Бизнис
Во Хрватска таксата за користење јавни патишта ќе се зголеми на 40 евра
31.10.2025
Министерството за море, поморски работи и инфраструктура во Хрватска го достави на јавна консултација предлогот на Правилникот за износот на годишната такса за користење на јавни патишта, која се плаќа при регистрација на моторни возила и приколки, а во која се предлага годишната основна такса да се зголеми од моментално пропишаната (28,5 евра) на 40 евра.
Годишната такса ја плаќаат сопствениците на моторни возила и приколки, а се плаќа 12 месеци однапред, сметајќи од датумот на потврда за техничката исправност на возилото. Таксата што се наплаќа за моторни возила и приколки чии сопственици имаат свое живеалиште или седиште на територијата на одреден округ или на Градот Загреб е приход на окружната администрација за патишта на тој округ или на буџетот на Градот Загреб.
Годишната такса се плаќа на станиците за технички преглед на возила или се плаќа директно на сметката на Окружната администрација за патишта, односно на буџетот на Градот Загреб.
Во својот предлог, Министерството додава нов член во постојниот правилник, според кој годишната такса ќе се усогласува со годишниот индекс на раст на потрошувачки цени, кој го објавува Државниот завод за статистика во јануари секоја година, пренесува Пословни дневник.
Фото Економија и бизнис