Општество
Македонскиот јазик е неисцрпен предизвик за проучување, Меѓународна научна конференција
12.11.2025
Од денеска почнува традиционалната 10. Меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик - извор на научни истражувања“ во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Крсте Мисирков и македонскиот јазик се наша инспирација сите овие години. Почнавме скромно, пред 10 години, со 30-тина учесници и со странци, како и оваа година. Во овие 10 години ние покажавме дека македонскиот јазик е неисцрпен предизвик за проучување и од македонските, но и од странските лингвисти. Имаме учесници од многу земји: Полска, САД, Русија, Украина, Кина, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина. Ова денеска го изјави директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова - Грујовска пред отворањето на Меѓународната научна конференција.
Таа информира дека секоја година учесниците на конференцијата прават споредбени проучувања, македонски јазик со нивниот јазик или се чисто македонистички теми.
- Исклучително сме задоволни од квалитетот. Секоја година два дена заседаваме, разговараме во три сесии во Институтот. В петок заминуваме во Кавадарци, со поддршка на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев да се сретнеме со наставниците по македонски јазик и да им поделиме од нашиот Правопис на македонскиот јазик, кој оваа година го објавивме по повод јубилејот 80 години македонска азбука и правопис, 80 години од кодификацијата, рече Јованова - Грујовска.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ веќе една деценија ја потврдуваат својата вредност како мост меѓу науката, образованието и општеството.
- Овие Отворени денови се повеќе од традиција. Тие се потсетник за нашата заедничка обврска да го чуваме, изучуваме и унапредуваме македонскиот јазик како суштински дел од нашиот идентитет и културно наследство. Преку работилници, предавања и истражувања Институтот создава простор за дијалог меѓу генерации за пренесување на знаење и љубовта кон јазикот кој не обединува. Македонскиот јазик е жива материја. Тој расте и се развива, се збогатува со секоја нова мисла, со секој напишан стих и со секој збор изговорен со гордост. Токму затоа улогата на Инстититот е непроценлива. Тој е чувар на јазичната традиција и патоказ кон иднината каде македонскиот збор ќе продолжи да одекнува со достоинство и сила, потенцира ректорката Ангелова.
Одговорајќи на новинарско прашање, Јованова - Грујовска рече дека треба да се посветиме на образованието, вклучително и на изучувањето на македонскиот јазик, од прво одделение, во средно образование и на студии.
- Секогаш сметаме дека македонскиот јазик доволно го познаваме. Не го познаваме доволно и затоа грешиме во јавната комуникација, во јавни настапи итн. Оној што добро го познава македонскиот јазик ќе знае ситуационо да го употреби. Младите можат да користат сленг во својата комуникација, на кафе, на средби, но кога ќе излезат пред медиумите мора да знаат да го користат стандардниот македонски јазик, рече Јованова - Грујовска. Потенцира дека ова важи и за наставниците, професорите, медиумските личности и за луѓето во политиката.
Таа смета дека стипендиите за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик за студиската 2025/2026 година се одличен поттик. - Советот за македонскиот јазик десетина години наназад се трудеше тоа да влезе во закон и добро е што влезе во закон. Сега само треба уште да се реализира потребата што стои во Законот за употреба на македонскиот јазик за вработување лектори во сите установи. Со самото вработување на лекторите сите невработени дипломирани наставници по македонски јазик, а имаат положено лекторски испит, ќе можат да се вработат и соодветно да работат. Тоа е стимул, поттик за младите за да студираат македонски јазик, појаснува Јованова - Грујовска, која додаде дека за следните генерации ќе има вработување.
Професорката Лидија Тантуровска изјави дека македонскиот јазик е институционално заштитен и она што се зборува останува на свеста и совеста на секој поединец. - Ако не си го сакаме својот мајчин јазик, ако не сакаме да зборуваме на македонски тогаш каде ни е иднината? Ние живееме во Македонија и службен јазик е македонскиот стандарден јазик, изјави Тантуровска.
Лингвистот проф. д-р Маќеј Кафка од Краков изјави дека во Краков има интерес кај студентите за изучување македонски јазик. - Сакаат да учат, да зборуваат македонски јазик, сакаат да доаѓаат во Македонија, особено за Летната школа во Охрид, вели Кафка.
Извор/фото МИА