Економија
Оливија Филиповска: Новата оперативна монетарна рамка − перспективи и можности
Оливија Филиповска | Авторот е аналитичар, експерт за банкарски процеси и деловни модели
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2026г.
Централната банка традиционално ги регулира краткорочните камати преку основната каматна стапка: каматната стапка на благајнички записи. Со најновите измени, Народна банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) воведе симетричен коридор за основната каматната стапка, го укина 7-дневниот депозит и го скрати доспевањето на благајничките записи на 7 дена. Оваа модернизација е во согласност со најдобрите практики на БИС (BIS) за мали отворени економии. Целта е зајакнување на монетарната трансмисија преку пократките рокови на доспевање на благајничките записи, стеснување на коридорот, забрзан и засилен пренос на ефектите на пазарните камати.
Со стабилизирање на краткорочните каматни стапки во рамките на коридорот и подобрување на ликвидносната дисциплина, дополнително може да влијае на зголемување на довербата во монетарната политика и во отпорноста на девизниот пазар. Интервенциите на девизниот пазар влијаат на домашната ликвидност. Без соодветна координација, овие операции можат да ги искриват каматните стапки и да го ослабнат монетарниот пренос. Координацијата спречува спротивставени сигнали, ги стабилизира каматните стапки и го намалува спекулативниот притисок врз валутата.
Врзани перспективи со новиот Закон за финансиски инструменти и улогата на деривати со каматни стапки
Во случај на поголема краткорочна волатилност на каматните стапки може да се зголеми побарувачката за финансиски инструменти како што се каматни свопови (ИРС [IRS]), договори за форвардни каматни стапки (ФРАС [FRAs]) и опции. Овие деривати овозможуваат намалување на ризикот од промени на каматни стапки и стабилизирање на трошоците за финансирање, како и: засилување на монетарниот пренос преку сигнализирање на идни очекувања за каматни стапки и продлабочување на домашните пазари, привлекување институционални инвеститори и подобрување на ликвидноста на секундарниот пазар.
Предуслови за имплементација секако се: прилагодувањето на правната и на регулаторната рамка за деривати; пазарна инфраструктура за клиринг и за порамнување, како и експертиза во управување со ризик во банките и во корпорациите.
Можни импликации на банкарските деловни модели
Симетричниот коридорен систем на каматни стапки заедно со другите регулаторни измени во перспектива може да потикне трансформација на банките од пасивни сопственици на ликвидност во активни учесници на пазарот. Ова за една деловна банка би значело активно предвидување на резервите и дополнителни барања и можности за подобрување на активностите за што секако би биле потребни соодветни инвестиции во трезорски системи и во системи за управување со ризик во реално време.
Со коридорскиот минимум како репер, банките, зависно од конкурентските услови и состојби, можат дополнително да ги подобрат своите каматни политики прилагодени на условите на пазарот. Изменетата рамка може да поттикне засилено меѓубанкарско тргување за балансирање на ликвидноста, контрола на ризик и развој на пазарна експертиза.
За активно управување со ликвидноста, банките би преземале софистицирана координација и усогласување на своите девизни позиции. Аналитиката во реално време за движења на каматните стапки, за тековите на ликвидност и за позициите по валути во тој контекст станува есенцијална, поттикнувајќи дигитална трансформација во трезорските операции.
Конечно, измените би можеле да поттикнат активности за прилагодување на моделите на профитабилност. Трошоците за депозити и за активното управување со ликвидноста би можеле да влијаат на промени во маржите. Сепак, можностите за диверзификација на приходот преку услуги базирани на провизии, тргување со девизи и со инвестициски производи исто така можат да внесат промени во деловните процеси и во деловните модели на банките, како и во барањата за известување и за зајакнување на управувањето со ризици.
Заклучок
Новата рамка базирана на симетричен коридор од каматни стапки може да претставува основа за стратешка модернизација на финансиските пазари на Северна Македонија. Со интегрирање на девизните операции со управување со ликвидноста, со промовирање на развојот на меѓубанкарскиот пазар и со воведување алатки за намалување на ризикот од каматни стапки, НБРСМ може да ги зајакне монетарната трансмисија и девизната стабилност.
Силата на монетарната трансмисија секако ќе зависи од макроекономските услови − инфлација, ликвидност и девизен режим − како и од структурните карактеристики на банкарскиот систем: конкуренција, длабочина на меѓубанкарскиот пазар и структура на портфолио. Во услови на висока инфлација и на ограничена ликвидност, преносот кон кредитните и депозитните камати е побрз, додека при вишок ликвидност и концентриран пазар преносот останува бавен и селективен. Рамката може да има најсилен ефект во дисциплинирање на ликвидносните стратегии, поттикнување на меѓубанкарско тргување и интеграција на девизните операции, што индиректно може да влијае на стабилноста на девизниот курс и на предвидливоста на каматните сигнали.
Можностите за побрзо прилагодување на основната камата како резултат на намалувањето на рокот на доспевање на благајничките записи, стеснувањето на коридорот и неговата симетрична поставеност претставуваат јасни сигнали за подобро планирање на трезорските позиции. Со дооформување на регулаторните барања поврзани со тргувањето со финансиските инструменти, банките ќе имаат можност да развијат поактивни ликвидносни стратегии во врска со своето учество на меѓубанкарскиот пазар, користење деривати за заштита од ризик (хеџинг) и диверзификација на приходите преку пазарни операции. Во услови на плиток финансиски пазар и високата евроизација и актуелните структурни фактори на висока ликвидност на банкарскиот пазар, ефектот врз каматните стапки може да остане ограничен.
Ставовите искажани во статијата се лични на авторот