Општество

ЕУ | ДРАГАН ТИЛЕВ: Состојбата на Унијата (State of the European Union-SOTEU, 2025): проширувањето како политички проект и геополитички императив

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Слично како и во САД каде што претседателот ѝ се обраќа на нацијата, односно на Конресот секоја година на почетокот на годината (јануари − март), така традиционално секоја година во септември претседателот на Европската комисија пред Европскиот парламент и целокупната јавност ја презентира својата оценка за состојбите во Европската Унија (State of the European Union-SOTEU). Се прави пресек на предизвиците со кои се соочува Европската Унија во моментот, како и визијата за тоа каде Унијата треба и може да се движи во наредниот период. Ова е исклучително значаен настан и настап кој од блиску се следи не само во рамките на Унијата туку и глобално. Секако, пораките се од голема важност и особено за нас, земјите кандидатки, за полноправно членство во Унијата.

Клучната порака оваа година, адекватно на глобалните движења, на турбуленциите и на неизвесноста, беше за подготвеност за битка и стратегиска независност. Наместо вообичаениот фокус на „стратешка автономија“, Фон дер Лајен го искористи терминот „независност“, нагласувајќи ја итноста на ситуацијата со која се соочува Европа. Глобалните поместувања се толку нагли и непредвидливи, што опасноста и веројатноста за конфликт од пошироки размери станува реалност за прв пат по Втората светска војна.

Претседателот говорот го започна опишувајќи ја Европа како континент кој се бори за својот мир, за вредности и за демократија. Таа истакна дека светот повеќе не е место за носталгија и дека се исцртуваат нови „линии на битка“ за нов светски поредок. Таа ја искористи оваа рамка за да ја нагласи потребата од итни, одлучни активности. Јас сметам дека замижување пред реалноста не е дозволено и секој предизвик, колку тој и да е непријатен, треба да се пресретне со ширум отворени очи и со ладна глава. Одлуките донесени денеска ќе ја исцртаат траекторијата на Европската Унија за наредната деценија/наредните две децении. Главните предизвици истакнати во обраќањето се тесно поврзани со геополитичките тензии и со потребата на ЕУ да се позиционира како силен и независен глобален играч.

Во делот на одбраната и на безбедноста, Фон дер Лајен ја нагласи важноста од создавање на силна и на кредибилна одбранбена унија. Таа ги најави иницијативите „Источна стража“ (Eastern Flank Watch) и „Sидот од дронови“ за заштита на источните граници на ЕУ, како и правна рамка за одбрана на континентот. Ова е значаен чекор кон „копирање“ на НАТО-принципот за одбрана на секоја педа од територијата на ЕУ.

Во однос на економската независност, претседателот се осврна на потребата да се зајакне економската конкурентност на ЕУ. Ги споменувам извештаите и препораките на искусните и компетентни Марио Драги и Енрико Лета кои го исцртуваат економскиот модел за конкурентност и зајакнатиот единствен европски пазар. Во тој контекст, таа го најави патоказот за единствениот пазар до 2028 година со цел да се заврши интеграцијата на секторите како финансии, енергија и телекомуникации. Пораката „купувај европско“ беше јасен сигнал за поддршка на европските производи и на технологиите.

Фон дер Лајен предупреди дека демократската стабилност во Унијата е темелот на нејзиното постоење и опстојување и неопходност за проектирање и за имплементација на потребните длабоки реформи. Таа предупреди на растечките закани за демократијата, особено од дезинформации, а како одговор најави формирање на европски центар за демократска отпорност и програма за медиумска отпорност за поддршка на независното новинарство.

Визијата на претседателот за 2025 година е Европа која е упорна во своите настојувања, одлучна во своите политики и нивната имплементација, самостојна и подготвена да се бори за својата иднина. Во говорот таа ги дефинираше клучните столбови на кој се потпира оваа визија. Првиот столб тргнува од зајакнување на дигиталната и на технолошката сувереност, со фокус на иновациите, особено во вештачката интелигенција и биотехнологијата. Предложен е огромен фонд, „Европски фонд за раст и за проширување“ (Scaleup Europe Fund), за да се задржат перспективните европски стартапи во Европа и да се обезбеди нивен домашен, европски развој. Вториот столб е одржливоста со што, и покрај фокусот на безбедноста, Фон дер Лајен ја потврди својата посветеност и за Европскиот зелен договор. Таа истакна дека ЕУ е на добар пат да ја постигне целта за намалување на емисиите за 55 % до 2030 година и најави иницијативи за климатска адаптација. Третиот столб е социјалната правда која треба да го издржи напливот на профилирање на популистички и на екстремно радикални крајно десни и крајно леви партии и движења, кои го предизвикуваат европскиот модел на социјална сигурност и заштита на ранливите категории на население. Најавени се иницијативи за поддршка на граѓаните како план за достапно домување и стратегија за борба против сиромаштијата со цел да се справи со економските притисоци.
Генерално, говорот на Фон дер Лајен од 2025 година претставува значајно поместување кон појасна и поцврста надворешна и безбедносна политика на ЕУ, водена од реалностите на глобалните геополитички тензии, и го означува почетокот на нова ера во која ЕУ јасно се позиционира како независен субјект подготвен да ги брани своите интереси и вредности со конкретни мерки.

За нас важно, во рамките на говорот на претседателот, секогаш има место и за една од најуспешните политики на Европската Унија, а тоа е политиката на проширување. Иако оваа година за проширувањето имаше само неколку реченици, евидентна е реската промена на реториката и дефинирање на нова рамка за натамошниот процес, кој останува во центарот на интересот на Унијата и покрај енормно зголемената листа на приоритети од егзистенцијална природа за ЕУ.

Клучната дистинкција во говорот од 2025 година лежи во темелната промена на јазикот и во пристапот кон проширувањето. Додека во говорите од претходните години (2020 − 2024) фокусот беше на процедуралните аспекти, на техничкото усогласување, на исполнување на критериумите од Копенхаген и од Мадрид и владеење на правото, овој говор го претставува проширувањето како егзистенцијален проект за политичка унификација.

Во првите години од нејзиниот мандат, говорот на Фон дер Лајен беше доследно условен. Проширувањето беше третирано како „најдобра инвестиција во мир, просперитет и безбедност“, но секогаш поврзано со стриктно исполнување на реформите од страна на земјите кандидатки. Во 2020 година, говорот беше доминантно насочен кон справување со пандемијата. Проширувањето беше спомнато повеќе како концепт отколку како конкретен план, со акцент на обврските за владеење на правото, особено во контекст на Западен Балкан. Во настапите во 2021/2022 г., особено по инвазијата на Украина, се забележува првата значајна промена. Проширувањето станува прашање на геополитичка стабилност. Сепак, фокусот останува на „напредок според заслуги“, односно само оние кои се усогласуваат со европските вредности и правила можат да напредуваат. Ова е периодот кога се акцентира брзината на реформите, но без суштинска промена на парадигмата на ЕУ. Во годишните настапи од 2023/2024 г., концептот за „постепена интеграција“ (phased/gradual integration) почнува да станува сè поважен. Фон дер Лајен зборува за постепено отворање на одредени сектори на ЕУ-пазарот за земјите кандидатки како стимул и поттик. Ова е хибриден пристап кој се обидува да го забрза процесот без да ја заобиколи крутата методологија која го диктира темпото на пристапните преговори и обезбедува право на вето за секоја земја членка, во кој било момент од преговорите.

Говорот на Фон дер Лајен од 2025 година означува кулминација на оваа еволуција на политиката на проширување од „само“ процес кон идентитетска унификација. Таа отворено ја претставува Унијата не како клуб на држави, туку како заедничка политичка судбина, за прв пат, експлицитно претставувајќи го проширувањето како политичка унификација, а не само проширување на границите. Таа ја користи метафората на „градење нова куќа“, што имплицира дека целата структура мора да се реформира, а не само да се додаваат нови соби. Интересно е, забалежувам, што слична метафора употреби и претседателот Макрон во декември 2019 година при неговото вето за отворање на преговорите со Македонија, кога тој инсистираше на реформи во Унијата за обезбедување на апсорпциски капацитет за прием на нови земји членки. Ова значи дека и земјите членки и кандидатките треба да се менуваат и да се прилагодуваат. За првпат е нагласено дека и земјите членки на ЕУ мора да направат длабоки внатрешни реформи, од реформа на гласачките процедури во Советот, во најмала мера проширување на опсегот на примената на Пасарела клаузулата (Passarela clause), до реформи на буџетските политики и на заедничката земјоделска политика за да можат да прифатат нови членки.

Сепак, најзначајната промена во дискурсот е ставање акцент на идентична припадност при што проширувањето се претставува како враќање на семејството на држави кои историски и културно припаѓаат на европскиот вредносен систем. Во овој контекст, проширувањето не е награда за исполнети критериуми, туку природна последица на заедничкиот идентитет. Ова е радикално отстапување од претходниот инструментален јазик кој го третираше процесот како бирократска трансакција. Забележувам дека за нас најважно е како ова ќе се одрази на самиот процес на пристапните преговори, што останува да видиме.

Исто така, за разлика од претходните обиди за „постепена интеграција“ (phased/gradual integration), говорот од 2025 година воведува поширок концепт, диференцирана интеграција. Ова значи дека не сите членки (и нови и стари) ќе учествуваат со ист интензитет во сите политики. Ова е признание дека унификацијата не мора да значи хомогенизација и дека флексибилноста е клучна за успех. Само да напоменам дека диференцираната интеграција не е нов концепт, тој е долги години познат и применуван меѓу земјите членки на ЕУ во различни фази (монетарна унија, Шенген зона, одбранбена политика, фискална политика и сл.). Мојата дилема, која сум ја елаборилал и на страниците на ова списание, е дали диференцираната интеграција се вклучува како можност откако ќе станете полноправна членка што, секако, е прифатливо или во текот на пристапните преговори, што би било крајно дискутабилно и би нè насочило кон непосакуваната ЕУ во циклични кругови или двојна/тројна брзина, но не и полноправно членство со право на глас еднаков со другите.

Евидентно е дека со говорот од 2025 година Фон дер Лајен се обидува да ја преобликува дебатата за проширувањето од техничко прашање во политичко-идентитетски проект. Со тоа таа се обидува да ги надмине апатијата и скептицизмот кај земјите членки и да го претстави проширувањето како единствениот пат кон зајакнување на Европа во контекст на глобалната конкуренција. Додека претходните говори нудеа методологија, говорот од 2025 г. нуди визија. Визија на Унија која не е само економски пазар туку и политичка унија која е во состојба да се трансформира однатре за да ја прифати својата вистинска географска и културна димензија. Оваа промена на парадигмата ќе има далекусежни последици врз идните односи меѓу Брисел и земјите кандидатки, префрлајќи го товарот на промени и кон „старата“ Европа.

Како земја кандидатка со започнати пристапни преговори, блокирани во моментов од страна на Бугарија, новата парадигма на „унификација“ и на „диференцирана интеграција“ има значајни директни и индиректни импликации за процесот на евроинтеграција на Македонија. Говорот на Фон дер Лајен не е само реторичка вежба туку е и сигнал за нова, подинамична и пофлексибилна стратегија на ЕУ кон проширувањето. За Македонија, ова носи и можности и предизвици. Можноста е во забрзување на интеграцијата преку постепено приклучување, а предизвикот е во потребата од посилни и побрзи внатрешни реформи, особено во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформите во судството, како и во изнаоѓањето решенија за билатералните спорови. Со прогласувањето на унификацијата како приоритет, ЕУ се позиционира како посилен и порешителен актер на меѓународната сцена. За Македонија, ова значи дека има посилен партнер на кој може да се потпре во геополитичките предизвици, но исто така и дека очекувањата од неа се повисоки.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано