Финансии / Банкарство

ИНТЕРВЈУ | Горан Анастасовски: Доверба, иновација и сигурност – темели на дигиталната економија

Интервју со Горан Анастасовски, генерален директор на КИБС АД Скопје

Наредната година КИБС ќе одбележи 25 години постоење – четврт век како клучен сегмент на националната платежна инфраструктура и двигател на дигиталната трансформација во земјава. Кои би ги издвоиле како најзначајни пресвртници и постигнувања во досегашното работење?

Сè започна кон крајот на 90-тите со реформата на тогашниот платен промет и на Заводот за платен промет и формирањето на Клириншката куќа, кога беше воспоставен системот за мали меѓубанкарски плаќања – темел на современата платежна инфраструктура. Потоа следуваа бројни поврзани услуги: Единствениот регистар на трансакциски сметки, електронската размена на податоци за блокади на сметки, интегрираната исплата на плати и персонален данок, услугата за преглед и за наплата на обврски пријавени од доверителите, размена на податоци меѓу банките и државните институции и други.
Во 2003 година, КИБС ја воспостави првата национална инфраструктура за издавање електронски потписи, а во 2011 година преку мрежа на регистрациски канцеларии во банките ја направи подостапна за пошироката јавност. Во 2013 година беше воведена услугата на издавач на временски печати (ТСА [TSA]) со меѓународен сертификат, а во 2017 година – порталот Сајн плус (SignPlus) кој овозможи работа со е-документи и нивно правно валидно потпишување. Во 2020 година, КИБС стана квалификуван давател на доверливи услуги, усогласен со македонската и со европската еАЈДАС (eIDAS) регулатива, а во 2021 година ја регистрираше првата национална шема за електронска идентификација – OneID во соработка со Некстсенс (Nextsense). Следуваа воведувањето на платформата за отворено банкарство (2023) и добивањето лиценцa за оператор на платен систем за постоечките класични кредитни трансфери (2024). Годинава, по добивањето на лиценца за оператор на платен систем за инстант кредитни трансфери, КИБС го постави централното решение за извршување на инстант плаќањата со што се заокружува развојот на централната инфраструктура за инстант плаќања.
Сите овие достигнувања ја потврдуваат улогата на КИБС како носител на доверба, на иновации и на стабилност во дигиталната економија.

Темата за дигиталниот паричник е сè поактуелна, особено по најавите на Министерството за дигитализација за негово воведување. Каква е поврзаноста меѓу дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет и која е улогата на OneID?

Дигиталниот идентитет е темелот на дигиталниот паричник. За секоја електронска услуга прво мора безбедно да се потврди идентитетот на корисникот, а токму тука се јавува улогата на OneID – првата национална шема за електронска идентификација развиена од КИБС.
OneID овозможува секој граѓанин безбедно да креира и да користи дигитален идентитет без физичко присуство. Наместо шалтерски постапки, идентификацијата се врши електронски, преку сигурна платформа, со ист правен ефект како личното препознавање. Со тоа граѓаните можат електронски да се идентификуваат пред банки, компании и институции и да потпишуваат документи со дигитален сертификат.
Ова решение е поставено во инфраструктурата на КИБС и целосно усогласено со европските стандарди за доверливи услуги и за заштита на лични податоци.
Со OneID, КИБС ја зајакнува довербата во дигиталните услуги, поставувајќи ја темелната врска меѓу граѓанинот, институциите и дигиталната економија — врска без која дигиталниот паричник не би можел да функционира.

КИБС неодамна објави дека доби лиценцата од Народната банка за оператор на платен систем за инстант плаќања. Што значи ова за банките, за трезорите, за новите даватели на платежни услуги, како и крајно за граѓаните и за трговците?

Оваа лиценца означува ново поглавје во развојот на националната платежна инфраструктура. Со ова ја заокружуваме поставеноста на платниот систем КИБС Инстант, кој претставува централно решение за извршување инстант плаќања во денари, достапни 24/7/365 – трансакции што се извршуваат за помалку од 10 секунди, без разлика на банката на испраќачот и на примачот. Бенефитите се многубројни: за граѓаните – брзи, сигурни и едноставни плаќања; за компаниите – подобра ликвидност и ефикасна наплата; за економијата – намалување на готовинските трансакции и забрзана дигитализација.
Системот е технички и функционално усогласен со регулативата на ЕУ за инстант плаќања со што КИБС го поставува македонскиот пазар во линија со европските стандарди и останува доверлив партнер на банките, на трезорите и на новите даватели на платежни услуги, обезбедувајќи сигурна и стабилна инфраструктура за финансискиот систем. Системот е поставен и е усогласен заедно со македонските банки. Со инстант плаќањата се отвора ново поглавје во дигиталната трансформација на финансискиот сектор и во создавањето поагилна, поинклузивна и модерна економија.

Приклучувањето на Македонија кон СЕПА-зоната носи нови можности и придобивки, но и предизвици во оптималното поврзување на банките во СЕПА за прекугранични кредитни трансфери, а во иднина и за инстант плаќања. Како КИБС ги гледа овие промени?

Вклучувањето во СЕПА е значаен чекор во европската интеграција на нашава платежна инфраструктура. Тоа овозможува прекуграничните трансфери да се извршуваат по исти правила и стандарди како домашните – брзо, сигурно и поевтино.
За КИБС, ова е природно продолжение на нашата мисија – обезбедување стабилна и интероперабилна инфраструктура што ќе им овозможи на сите даватели на платежни услуги лесно поврзување со европските системи. Нашата нова платформа за инстант плаќања е дизајнирана да поддржи и прекугранични инстант кредитни трансфери во согласност со СЕПА-стандардите и овозможува потенцијално поврзување со европскиот систем ТИПС (TIPS [Систем за моментално платежно порамнување − TARGET Instant Payment Settlement]).
На тој начин КИБС се позиционира како централна точка за национални и за прекугранични инстант плаќања, кратејќи ги трошоците и подобрувајќи ги процесите на банките. Овој пристап создава основа за понатамошно целосно интегрирање на македонската инфраструктура во европскиот платежен простор и отвора нови можности за банките, за финтек-секторот, за државата, за граѓаните и за бизнис-секторот.

Дигитализацијата на финансиските услуги глобално се одвива со забрзано темпо. Како ја оценувате позицијата на Македонија и кои се идните насоки на КИБС?

Македонија направи значајни чекори во оваа насока – модернизација на плаќањата и на платните системи, воведување доверливи услуги, електронска идентификација и поддршка на финтек-заедницата. Иако Европа се движи со побрзо темпо, нашава земја ги следи овие трендови.
КИБС, со своето 25-годишно искуство во управување со критична инфраструктура, има јасна визија: да обезбеди сигурна, интероперабилна и иновативна инфраструктура која им овозможува на банките, на финтек--компаниите, на државата, на граѓаните и на бизнис-секторот пристап до модерни дигитални услуги.
Со услугите на КИБС поставена е функционална дигитална основа која може да одговори на идните потреби на пазарот. Во таа насока, КИБС разви апликации за иницирање и за прифаќање инстант плаќања кои ќе им ги овозможат банките на крајните корисници – преку QR-кодови, НФЦ (NFC) технологија, плаќања со примена на алијаси на сметки, како и Риквест ту пеј (Request-to-Pay) плаќања.
Следните чекори се насочени кон целосно воведување на инстант плаќањата на домашниот пазар и интеграција со европските системи, развој на нови модели на дигитални финансиски услуги и решенија што ќе овозможат целосно дигитално корисничко искуство – од идентификација до плаќање.
Нашата визија останува јасна: КИБС да биде двигател на дигиталната трансформација во финансискиот сектор, потпирајќи се на трите темелни принципи – доверба, иновација и сигурност. Само преку стабилна и современа инфраструктура може да се изгради конкурентна, инклузивна и одржлива дигитална економија – што е и нашата крајна цел.


Разговараше: Кирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано