Општество
ОПТИМИЗАЦИЈА ЗА ПРЕБАРУВАЧИ, ЗАРЕМ УШТЕ Е ВАЖНО ТОА?
Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk
Нема веќе магични стапчиња кои со неколку замавнувања ќе ве сместат на првата страница на Google.
SEO = Marketing.
Пред некоја недела ме изненади телефонски повик со повикувачки број надвор од регионов. Ме побара наш сонародник кој очигледно извесно време живее и работи во Швајцарија. Има локален бизнис, од малтер и цигли, како што би рекле американците, и сака да си ја подобри својата работа, односно да биде повидлив при пребарување, се разбира со цел да продаде повеќе од своите услуги.
И не е само тој, изминатиов период, да бидам искрен, на мое изненадување повеќемина сакаат да разговараме за оптимизација за пребарувачи. Не ги обвинувам луѓето, сакаат да бидат први на страницата со резултати на Google, да добијат повеќе, порелевантни посетители на нивниот вебсајт и се разбира да продадат повеќе, но некако имав чувство дека касно се сетиле за тоа. Откако минатата година сензационално оптимизацијата ја прогласија за мртва, оваа година малку поинаку спакувана таа истата се враќа назад во игра. Всушност таа никогаш и не умре, туку континуирано се трансформира, односно ние како корисници ги менуваме своите навики, а Google се обидува максимално да ни угоди и да ни ги даде најрелевантните резултати за зборовите кои ги бараме.
Уште пред 7-8 години се обидувавме да им објасниме на луѓето дека оптимизацијата за пребарувачи не е ништо друго туку оптимизација за крајните корисници. Google континуирано се труди да одговори на нашите потреби како корисници, се разбира тие тоа го прават преку алгоритам кој се раководи по голем број различни фактори, фактори кои континуирано се менуваат. И тоа никогаш не се сменило како процес, само се менуваме ние како корисници, а со тоа и факторите кои влијаат на рангирањето.
Се менуваме ние, користиме различни сервиси за комуникација, за различни потреби, користиме различни уреди со многу повеќе интернет на нив. Се смени нашето трпение, нашето движење на окото по екран и секако се менува начинот на кој го „допираме” уредот. Следствено на сето тоа се сменија и причините поради кои континуирано сме „закачени” на интернет. Google како никогаш досега е пред предизвик да го разбере сето тоа преку дигиталните траги кои ги оставаме и да ни ги послужи најрелевантните резултати. Со оглед на тоа што никако не му успева да зафати сериозен дел од социјалните медиуми, фактот што тие сега имаат големо влијание во нашиот живот му ја отежнува работата на Google уште повеќе. Па така, оние стари параметри како клучни зборови, линкови од други сајтови и сл. одамна не носат реален бенефит во позиционирањето на листата на резултатите. Сега секој од нас има различни резултатите согласно нашите претходни интереси (посетени страници), согласно нашите пријатели на социјалните мрежи и секако согласно нашата локација.
Оптимизацијата за пребарувачи отсекогаш била долгорочен процес, но ако порано тоа беше процес на аплицирање на техники кои се стремеа да го надмудрат технички Google сега тоа е малку поразлична борба. Битката помеѓу инженерите на Google и маркетерите од другата страна е приказна сама за себе, но се чини дека со последните промени паѓаат во вода најголем дел од кратенките кои може да вродат со брз резултат па затоа и толку лесно го прогласија по светот SEO-то за мртво.
Во еден разговор минатата година со девојка која работи за SEO компанија во сопственост на еден од најпознатите светски експерти на оваа тема си ги потврдив претпоставките. Се што таа ми раскажа како дел од своите работни активности всушност ни од далеку не беа оние активности кои во минатото беа дел од SEO работата. Се што таа прави сега е маркетинг и осноси со јавност. Ораганизирање настани, договарање партнерски проекти со различни типови организации и сл. Сега секој линк и секое спомнување кон вашиот сајт мора да носи тежина, сериозност, поврзаност. Google не гледа слепо сега само линк до сајт и готово... да бидеме искрени не гледаш така слепо никогаш, ама сега веќе нема лажни надежи дека тоа ќе влијае на резултатите.
И сега, што да правиме? Дали да се грижиме за оптимизацијата или да си платиме огласи? Одговорот е премногу едноставен, дали се грижиме за своите корисници? Ако се грижиме значи дека треба да се грижиме и вебсајтот да биде дополнување на пријатното искуство кое сакаме да им го овозможиме кога се во нашата продавница, со нашиот производ или на телефон. Но, не треба оптимизацијата да биде сама по себе цел, мора да се има во фокус посетителот на вебсајтот и да се погрижиме низ сите тие технички параметри дека ќе разбереме од каде дошол, што барал, дали нашол и дали нашата улога одговара на неговите потреби. Сето тоа го вклучува и оптимизирањето на содржината и дистрибуцијата на информацијата и креирањето на квалитетна содржина и ред други работи.
Да не остане само на „проповедање” еве некои основни параметри по кои денес, во 2015 година Google ги анализира сајтовите:
- Авторитет на самиот вебсајт во однос на разноликоста на линкови на самиот домен но и на линковите кон него. Параметрите со кои Google го мери авторитетот секако се поврзани со параметрите на брендингот на самиот сајт, компанија или производ и неговото спомнување во релевантни медиуми и без користење на линкови.
- Квалитет на самиот вебсајт во однос на содржината и релевантните третирани теми кои ги покрива. Ова се врши врз основа на анализа на клучни зборови но во самиот текст (не треба да се премногу), анализа на техничкото пакување на самата содржина и соодносот со реклами и сл.
- Сообраќајот од пребарувачи е иста така важен параметар, особено колку често и од колку различни пребарувања посетителите доаѓаат на вебсајтот, колку се задржува корисникот на сајтот и сл. и конечно
- Популарноста на социјалните медиуми е исто така фактор, особено затоа што голем дел од посетите на сајтовите доаѓаат токму од таму. Па така Google зема предвид колку е популарен вашиот сајт на социјалните мрежи и исто така го мери ефектот на промотивните кампањи.
Согласно на горенаведените основни параметри, активностите кои денес треба да ги преземете ако сакате добро да се појавува вашиот сајт на Google подразбираат:
- технички коректен вебсајт на кој корисникот може брзо и лесно да ја најде информацијата, секако во исто време тоа значи дека и Google лесно ќе може да дојде до вашата содржина.
- Уникатна вредна содржина која всушност го менува целиот план на вашата компанија за настап на интернет
- Редовна комуникација на социјалните медиуми и одржување позитивна комуникација со активните корисници. Со други зборови колку поуспешен ви станува вашиот бизнис на интернет толку повисоко ќе се искачувате на листата на резултати на Goolge. Нема веќе магични стапчиња кои ќе го сторат тоа за вас со неколку замавнувања. SEO = Marketing.