Општество

КАКО КРИВИЧНОТО ПРАВО МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ОПСТАНОКОТ НА ЕДНА КОМПАНИЈА?

Никола Главинче

Функционирањето на секое трговско друштво односно компанија е подложно на обврската од континуирано и доследно следење и примена на законските решенија. Често законите се носат брзо, без соодветна расправа, со што се намалува можноста за целосно запознавање со нивните решенија од страна на физичките и правните лица. Сепак, брзо или бавно, законите кои се донесени создаваат права и обврски, а со тоа бизнисот и правото го ставаат во позиција на меѓусебна зависност и поврзаност. Од сите законски решенија, најсериозни последици за трговските друштва можат да имаат оние од кривично – правната природа. Казнено правната одговорност на правните лица во македонското законодавство е воведена со Новелата на Кривичниот законик на РМ (КЗ) во 2004г., а во 2009г. се донесени повеќе прецизирања и објаснувања кои во фокусот го имаат правното лице како субјект на правото. Примената на процесните одредби за казнената или кривичната одговорност на правното лице се предвидени со Законот за кривичната постапка од 2011г. (ЗКП).
Серија на одредби од КЗ и ЗКП, можат да имаат сериозно влијание врз работата и опстанокот на секоја компанија за која постои сомневање дека е сторител на кривично дело. Согласно КЗ на РМ (чл.28-а), правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорно лице во име, за сметка или во корист на правното лице. Правното лице, исто така е одговорно и за кривично дело сторено од негов вработен или застапник со кое е остварена значителна имотна корист или на друг му е нанесена значителна штета ако извршувањето на заклучок, наредба или друга одлука или одобрение на орган на управување, орган на раководење или надзорен орган, претставува сторување на кривично дело; ако до сторување на делото дошло поради пропуштање на должниот надзор на органот на управување или органот на управување не го спречил кривичното дело или го прикрил или не го пријавил пред покренувањето на кривична постапка против сторителот. Од кривичната одговорност е исклучена државата, а одговорноста на правното лице не ја исклучува кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото.

СОГЛАСНО ЗКП, ЕДИНСТВЕН ОРГАН КОЈ МОЖЕ ДА ОДЛУЧУВА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ФИЗИЧКОТО ИЛИ ПРАВНОТО ЛИЦЕ Е СУДОТ, КОЈ ПРЕТСТАВУВА ОСНОВНА ИНСТИТУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ. СУДИЈАТА НА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА, СОГЛАСНО НАДЛЕЖНОСТИТЕ ПО ЗАКОН, ПО ПРЕДЛОГ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ИМА ПРАВНА МОЖНОСТ ДА ДОНЕСЕ РЕШЕНИЕ СО КОЕ ДИРЕКНО МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ И ВРЗ ОПСТАНОКОТ НА СЕКОЈА КОМПАНИЈА

За кривични дела сторени од правни лица, се изрекува парична казна како главна казна во износ кој не може да биде помал од 100.000 денари, ниту поголем од 30 милиони денари. За кривични дела сторени од користољубие, како и за кривични дела со кои се остварува корист или се предизвикува штета од големи размери, може да се изрече парична казна до двојниот износ од максимумот на оваа казна или во сразмер со висината на предизвиканата штета, односно остварената корист, но најмногу до нивниот десеткратен износ. Под услови определени со КЗ, судот кога ќе оцени дека правното лице ја злоупотребило својата дејност и дека постои опасност во иднина да го повтори делото, може да изрече една или повеќе споредни казни, како што се: 1) забрана за добивање дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон; 2) забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно-приватно партнерство; 3) забрана за основање на нови правни лица; 4) забрана за користење субвенции и други поволни кредити; 5) забрана за користење на средства за финансирање на политички партии од Буџетот на Република Македонија; 6) одземање на дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон; 7) привремена забрана за вршење на одделна дејност; 8) трајна забрана за вршење на одделна дејност и 9) престанок на правното лице.
Вака поставената законска рамка, дава недвосмислена можност на јавното обвинителство како овластен тужител во случај на постоење на докази дека е сторено кривично дело да преземе кривично гонење и пред надлежен суд да докажува дека правното лице е сторител на кривично дело предвидено со КЗ на РМ. Во недостаток на официјални податоци, можеме да заклучиме дека најчесто правните лица се гонат за кривичните дела: даночно затајување, царинска измама, фалсификување исправа, криумчарење, бесправно градење, фалсификување или уништување деловни книги, Повреда на право од работен однос, Повреда на правото од социјално осигурување итн. Репертоарот на казни и можноста за изрекување на парична казна и споредна казна, доволно зборува за можноста делумно или целосно да се влијае врз функционирањето на правното лице и директно врз неговиот опстанок.
Постапката за казнување на правното лице како и секоја друга постапка започнува со издавање на наредба за спроведување на истрага или со првото преземено истражно дејствие пред да биде издадена наредбата од страна на јавниот обвинител. Законот за кривична постапка главата бр.33 ја посветува на постапката према правните лица и меѓудругото предвидува можност во текот на постапката СУДОТ по предлог на јавниот обвинител да донесе мерки на привремено обезбедување, одземање на предмети или имот, како и забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката, како и забрана за статусни промени во правното лице. ЗКП, дава можност и по предлог на јавниот обвинител судијата на претходната постапка да може со решение да и наложи на банката или на другата финансиска институција да го следи платниот промет, трансакциите на сметките или други работи на определено лице и редовно да го известува јавниот обвинител за времето определено во решението, како и да им наложи на финансиска институција или на правно лице привремено да го запрат извршувањето на одредена финансиска трансакција или работа.
Согласно ЗКП, единствен орган кој може да одлучува за ограничување на правото на физичкото или правното лице е судот, кој претставува основна институција за заштита на човековите права и слободи. Јавното обвинителство, исто како и бранителот/адвокатот или обвинетиот е странка во постапката која дава предлози, кои секогаш не значи дека се оправдани и прифатливи. Судијата на претходна постапка, согласно надлежностите по закон, по предлог на јавниот обвинител има правна можност да донесе решение со кое директно може да влијае и врз опстанокот на секоја компанија. При донесување на тие мерки неопходно е да се применуваат универзално прифатените начела на независно и непристрасно постапување и одлучување. Од друга страна, сите правосудни чинители пред донесување на таков вид на одлуки неопходно е да ја имаат во вид одредбата од чл.144 од ЗКП, која пропишува обврска при одлучувањето за примена на било која мерка за непречено водење на кривичната постапка, надлежниот орган да води сметка да не се применува потешка мерка, ако истата цел може да се постигне со поблага мерка. Оттука, освен законитото постапување од сите фактори, неопходно е и постоењето на взаемна соработка, информираност за правата и обврските на правниците и економистите и доследна примена на законот од сите фактори, особено ако се имаат во вид можните последици од поширок аспект.

(септември 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано