Финансии / Банкарство

Внимателноста на монетарната политика е одраз на потребата за натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и на ризиците од надворешното окружување, седница на Извршниот одбор за монетарната политика

На 23 декември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.  

Денес започна со примена новата оперативна монетарна рамка, со којашто се обезбедува висока усогласеност со практиките на развиените централни банки и зајакнување на сигналниот ефект на монетарната политика. Новата оперативна поставеност предвидува еден основен инструмент, благајнички записи со рочност од 7 дена, со каматна стапка околу која е поставен симетричен коридор на каматните стапки, за разлика од претходната поставеност кога како основен инструмент се користеа благајнички записи со рочност од 42/49 дена и беше применуван асиметричен коридор на каматните стапки. Овој коридор е дефиниран преку каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ и каматната стапка на кредитот преку ноќ (во висина од ±0,5 процентни поени), во однос на каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка на Народната банка. 

Модернизацијата на оперативната монетарна рамка и нејзиното усогласување со најдобрите стандарди на модерните централни банки е процес којшто траеше подолго време. Тој е внимателно обмислен и има за цел да овозможи понатамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика. Скусувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, врз коишто централната банка има подиректно влијание. 

Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така, што ќе обезбеди повлекување на вишокот ликвидност и оптимизација на ликвидноста во банкарскиот систем. Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите преку ноќ, заради управување со краткорочните ликвидносни промени. Сите овие промени го зајакнуваат сигналниот ефект на монетарната политика и трансмисискиот механизам. 

Во однос на поставеноста на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено истата да се задржи непроменета. Внимателноста на монетарната политика е одраз на потребата за натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и на ризиците од надворешното окружување. Во услови на премин кон новата оперативна монетарна рамка, непроменетоста на монетарната политика ефективно се обезбедува преку поставување на каматната стапка на 7-дневните благајнички записи на нивото од 4% и зголемување на понудениот износ на основниот инструмент. Следствено, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи денес, на 24 декември, понудата ќе изнесува 43 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Се очекува дека неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика, а комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.

Доколку се задржат позитивните трендови на забавување и одржливо стабилизирање на инфлацијата во наредниот период, како и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка ќе реагира соодветно, во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика. 

Годишната стапка на инфлација во ноември забави и се сведе на 4%, наспроти 4,5% во октомври. Годишната стапка на инфлација остварена во ноември и понатаму е над историскиот просек, поради што инфлацијата и нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму се во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во надолна насока, што упатува на помали увозни ценовни притисоци во однос на претходните очекувања. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. 

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на ноември, нивото на девизните резерви изнесува 4.862,2 милиона евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со ноември упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку пониски од очекувањата за четвртиот квартал. Трговскиот дефицит проценет за четвртиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во октомври, е малку повисок од очекувањата, иако периодот сѐ уште е краток за попрецизна оцена. 

Во третиот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза и изнесува 3,8% на годишна основа. Ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за третиот квартал во рамките на октомврискиот циклус проекции. Економскиот раст целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, што главно е резултат на растот на бруто-инвестициите, при негативен придонес на нето-извозот, заради посилен годишен раст на увозот од извозот на стоки и услуги. Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал се ограничени, но засега октомвриските податоци за индустриското производство и прометот во вкупната трговија упатуваат на натамошни поволни трендови. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со коишто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од клучните фактори за темпото на економскиот раст. 

Во однос на движењата во монетарниот сектор, стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со ноември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Притоа, годишните стапки на раст кај депозитите и кај кредитите постепено забавуваат, иако засега сѐ уште се над очекувањата за последниот квартал од годината. 

Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, односно нејзината поставеност е непроменета. Утврдените нивоа на каматните стапки и понудениот износ за вложување во благајнички записи овозможуваат примена на новата оперативна монетарна рамка, со истовремено непроменета монетарна поставеност. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка останува подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано