Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Светозар Јаневски: НАУКАТА Е НАШ ВОДИЧ
Мега интервју со Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Интервјуто го започнуваме со фантастичниот јубилеј што ВВ „Тиквеш“ го прославува годинава − 140-годишнината од почетокот на работењето на компанијата која прерасна во врвен регионален бренд. Како би го опишале вие овој долг изминат пат, предизвиците, успесите, наградите...?
С. Јаневски: Сто и четириесет години од организирано производство на вино e импозантна бројка. Историјата на „Тиквеш“ бележи многу различни фази и вистина е дека сето тоа што „Тиквеш“ низ годините го носи со себе, претставува голема обврска за нас - ние мора да успееме да создадеме одговорна глобална винарија како наследство за идните генерации.
Историјата на „Тиквеш“ е обележана со турбулентни периоди − од војните што минувале низ Тиквешијата, преку национализацијата по 1945 година, до времето кога Македонија беше клучен извор на балк вино за Европа. Со распадот на Југославија, Македонија делумно ги изгуби пазарите, но и се појавија вина од новиот свет на кои не бевме конкурентни ни со цена ни со квалитет. Стана јасно дека за да останеме релевантни и да покажеме дека Македонија е винска земја, потребен е сосема нов пристап.
Кога ја презедовме винаријата во 2003 година и поставивме нова визија се соочивме со недоверба, со отпор и со силна инерција во целиот сектор. Потребно беше да донесеме храбра одлука и да го промениме моделот од корен и да создадеме современа, пазарно ориентирана винарија, подготвена да освојува нови пазари, да гради квалитет и да поставува нови стандарди во индустријата. Од 2003 година започнавме соработка со Институтот за вино од Љубљана, со професорите Клемен Лисјак и Миро Водопивец, во 2007 година остваривме раст од 37 % и презедовме големи количини за да го поддржиме забрзаниот развој, но веднаш потоа уследи светската економска криза која донесе неизвесност и уште поголем притисок. Од 2010 до 2011 година започна вистинската пресвртница, со приклучувањето на Филип Камби и на Марко Стојаковиќ. „Тиквеш“ ја започна својата нова, вистинска приказна и се позиционираше како производител на премиум вина, пазарно ориентирани согласно потребите на консументите.
Денес „Тиквеш“ е регионален лидер, една од 40-те винарии во светот која е лидер во иновации и во ЕСГ и една од најнаградуваните винарии во Европа. Во нашето портфолио имаме пет уникатни тероари − Барово, Бела вода, Бабуна, Лепово и Шато де Гурдон (Château de Gourdon) − што е привилегија ретко достапна дури и во традиционалните вински земји. Пред нашето доаѓање никој не ги бараше тие специфични услови на почва, на клима и на сорти, но ние ги следевме светските трендови и сериозните вински индустрии, науката и природно ја презедовме улогата да го подигнеме нивото и да ја дефинираме новата ера на македонското винарство.
Овој пристап ни овозможи да се позиционираме како двигател на висококвалитетно вино во регионов, иако на домашниот пазар, поради неговата ограниченост и поинаква динамика, тоа не секогаш се препознава. Затоа заедно со уште неколку винарии го основавме Здружението на вина од Македонија − со јасна цел: Македонија да биде препознаена како винска земја која создава вистинска додадена вредност.
Денес извезуваме 67 % од вкупното производство и сме најсилниот двигател на македонската винска репутација во Европа и пошироко. „Тиквеш“ веќе го надминува имиџот на квалитетно вино по ниска цена. Меѓународните награди потврдуваат дека создаваме производ со висок квалитет − и во комерцијалниот и во премиум сегментот.
Во светот сѐ уште не сме доволно препознаени − делумно поради тоа што прво треба и да го изградиме имиџот на македонското вино воопшто. Но, нашава држава нема системски механизми за поддршка на извозот какви што постојат насекаде во светот, но ние продолжуваме да работиме на тоа Македонија да го добие заслуженото место на глобалната винска мапа. Тоа е патот на иднината кој го продолжуваме со јасен фокус кон континуиран развој и висока вредност.

Деновиве е многу актуелна промената во сопственичката структура на „Тиквеш“. Вие го зголемивте значително учеството во сопственичката структура на компанијата. Што ќе донесе ваквата промена во однос на нејзиното идно функционирање?
С. Јаневски: Оваа трансформација не се случи преку ноќ − таа е резултат на повеќегодишна работа и заедничка визија. Кога со моите партнери пред години ја започнавме промената, тоа беше храбра одлука во време кога винаријата имаше потреба од нов правец. Денес дел од нив природно влегуваат во фаза кога сакаат да се повлечат од активниот бизнис. Кај мене, пак, чувството е различно − приказната сѐ уште не е завршена, тука сме, на половина пат, и тој напредок мора да продолжи. Верувам дека „Тиквеш“ сè уште не ја достигнал целосната меѓународна позиција што ја заслужува. Пазарни лидери сме во Србија, растеме на Косово, а во Хрватска се пробиваме кон врвот. Босна е нареден фокус. Потенцијалот е тука, условите не секогаш, но имаме тим кој може тоа да го испорача.
Кога ме прашуваат што ми претставува најголемо задоволство, одговорот е јасен: сакам „Тиквеш“ повторно да биде присутен на пазарот со 25 % од вкупната потрошувачка на вино на териотрија на Поранешната Федерација. Тоа не е нескромна амбиција − тоа е реална цел за винарија со нашата историја, тим и потенцијал.
Да се фокусираме сега на винскиот бизнис. Како би ја опишале тековната состојба во оваа индустрија во земјава? Претпоставувам дека не е лесно имајќи предвид дека од една страна постои притисок за зголемување на откупната цена, а од друга страна повремено и продажната цена беше „замрзната“ со административни мерки.
С. Јаневски: Живееме во време на глобална нестабилност. Војните, геополитичките тензии, инфлацијата − сето тоа создава страв и несигурност. Винската индустрија не е имуна. Тоа силно се одразува и врз винската индустрија: глобалната потрошувачка е намалена за 31 %, а производителите како Коњак и Австралија имаат залихи за години напред. Непредвидливоста стана новата норма.
Во Франција се случуваат огромни промени − Бордо прочистува 40 000 хектари лозја, се преминува кон други сорти и други земјоделски култури, со целосна државна поддршка. Кај нас, пак, лозарите се оставени сами на себе. Во последниве 15 години производството на грозје падна од над 400 000 тони на едвај 110 000. Тоа отвора сериозни прашања за иднината на лозарството и за тоа дали како држава имаме јасна стратегија. Kај нас има одлука со која се стимулира откупот на грозје до 5 000 тони, а ние откупивме 35 000 тони. Популизмот треба да се остави на страна. И кај лозарите и кај винарите.
Виното е дел од идентитетот на секоја земја, но кај нас неговата економска и културна вредност често се потценува. Пред нас стои задача да отвориме разговор со институциите и да одлучиме дали сакаме да го зачуваме овој национален симбол.
Во регионов веќе се случува трансформација: Србија увезува над 50 % од потребните количини, Хрватска околу 58 %, а побарувачката продолжува да расте − особено поради туризмот. Овој недостиг ќе ги менува и вкусовите и навиките. Тоа создава простор за Македонија како земја што традиционално покривала половина од потрошувачката на Поранешна Југославија повторно да ја заземе својата улога. Пред нас е период на големи промени − и големи можности.
Што носи иднината во овој бизнис? Трендовите покажуваат сè поголема конкуренција на пазарите, паралелно се менуваат и вкусовите на потрошувачите. Вие одамна визионерски зборувате за органски вина. Како се позиционира ВВ „Тиквеш“ во ваквиот контекст − стратешка насока, инвестиции во опрема, кадар?
С. Јаневски: Во 2023 година, во Франција за прв пат белото вино го надмина црвеното. И покрај изненадувањето, тој пресврт не се случи во една година, туку е дел од поширок тренд и ние тоа внимателно го следиме. Ако во 2003 година 40 % од нашето производство беше црвено вино, а денес сме на 23 %, тоа значи дека свесно ја менувавме структурата за да одговориме на глобалните вкусови. Иако глобалната потрошувачка падна за 31 %, „Тиквеш“ расте − и дома, и во Србија, и во Хрватска. Тоа е јасен сигнал дека сме усогласени со новите пазарни реалности.
Во такви услови, особено малите винарии ќе се соочат со сериозни предизвици. Веќе гледаме дека по пандемијата многу од нив го напуштаат пазарот, не поради желба или тенденција, туку поради силата на глобалните кризи и притисокот од големите компании. Тоа е фактичка состојба.
Во исто време, ние продолжуваме да инвестираме во иднината: сертифицирано органско вино, биопрактики, одржлива енергија. Тоа не го правиме затоа што е тренд, туку затоа што сме должни да бидеме општествено одговорни и да ја чуваме природата што ни го дава нашиот производ.

Сето ова е она што самата компанија може да го направи и го прави. Но, што може државава да направи за поголем успех на целиот овој сегмент на вклучени субјекти, илјадници лозари и бројни винарии? Вие често го поставувате прашањето „како Македонија да ја направиме винска земја“. Дали треба, на пример, да се менува политиката на државно субвенционирање на лозарството, дали да се има поголема храброст за преминување кон флаширано вино, нешто трето?
С. Јаневски: Македонија мора да ја зачува својата винска традиција која датира уште од пред 6 000 години. Уште тогаш нашите предели биле организирана винска земја, со извоз на вино во Рим и одгледување сорти и тргување со вино од сортата Кратошија, на пример. Но, денес, за разлика од земји како Франција каде што државата силно ги поддржува лозарите, кај нас традицијата најлесно се напушта. Недостасуваат системска спрега и стратегија, иако постојат иницијативи и модели на кооперантство или идеи за создавање интегрирани производни синџири.
Проблемот е што овој модел на ситно лозарство финансиски не опстанува. Потребни се најмалку 10 хектари за економска одржливост, сè под ова се смета за производство за свои потреби или хоби. Во Македонија има помалку од 30 такви вистински лозаропроизводители. Тоа значи дека во иднина производството мора да го поддржуваат токму компаниите што зависат од грозјето во партнерство со државава и со фондовите што се очекуваат од ЕУ. Илјадниците кооперанти треба да бидат стимулирани, а слободните површини стратешки насочени кон поголеми, одржливи насади.
Европа веќе влегува во нов циклус на трансформација: ЕУ започна сеопфатен проект за храна и за земјоделие, Франција и Италија се во фокус, а пазарот е преплавен со 20 до 25 % вишок вино, а дополнителен притисoк е и шпанското вино со многу ниски цени. Со такви ниски цени нашите производители на наливно вино се многу загрозени на извозните пазари, особено со дефинирањето на цените за откуп на грозјето.
Ние исто се адаптираме. И климата се менува, та затоа одиме со насади на повисоки локации, внимателно ја бираме секоја сорта според клима, геологија и наука. Науката е наш водич − и единствениот начин да ја зачуваме иднината на македонското лозарство и на винарството.
Во „Тиквеш“ вложуваме во знаење − со домашни и со меѓународни енолози, со професори од Монпеље и од Љубљана − и правиме над 1 800 експерименти годишно за да ја подигнеме експертизата.
Последниве години се појавија бројни нови иницијативи во винарскиот бизнис, нови мали винарии. Дали е тоа патот за долгорочно одржлив развој на лозарството и на винарството во земјава? Дали, всушност, не треба да се оди сосема обратно, да се окрупнува или да се координира винскиот бизнис за да се биде конкурентен на странските пазари каде што инвестициите во технологија се големи? Целта е производство и извоз на флаширано премиум вино.
С. Јаневски: Ситуацијата со малите винарии кај нас е навистина нелогична. Малите, семејните винарии имаат традиција и потенцијал. Тие можат да бидат силен адут за винскиот туризам, но кај нас се развиваат без јасна стратегија, со премногу импровизација и без системска поддршка. За разлика од земји како Франција, каде што тие се дел од организирана мрежа со експертска и со институционална логистика, кај нас најчесто се оставени сами да се снаоѓаат, што ја загрозува конзистентноста на квалитетот. Воведувањето географски ознаки и стандарди е неопходен чекор, но паралелно недостигаат и винарии со среден капацитет кои реално го градат имиџот на винската индустрија. Само преку стратешка поддршка и визија за раст малите производители можат да станат одржлив дел од едно посериозно, национално винско позиционирање.
Пример за тоа е „Бовин“ кој беше пионер во напуштањето на балк виното и прв го отвори патот кон квалитетното винарство. Кај нас ќе опстанат само ентузијастите и оние кои веќе имаат изградено позиција. Но, поголемиот дел од индустријата тешко се договара, а многу винарии веќе не работат.
Недостасува функционално здружување. Во Франција и Италија малите винарии се организирани во групи што се дел од институционални иницијативи и партнерства, во еден дел, а во другиот големите винарии ги обединуваат малите винарии. Кај нас човечкиот фактор, нетолеранцијата и недостигот на државен столб во асоцијациите создаваат пречки за таков вид соработка.
Дополнителен проблем е неуредената регулатива за домашно производство на алкохол. Во ЕУ има јасни граници и контрола на оданочување, а кај нас ракија се произведува по 100 до 300 литри без акциза и се продава и на зелените пазари, што создава огромна сива економија. Губиме околу 7 милиони евра годишно само од овој сегмент. Државава мора да има волја да го уреди овој систем бидејќи без јасни правила нема стабилна економија. Ако сакаме напредок, мора да ја изградиме структурата: поддршка, здружување, регулатива и знаење.
Колку ви помогна инвестицијата во Франција во поглед на еден севкупен увид за тоа како функционираат лозарството и производството на вино во земја која е при самиот светски врв на овој бизнис? Што се случува со таа инвестиција? Успеваме ли да се вмрежиме со играчи кои ги одредуваат правците за иднината, на пример, какво вино ќе се пие за 10 до 20 години?
С. Јаневски: Знаење, прецизност, самодоверба. Нашата нова генерација на енолози работат рамо до рамо со француските, разменуваат искуства со своите колеги и носат знаење во и од „Тиквеш“. Нашиот тим придонесе и француската винарија да добие подобра видливост и квалитет, а со тоа и перцепцијата за Македонија расте. Во Франција се промовираме и со нашето француско и со нашето тиквешко вино и околните винарии таму веќе чувствуваат појака конкуренција. Производството е мало, до 200 000 литри − далеку од околу 20 000 тони што ги произведуваме во Македонија.
Инвестицијата таму се движи со бавно административно темпо. Оваа година добивме зелено светло за изградба, а сега чекаме финансиска поддршка. Во винаријата се планира туристичка промоција: во Прованса годишно минуваат околу 9 000 туристи, а 75 % од виното се продава директно „на капија”.
Трендовите се јасни. Иднината е во полесни, свежи бели вина со понизок алкохол, како Бела вода, Барово, Совињон, Бабуна или стилот на Луда Мара. Смедеревката, некогаш потценета сорта, повторно ја издигнуваме − со диви квасци и со алкохол од 11,5 до 12 % станува модерно „чисто вино“, не само база за шприцер. Европските здравствени препораки велат дека умерена консумација на вино − 2 до 3 чаши − е безбедна и дел од културата на исхрана за разлика од жестоките пијалаци.

Во вашите настапи во јавноста секогаш сте исклучително отворен и директен во комуникацијата. Тоа ве прави да отскокнувате во средина која, во основа, е многу тивка. Му недостасува ли генерално на македонското општество, во сите негови сегменти − бизнис-заедницата, граѓанското општество, младите итн. − поголема гласност за да ги придвижиме работите во земјава во насока на побрз, подинамичен развој како на економијата така и на општествово?
С. Јаневски: Нашата затвореност и отсуството на дијалог го кочат напредокот. Ни недостигаат пошироки групи во кои може отворено да се разговара и да се договара. Преку M6 Центарот за едукација поврзуваме бројни актери од економијата и од општествово и се обидуваме да направиме промени токму во таа насока. Но, во институциите и во коморите владее тишина, страв од промени и затвореност кон критика. Тоа создава култура во која луѓето избегнуваат да изнесат свое мислење, а без лична одговорност и без индивидуални ставови нема либерална демократија. Потребни се години да се надмине оваа „колективна заспиеност“.
Овој проблем не е само наш − низ регионов се гледа истото ова. Дури и глобално постои дилема дали либералниот капитализам не се доближува до автократија. Во малите држави, сепак, има простор за договор и за разумна кохерентност. Полека се ослободуваме од непотребните страсти и од националните поделби. Единствената цел мора да биде изградба на брзо, паметно и конкурентно општество.
Ако сакаме да останеме дома, Македонија мора да понуди нешто конкретно за граѓаните. Ние сме нето-увозник на храна, иако субвенционираме земјоделско и прехрамбено производство. Ако во последните десет години стимулираме милијарда и двесте евра, а имаме дефицит од пет стотини милиони, време е нешто да промениме. Во спротивно, тoа е парадокс што го уништува домашното земјоделие. Од 3 милиони овци, останаа едвај 200 000. Се увезуваат месо, сирење и производи што порано сами ги произведувавме. Во минатото не се направи ниедна анализа за тоа што ќе се случи со увозот, ниту стратегија за заштита. Јапонија, на пример, и денес го штити домашниот оризопроизводител.
Ние увезуваме храна, а се штитиме со трговски маржи − мерка што лесно се заобиколува. И Европа сфаќа дека направила грешки, па сега инвестира во модерно и во конкурентно земјоделие. Кај нас, пак, структурата на економијата драматично се измени: ако некогаш земјоделието и прехрамбената индустрија учествувало со над 30 % во БДП, денес е под 10 %. Тоа јасно покажува каде губиме вредност и каде нема висока додадена вредност.
Сето ова мора да се кажува отворено. Не за да се враќаме назад, туку за да научиме како да се промениме. Ако не се менуваме, нема ни да оставиме трага.
Не ги оставате луѓето рамнодушни, ги заразувате со вашиот ентузијазам. Претходното интервју што го направивме со вас во 2019 година го започнавте со реченицата „вистинскиот претприемач не се плаши да сонува“. За што сонува денес претприемачот Светозар Јаневски?
С. Јаневски: Верувам дека иднината им припаѓа на оние кои веруваат во своите соништа − а јас верувам во моите. Мојата визија е „Тиквеш“ да стане глобален лидер и признат меѓународен бренд. Посакав да бидеме пазарен лидер и денес сме лидери во регионов. Но, нашата вистинска цел е глобалната сцена. За тоа не е доволно само да расте компанијата − мораме да се промениме и ние како индивидуи, со повеќе креативност, капацитет и заедничка одговорност за земјата во која живееме.
За жал, ретко се движиме во тој правец. Либералниот капитализам бара луѓе кои размислуваат за компанијата и за државата, не само за себе. Ако доминира егоцентризмот, оние кои сакаат напредок трошат огромна енергија за да го влечат системот напред додека други „фрлаат сидро“. Тоа посебно се гледа во лозарството и во винарството: вистински напредуваат само оние кои работат по стандарди. Политичарите ретко го разбираат тој труд, а популизмот често ги искривува приоритетите. Средства што одат кон производство без стандарди се изгубени пари.
А за тоа да се случи, мора да веруваме во нашите соништа − и да работиме за нив.
Ви благодарам за разговорот.
Разговараше: Зоран Јовановски