Интервјуа

НУДИМЕ ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТИ СО КАМАТНА СТАПКА НУЛА

проф. д-р Драгољуб Арсовски

 

 

Веќе подолг временски период банкарскиот бизнис во светот поминува низ сериозна турбуленција. Најнова е грчката должничка криза. Каква е Вашата оценка за оваа криза и за ефектите за тамошниот банкарски систем?

Д. Арсовски: Изминативе 8-9 години сведоци сме на многу интересни случувања што се поврзани со појавата на светската економска криза од 2007 година наваму. Глобализацијата на економските процеси влијаеше циклусите на нејзиниот интензитет да се менуваат – од долгото тлеење во реалниот сектор до брзото и речиси преку ноќ избувнување во финансискиот сектор, прво во САД, па потоа во останатиот дел од светот. Паралелно се појавија и повеќето политички жаришта, што некаде прераснаа во воени недефинирани конфликти, пред сè во земјите од Блискиот Исток и средоземните африкански држави, што влијаеше на создавање голема матна слика за иднината на светскиот економски развој. САД и развиените европски земји, се разбира, брзо интервенираа во смирување на кризата во финансискиот сектор преку директни владини интервенции и некаде преку национализација на финансиските и на банкарските институции со цел потоа чекор по чекор да се влијае на враќањето на кондицијата на реалниот сектор и негово заздравување. Во оваа сложена шема на глобалните операции, некои држави извлекоа поука и бенефит и брзо застанаа на здрава штица, но некои, за жал, сè уште стојат на гнилата штица и нивната рехабилитација е неизвесна. Што се однесува за (според мене) старо-новата грчка должничка криза, сметам дека како за наш сосед сме можеби повеќе информирани отколку за кризите во другите држави и дека таа најмногу треба да нè засега бидејќи Грција е еден од најголемите странски инвеститори во Македонија и влегува во првите 5 држави со кои имаме развиена стоковна размена. Оттука не ни е сеедно дали ветарот што дува таму ќе донесе свежина и во нашата економија или, пак, и ние ќе мораме да се штитиме со посебен заштитен фактор од предизвикување на каква било негативна ситуација во реалниот или во финансискиот сектор. Овде сепак сакам веднаш да кажам дека благодарение на строгите законски банкарски прописи и супервизорски стандарди и благодарение на нивото на развиеноста на нашиот банкарски систем (што сè уште се карактеризира како многу традиционален и поради што во услови на криза се покажа многу здраво), некоја посериозна последица од грчката должничка криза врз нашиот банкарски систем и врз средствата на нашите правни и физички лица, не очекувам. Тоа, пак, што се случува од почетокот на овој месец до денес, политичките потези што се реализираа во Грција и во ЕУ, само ги потврдија моите очекувања дека сепак, во овој момент, на крајот бенефит од целата напната ситуација ќе извлече грчката страна. Но, дали потоа Грција ќе ја научи економската лекција или сè ќе продолжи по старо останува да видиме за година - две.

Колкав е ризикот во ваков случај кризата да се прелее и во банкарските системи на соседните земји?

Д. Арсовски: Ризикот во економските процеси е секогаш присутен. Без ризик нема добивка. Тој најчесто се јавува во скриена форма поради што секогаш треба да се биде внимателен. Најдобрата заштита од негова појава е строгото почитување на законските прописи, на правилата и на процедурите во сите фази од банкарското работење. Доколку ова се спроведува, појавата на ризикот сигурно ќе биде спречена или во најмала рака ублажена. Дел од соседите на Македонија се членки на ЕУ и тие активно учествуваат во решавањето на грчката криза, а дел не се членки на ЕУ, но се членки во НАТО, па и од таму се вклучени во системот на информирање и на координација на активностите, но ние и оние кои сè уште не се членки во овие две асоцијации треба да настојуваме на блиска соработка и на информираност и да бидеме внимателни за да можеме навреме да се заштитиме од какви било негативни влијанија. Нашиот народ не случајно рекол дека треба да се биде буден особено кога „мечката тропа на врата кај комшијата“.

Каква е Вашата оценка за општата состојба во која се наоѓа банкарскиот систем на Република Македонија?

Д. Арсовски: На скалилото од 1 до 10, за некои состојби оценката е 10, за некои 9, за некои 8, поради што во моментов се определувам за висока, здрава и цврста деветка. Би било излитено ако и сега ја повторувам симболиката дека банкарскиот систем е огледало на економскиот систем. Во услови на сложени макроекономски состојби, и на внатрешни и на надворешни економско-политички случувања, сепак ни недостасува дополнителна позитивна енергија и стабилност за да ја заслужиме највисоката оценка.

Постои тренд на подобрување на профитабилноста на овој сектор во нашата земја. Како го објаснувате тоа?

Д. Арсовски: Банкарскиот систем во Македонија е еден од ретките каде што филозофијата на чистата пазарна економија има најмногу влијание, но истовремено е и еден од ретките каде што притисоците што доаѓаат од филозофијата на социјално-пазарната економија се најизразени. Во таа борба на т.н. „регулаторна дијалектика“ сега засега банкарскиот систем дејствува брзо, ефикасно и прилагодливо и затоа неговата профитабилност е добра. Таквата профитабилност, пак, позитивно влијае на сигурноста и на довербата што банкарскиот систем во Македонија стрпливо ги гради веќе четврт век и кои преставуваат голема движечка сила. Заслугите им припаѓаат на сите: на граѓаните и на компаниите како најголеми депоненти во банкарскиот систем; на државата и на НБРМ како внимателни чувари на стабилноста на монетарниот и на финансискиот систем во Македонија; и на совесните акционери и раководството на банките за кои законското работење и доброто корпоративно управување е секогаш на прво место.

Ќе останат ли каматните стапки на вакво ниско ниво и во 2016 година?

Д. Арсовски: Долг беше временскиот период што го мина нашиот банкарски систем до достигнувањето на денешнава каматна политика, што е на ниво, а до некаде дури и подобра од развиените банкарски системи. Оваа каматна политика влијае позитивно на економскиот раст и на развојот. Од друга страна, макроекономските инпути што ги произведува македонската економија сè уште се во зоната на стабилност и од овој аспект лично не очекувам зголемување на каматните стапки во 2016 година. Кругот на стабилноста во која се наоѓаме сите заедно, финансискиот, реалниот, населението и државниот сектор, треба да се балансира и во тој случај нема простор за појава на какви било економски ризици. Се надевам дека ризиците што демнеа од првата половина на оваа година полека полека ќе станат минато и тоа е уште еден елемент што влијае на моето очекување.

Како стојат генерално работите во ТТК Банка?

Д. Арсовски: ТТК Банка спаѓа во групата на малите банки и е една од ретките банки во Македонија со сè уште доминантен домашен капитал. Тоа што е мала банка ѝ ја дава карактеристиката на прилагодливост на сите појави во економијата, а тоа што е доминантно домашна ѝ ја дава карактеристиката на осетливост или сензибилност на сите потреби кои ги имаат или побаруваат нејзините комитенти. Нашиот фокус на внимание се малите и средни компании и населението при што се трудиме со брза услуга и атрактивни производи да ги реализираме сите нивни барања и потреби. Веќе неколку години со ред сме во зоната на позитивните финансиски резултати, а тоа на што сум посебно горд е квалитетот на тимот со кој управувам и раководам и кој во секое време живее со и за Банката, потоа на исклучителното почитување на законските прописи и на сите супервизорски стандарди, како и на високата, блиска и професионална соработка со акционерите и со органите на управување со Банката.

Какви се плановите за наредните години?

Д. Арсовски: ТТК Банка своето работење го димензионира врз основа на реални и предвидливи очекувања. Секогаш нашите планови и очекувања биле можеби поконзервативни од плановите и од очекувањата на банкарскиот систем, но таквата позиција се покажа точна. Оттаму и во наредните години планираме скромен раст на нашите активности, и на страната на кредитната активност, и на страната на депозитната база, но реални и остварливи. Ги реализираме сите модерни иновации во банкарското работење крајно рационално и голем дел со сопствени сили, некогаш сме први во нудењето на нови видови производи, а понекогаш ги следиме останатите. Нашиот слоган е „кога сакаш повеќе“, тогаш одбери ја ТТК Банка. Застапени сме речиси секаде на територијата на Македонија, а во наредниот период ни останува проширување на нашата мрежа на повеќе локации во Скопје и во некој од поголемите градови каде што денес не сме присутни, но и во руралните средини за кои искуството ни покажува дека има, исто така, голем потенцијал за успех.

Одржувањето или зголемувањето на пазарниот удел бара банките да нудат нови производи и услуги. Со што може да се пофали ТТК Банка?

Д. Арсовски: Се согласувам со Вас. Конкуренцијата во банкарскиот систем е голема. Но, умешноста на доброто корпоративно управување е токму во тоа големата конкуренција да ве мотивира и влече кон раст и развој. Ние, во ТТК Банка, тоа добро го знаеме и затоа можеме слободно да кажеме дека предностите што ги манифестираме во западниот дел од Македонија, особено во мултинационалните средини, се видливи, а агресијата што се обидуваме да ја наметнеме во источниот дел на Македонија и во руралните средини очекуваме да ни создаде одредена предност. Производите што, во последно време, ги разгледуваме за основа го имаат и т.н. исламско банкарство, што во услови на ниски каматни стапки нуди одредени предности, но, за жал, законските прописи во голем дел не се прилагодени, па обично производите добиваат модифицирана и прилагодлива форма. Еве еден од примерите е најновиот наш пласиран производ на потрошувачки кредит со каматна стапка „0“ (нула). Мислам дека е прв и единствен ваков производ во овој момент во Македонија. Што се однесува до вториот дел од Вашето прашање за зголемување на пазарното учество, овде ќе бидам реален и ќе истакнам дека тоа е потешката страна. Во услови на глобализација на банкарските системи и во услови на почитување на супервизорските стандарди, тоа е можно најмногу со зголемување на акционерскиот капитал, со докапитализација, со припојување, со спојување или со други форми на зачленување во семејството на некои развиени банкарски или финансиски групации.

Окрупнувањето на банкарскиот сектор во Република Македонија е една од темите што е актуелна во подолг временски период. И гувернерот во неколку наврати посочи дека ќе следува период на окрупнување. Претпоставувам дека ваквите размислувања се првенствено насочени кон малите и кон средните банки во земјава. Ваш коментар?

Д. Арсовски: За мене основата е во пазарната економија и во здравата или во лојалната конкуренција. Во банкарските системи во светот подеднакво се присутни и големите, и средните, и малите банки. Се разбира, големите се генераторот на економскиот развој, двигатели на примарниот и на секундарниот сектор, работат на големи проекти, имаат големи ризици во своето работење и остваруваат големи профити. Средните и малите банки пак се потребни за развој на терцијарниот сектор и секторот на населението, работат на средни и на мали проекти, се судруваат со средни или со мали ризици и остваруваат средни и мали профити во своето работење. Под банкарскиот чадор за сите има место. Ризиците во банкарското работење признаваат поделба само на добри и на лоши банки. Лошите се тие што секогаш треба да се елиминираат и да бидат преземени од подобрите со цел да се одржи стабилноста на банкарскиот систем во целина. Акционерите се тие кои одлучуваат за каква банка ќе се определат и со какви ризици се спремни да се соочат и за какви профити се спремни да го вложат својот капитал. Во оваа смисла, посочувањата на монетарните власти ги оценувам за коректни и за исправни само доколку се имаат предвид пазарната економија, здравата и лојална конкуренција, стабилноста на банкарскиот систем и потребата за побрз макроекономски развој на Македонија.

Колку се разликуваат бизнис-моделите и филозофијата на разновидните групи на банки, малите, средните и големите банки?

Д. Арсовски: Филозофијата на управување и на раководење, како и на размислување за иднината е различна. Мислам дека моето искуство во банкарството ми дава за право да истакнам една голема филозофска разлика, а која произлегува од категоријата на конкуренцијата во банкарскиот систем. Малите и средните банки секогаш се во борба да освојат дел од пазарот на големите, а големите секогаш се насочени колку е можно повеќе да го задржат својот удел. Овие две филозофии зад себе носат различно ниво на економичност, на ефикасност и на ефективност во донесувањето на одлуките за своето работење.

За крај на ова интервју, кои се, според Вас, најсилните страни на македонската економија и најголемите ризици со кои се соочува таа? Што да очекуваме во наредниов период?

Д. Арсовски: Македонската економија е мала економија и како и кај малите банки нејзините силни страни треба да бидат прилагодливоста и високата осетливост или сензитивност на барањата и на потребите на економските субјекти. Тоа, зачинето со стабилен, со сигурен и со ефикасен економски амбиент на долг рок, со сигурност ќе даде позитивен резултат. На тој пат, едно од најважните прашања за кое мора како држава да најдеме решение е елиминирање на високиот системски ризик, кој како елемент на ризикот на државата е присутен и ја искривува сликата за нашите предности и позитивен амбиент за кој било домашен или странски инвеститор кој сака да го вложи својот капитал на нашата територија и тука да опстојува како економски субјект. Знам дека елиминирањето на системскиот ризик е многу поврзано со стареењето на демократијата и колку е таа постара, толку тој ќе се намалува, но, исто така, е поврзано и со нашата инвентивност и напор што ќе ги вложиме за да повлијаеме на забрзувањето на овој процес. Се разбира, членството на Македонија во ЕУ или во НАТО неколкупати повеќе би го забрзале овој процес на елиминирање на системскиот ризик во македонската економија и би го подобриле вкупниот економски амбиент за потенцијалните двигатели на економскиот раст и развој.

 подготви: 
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО