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3.8% на годишна основа (од 4.2%), но и понатаму остана висока. Опстојувањето е сé повеќе сврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4.9%). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна, велат од Finance Think.
 
Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација. Finance Think останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5%, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7% (од 3.1%).

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано