Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Ирина Аврамска Пашовска: Пазарот веќе ја препознава бизнис дијагностиката како стратешка алатка за одржлив раст
Интервју со Ирина Аврамска Пашовска, бизнис советник од Финовате
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2025г.
Каква е општата финансиска деловна слика за македонските деловни субјекти (МСП) по неколкугодишен транзициски период кон пазарна економија? Со кои финансиски предизвици се соочуваат во сегашниот и што се очекува во наредниот период?
И. Аврамска Пашовска: Финансиската слика на македонските МСП по транзицискиот период кон пазарна економија останува комплексна, обликувана од структурни промени, дигитализација и зелена транзиција. МСП сочинуваат над 90 % од активните компании, обезбедуваат половина од вработувањата и значаен дел од додадената вредност. Сепак, тие се соочуваат со сериозни финансиски предизвици: инфлација, раст на цените на суровините и на енергентите, нарушени синџири на снабдување, ограничен пристап до финансии и високи каматни стапки. Според Бизнис-мрежата, само 8,9 % од фирмите се со висок бонитет, додека 91,1 % имаат тешкотии со ликвидностa, што води кон претпазливи инвестиции, минимална експанзија и ограничено вработување. Домашните банки остануваат примарен извор на финансирање, а дополнителен притисок создаваат социјалната и политичката нестабилност, неформалниот сектор и парафискалните давачки. Во услови на зелена транзиција, приватниот сектор се соочува со барања за инвестиции во обновлива енергија, во енергетска ефикасност и во иновации − вложувања кои бараат предвидливи парични текови и поддршка надвор од класичните комерцијални кредити.
Бизнис дијагностиката е нов тип на услуга за што кај нас постои недоволна информираност и кај самите раководители и сопственици на МСП. За што станува збор?
И. Аврамска Пашовска: Бизнис дијагностиката е професионална услуга за темелна проценка на финансиските, на организациските и на оперативните параметри на компанијата. Таа овозможува анализа на профитабилност, на ликвидност, на структура на трошоци и на капитал, на ризици, на пазар и на конкуренција, како и анализа на продуктивноста. Резултатот е тродимензионална слика за реалната состојба, за скриените слабости и за можностите за усовршување, реструктурирање или раст.
За разлика од класичните анализи или стратегии, дијагностиката во оваа форма е новитет кај македонските компании. Таа им дава систематски пристап за следење на финансиското здравје, брза евалуација на деловните модели и навремено препознавање на ризиците. Најважно, ја поместува логиката од реактивно кон проактивно управување − предуслов за модерното работење на малите и на средните претпријатија.
За македонските мали и средни компании подолго време постои уверувањето дека се хронично „зависни“ од банкарски ликвидни средства. Колку користењето на моделот на деловна дијагностика може да придонесе за подобро надминување на финансиските предизвици во една компанија?
И. Аврамска Пашовска: Уверувањето дека МСП се хронично зависни од банкарски ликвидни средства произлегува од историјата на финансирање преку кредити, односно од недоволно развиен домашен пазар на капитал. Ова ги прави компаниите чувствителни на банкарски шокови, на променливи каматни стапки и на барања за обезбедување. Примената на моделот на деловна дијагностика овозможува компанијата да препознае проблеми во паричниот тек, недоволно користени ресурси, нерационални трошоци и можности за подобро прилагодување. Преку целосна проценка и стратешко планирање, управителите можат да го редуцираат нивото на финансиски ризик, да ја зголемат ефикасноста, да ја подобрат ликвидноста и да се позиционираат за привлекување на алтернативни извори на капитал, вклучително приватни фондови, бизнис ангели, а не би ја исклучиле и можноста да се размислува за издавање на корпоративна обврзница или пак преку примарна понуда на акции на берза. Со тоа бизнис дијагностиката се наметнува како практичен инструмент за градење финансиска отпорност и треба да се користи како основа при носење значајни деловни и стратешки одлуки.

Колку управителите во македонските компании се доволно свесни за проблемите со кои се соочуваат во тековното финансиско работење на фирмата?
И. Аврамска Пашовска: Управителите во македонските компании генерално се свесни за тековните финансиски проблеми, но таа свесност често останува на ниво на „гасење пожари“ наместо на систематски пристап. Најчесто се концентрираат на краткорочна ликвидност и плаќање на обврски, додека подлабоките прашања како структура на трошоци, продуктивност или долгорочна финансиска стратегија − се помалку анализирани. Недостатокот на обуки и ограничената примена на современи дигитални алатки дополнително го отежнува процесот. Сепак, со растечката конкуренција и вклучувањето на меѓународни инвеститори, кај сè поголем дел од сопствениците/менаџерите се гледа зголемена подготвеност да бараат поддршка преку консултантски услуги, тренинзи и нови методи за подобро управување.
Дали сегашните услови на домашното банкарско кредитирање се поволни за компаниите да размислуваат за поголеми инвестициски проекти, а со цел подобрување на нивната продуктивност и на нивната конкурентност?
И. Аврамска Пашовска: Иако на пазарот постојат различни банкарски продукти за финансирање, најголемиот дел од малите и од средните претпријатија немаат реален пристап до кредити за поголеми инвестиции, за модернизација или за зелена транзиција. Строгите услови за обезбедување, конзервативната политика на одобрување и фокусот на банките на сигурноста на наплатата ги ограничуваат можностите за вложувања со повисок ризик какви што се иновациите и зелените проекти. Оваа состојба значително го намалува трансформацискиот капацитет на приватниот сектор и го забавува темпото на дигитален и на зелен развој. Истражувањата покажуваат дека токму ограничениот пристап до финансирање е една од најчестите бариери со кои се соочуваат македонските менаџери и сопственици на МСП. Треба да се има предвид и дека банкарското кредитирање има свој максимум во однос на ризикот и на капацитетот на компаниите, па затоа се неопходни алтернативни извори на капитал − приватни фондови, обврзници или јавно-приватни партнерства.
Какви се другите финансиски опции за компаниите како нови извори на капитал (можност за спојување или за преземање од други поголеми компании, издавање корпоративни обврзници, понуда на акции на берза и сл.)?
И. Аврамска Пашовска: Компаниите, покрај класичните банкарски кредити, располагаат со низа алтернативни извори на капитал: привлекување стратешки инвеститор или фонд (приватен капитал/ризичен капитал [private equity/venture capital]) за раст и за пазарна експанзија, примарна јавна понуда на акции за прибирање сопственички капитал и поголема видливост, како и издавање корпоративни обврзници во услови на стабилен паричен тек и дисциплина во известувањето. Еве, на пример, за поголеми, за зелени инвестиции сè почесто се користат „зелени“ и одржливи обврзници. Како мост меѓу долг и сопственички капитал се применуваат мезанин финансирање и конвертибилни заеми, а за брзи оперативни потреби − лизинг и факторинг. Во услови на консолидација или на експанзија важна алтернатива се спојувања и преземања (МА [M&A]) со делумна или со целосна продажба на удел за свеж капитал и синергии. Сeпак, изборот на инструмент зависи од целта на компанијата, од ризик-профилот и од подготвеноста за транспарентно управување.
разговараше: Митко Јовановски
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.
Целиот прилог можете да го прочитате на следниот ЛИНК