Вести
Линеарното зголемување на пензиите не е неуставно, одлучи Уставниот суд
04.03.2026
Уставниот суд денеска соопшти дека ја запира постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, со што престанува преиспитувањето на линеарното зголемување на пензиите. Како што информираа оттаму предлогот не добил мнозинство и актот останува во правниот поредок.
- Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја сопре постапката, велат оттаму.
Постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, беше поведена по иницијтива на Добрила Кацарска, по што еднаш веќе се гласаше и иницијатива не помина. судот одлучи да го повтори гласањето по изборот на деветтиот судија. Денешната одлука беше донесена затоа што, според Судот, линеарното зголемување на пензиите што тој го предвидува може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и начелото на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите со различни придонеси и создава непропорционални ефекти.
Воедно, на денешната седница Уставниот суд на Република Северна Македонија разгледа повеќе иницијативи и предлог-одлуки и одлучи да не се поведе постапка за членови од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на употребата на македонскиот јазик и јазикот на заедниците со најмалку 20% застапеност.
Постапка, согласно информациите се поведува за Законот за судскиот буџет, во делот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за семејството, во однос на роковите за тужби за оспорување татковство, Законот за индустриска сопственост, во делот „на самостоен орган на државна управа“ и за одлуката за промена на имиња на улици и инфраструктурни објекти во Општина Тетово.
Извор/фото МИА