Интервјуа
ЛИДЕРСТВОТО НЕ Е ДЕСТИНАЦИЈА, ТОА Е ПАТУВАЊЕ
Хари Крејмер
Бизнисмен и професор на Келог бизнис школото
Постојат интервјуа што можат суштински да ги променат работите во нашите бизнис кариери. Интервјуто со Хари Крејмер е едно од тие интервјуа. Поранешен главен извршен директор на Бакстер, компанија од САД вредна повеќе милијарди долари, професор од праксата на шесторангираното Келог бизнис школо во САД, денес е член на одбори на осум компании ширум светот. Зборува за лидерството од една сосема поинаква перспектива. Го поставува прашањето: Можам ли да предводам други луѓе пред да научам да се предводам себеси? Во средината на ноември доаѓа во Скопје да зборува на престижниот Македонски економски самит 2015.
Господине Крејмер, Вие ќе бидете еден од еминентните говорници на престижниот Македонски економски самит 2015 во Скопје, во средината на ноември. Да започнеме со дефинирање на лидерството. Една од дефинициите што најмногу ми се допаѓаат е онаа од Сер Алекс Фергусон, поранешниот менаџер на фудбалскиот клуб „Манчестер јунајтед“, кој има кажано: „Мојата работа беше да обезбедам сите да разберат дека невозможното е возможно. Тоа е разликата меѓу лидерство и менаџмент. “Која е Вашата дефиниција за лидерство?
Х. Крејмер: Мене многу ми се допаѓа изјавата на Фергусон. Се смеев кога ја читав, бидејќи кога помислувам на дефиницијата за лидерство јас понекогаш започнувам со она што не е лидерство. Со други зборови, ако вие според мене сте лидер, тогаш тоа не значи „јас морам да имам луѓе што ќе работат за мене“. Некои луѓе ќе речат, јас би сакал да бидам лидер, но токму во овој момент не можам бидејќи немам никого што мене ми поднесува извештај. И секогаш велам, без разлика дали се работи за студент или за извршен директор, дека лидерството нема никаква врска со титули и со организациски шеми, лидерството има врска со тоа да се влијае врз луѓето да прават работи што обично не би ги правеле. Предизвикот на лидерството е да се влијае врз луѓето, а тоа е вашата способност да се поврзете со луѓето, без оглед дали работат за вас, работат со вас или се ваши шефови. Јас мислам дека најдобри лидери се луѓето кои можат да предводат нагоре и кои можат да влијаат врз луѓето над нив.
Имате импресивна бизнис кариера. Бевте главен извршен директор на „Бакстер“, глобална компанија за здравствена заштита, вредна повеќе милијарди долари. Што би истакнале како клучни поуки од перспективата на топ менаџер?
Х. Крејмер: Без оглед дали бев на пониските или на повисоките нивоа на менаџмент, кога бев главен извршен директор и претседавач на Бордот на „Бакстер“ или дури и денес како извршен партнер за „Медисон Дирборн и партнерите“ каде што поседуваме дваесет компании низ светот и јас сум член на осум различни одбори, од гледна точка на лидерството за мене се интересни двете најважни работи, ама буквално најважни работи, она што јас го нарекувам луѓе и комуникација. За мене зборот луѓе е идејата да се биде способен да се привлече, да се вработи и да се развие кадар, од тимот постојано, отворено и чесно да се добива повратна информација и тимот да се развива и да се одржува. Кога велам комуникација мислам на ефективна комуникација така што буквално секој поединец во тимот, без разлика дали е летен практикант, службеник или извршен потпретседател, разбира што се обидуваме да направиме, зошто се обидуваме да го направиме тоа, како тие се вклопуваат во тоа и тие се охрабрени. Лидерот не се обидува да биде во право – ние се обидуваме да ја направиме вистинската работа. Она што мене ми е интересно е кога луѓето велат: „Што беше големата поука за вас?“ – е па, за мене големата поука беше комбинацијата на луѓе и зборот комуникација. Таа обично зема 90% од времето и тоа е изненадување дури и за некои лидери бидејќи тие велат: „Хари, ако поминуваш 90 до 95% од твоето време на луѓето и комуникацијата, кога ќе се заврши работата?“ Јас секогаш се насмевнувам и им велам: „Размислете за ова, тој познат англиски збор од две букви, ако ги имам вистинските луѓе и тие имале развој и секој точно знае што треба да направиме, што друго има за да се направи!“

„ЛИДЕРСТВОТО НЕМА НИКАКВА ВРСКА СО ТИТУЛИ И СО ОРГАНИЗАЦИСКИ ШЕМИ, ЛИДЕРСТВОТО ИМА ВРСКА СО ТОА ДА СЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ ЛУЃЕТО ДА ПРАВАТ РАБОТИ ШТО ОБИЧНО НЕ БИ ГИ ПРАВЕЛЕ“
Вие сте и т.н. професор од праксата на Келог школата за менаџмент на Нортвестерн универзитетот во Чикаго. Келог бизнис школата е рангирана како шеста во САД, а нејзината МБА програма е број 15 во целиот свет. Професор од праксата е професор кој не е ангажиран со цело работно време во истражувачки ангажман, а кој дава инпут базиран на професионално искуство и вештини. Што мислите за оваа метода на користење на врвно бизнис искуство за образовни цели – комбинацијата на теорија и пракса?
Х. Крејмер: Една од работите што секогаш однапред ги кажувам кога предавам е: „Не знам дали имам многу одговори, но имам многу мислења“. Мислам дека е многу важно да постојат луѓе со докторат и со академски тренинг, луѓе кои можат да учат теорија, да ја разберат рамката, историјата, процесот. Но, особено на врвна бизнис школа во светот, многу е важно покрај теоријата и рамката тие да научат на еден многу класичен начин како изгледа да бидеш секторски директор, главен финансов директор, главен извршен директор на компанија вредна повеќе милијарди долари. Како да ги земете теоријата и рамката и конкретно да ги примените? Како на практичен начин применувате, извршувате и ја сработувате работата? Многу е важно да има неколкумина кои, всушност, биле на овие позиции за да им се овозможи на студентите заокружена целина во разбирањето на теоријата и праксата.
Мора да е огромно задоволството да се биде дел од таква програма.
Х. Крејмер: Морам да кажам дека тоа за мене е огромна чест. Секогаш им велам на студентите дека многу уживам во тоа да бидам извршен директор, да сум во бизнисот, но повеќе сакам да бидам професор. Она што го научив, барем за себе, е дека додека не постигнам да можам да објаснам нешто на јасен начин на група на многу бистри луѓе, можам да си мислам дека го разбирам тоа, ама всушност не е така. За мене можноста да имам макар мало влијание врз идната генерација луѓе кои ќе раководат со организации во светот е благослов, јас навистина многу уживам во тоа. Им кажав на студентите дека кога бев избран од студентите за професор на годината тоа за мене беше поважно од тоа да бидам главен извршен директор на компанија.
Вие сте автор на најдобро продавани книги за лидерство. Една од книгите е со наслов: „Од вредности до акција: четирите принципи на лидерство базирано на вредности“. Можете ли да ни кажете за четирите принципи за кои пишувате во оваа книга?
Х. Крејмер: Она што јас го сфатив е дека пред да предводам други луѓе првата работа што морам да ја направам е да бидам способен да се предводам себеси. А, за да се предводам себеси морам да станам самосвесен, морам навистина да разберам како можам да се предводам себеси на начин што ќе претставува пример за тоа како ќе се однесувам кон другите луѓе. Објаснувајќи го ова на систематизиран начин одлучив дека постои она што јас го нарекувам четири принципи што ќе ми помогнат мене и на секого друг да биде подготвен и да стане лидер. Тоа се: размислување за самиот себе, баланс, вистинска самодоверба, автентична скромност.
Мисловниот процес оди на следниов начин. Во однос на размислувањето за самиот себе, многу од вашите лидери се зафатени луѓе, имаат многу работа и мислам дека тие веруваат дека ако одат доволно брзо, ќе фатат чекор. Тука ќе го слушнете изразот „истовремено извршување повеќе работи“. Тие само трчаат, и трчаат, и трчаат. Мислам дека тоа води до конфузија за тоа што значи активитет, а што продуктивност. Тие можеби се многу активни, но колку ли се продуктивни. И единствениот начин што го знам да се размисли за тоа е да почнеш да размислуваш за самиот себе. Забави, исклучи ја бучавата, застани и постави неколку базични прашања. Каква е промената, кои се моите вредности, за што се залагам, која е мојата цел, што е она што е навистина важно? Поентата е дека размислувањето за самиот себе е едно од најважните нешта за да станеш лидер и јас тоа го поставувам преку три прашања. Јас велам: „Ако јас не размислувам за самиот себе, дали е можно да се познавам себеси?“ Мислам дека не е можно. Ако не се знам себеси, дали е можно да се предводам себеси? Не е можно. Ако не можам да се предводам себеси, како воопшто можам да предводам други луѓе? Оттаму важноста на размислувањето за самиот себе е најважниот принцип.

Да се осврнеме и на другите принципи.
Х. Крејмер: Вториот принцип е балансот. Ова е така затоа што многу луѓе кои се на лидерски позиции имаат многу тврди ставови. Проблемот е во тоа што тие често не се обидуваат да ги разберат сите аспекти на проблемот. Ако сум јас лидер и сакам да донесам одлука, јас навистина сакам да знам дали тоа што го мисли мојот тим има логика и потоа врз основа на нивниот инпут ќе одлучам дали се согласувам или не се согласувам. Така целата идеја за тоа да се има избалансирана перспектива е да се разберат сите аспекти на ситуацијата.
Третиот принцип е вистинска самодоверба и луѓето ми велат: „А што значи вистинска?“ Велам вистинска затоа што има многу луѓе кои можат да дејствуваат како да имаат многу самодоверба, а всушност немаат воопшто самодоверба. Тоа е оној егоистичен, јас сум секогаш во право, не ми се спротивставувај, вид на шеф. Јас зборувам за нешто сосема поинакво, кога велам вистинска самодоверба зборувам за луѓе кои знаат што знаат, знаат што не знаат, признаваат дека згрешиле бидејќи не се обидуваат да бидат во право, туку да ја направат вистинската работа. И кога мислам на вистинска самодоверба мислам на извршен директор кој не е арогантен, не е злобен, не е егоистичен ниту задоволен до опуштеност. Јас сум добар, но можам да станам подобар секој ден. Јас сум процес што трае.
Конечно, четвртиот принцип е автентична скромност. Кога зборувам со лидери или извршни директори, начинот на кој ги наведувам да мислат на автентична скромност е така што ќе речам: „Вие сте многу остварени луѓе, сте направиле многу работи, како дојдовте на позицијата на која сте сега?“ И луѓето обично велат: „Многу напорно работев и имам одреден сет на вештини.“ Јас ги потсетувам: „Можеби работевте многу напорно и имате сет на вештини, но да не заборавиме и некои други работи што ви помогнаа. Можеби имавте среќа, можеби тајмингот да се биде на вистинското место во вистинското време, можеби има духовна димензија, дадени ви се таленти што треба да ги искористите најдобро што можете.“ Мислам дека луѓето сфаќаат дека има многу работи, покрај самите нив, што се вклучени во овој процес и дека не се работи за нив, туку за тимот.
Тогаш, можам да заклучам, лидерството не е дестинација, тоа е патување. Можете да станете подобар секој ден. Така, им велам на извршните директори, можете да размислувањето малку повеќе за самите себе, да бидете поизбалансирани, да развиете вистинска самодоверба, важно е да имате доволно автентична скромност да ја разберете секоја личност. Тогаш мислам дека сте на патот да станете лидер кој се базира на вредности.
Друга Ваша најдобро продавана книга е „Да се стане најдобар: изгради организација од светска класа преку лидерство базирано на вредности.“ Кои се клучните поуки од оваа книга?
Х. Крејмер: Сега, штом станав најдобар во поглед на самиот себе, така ја започнав втората книга, велам ОК, сега развиј организација од светска класа базирана на вредности. Откако јас станав најдобар во поглед на самиот себе, треба да развијам најдобар тим, треба да бидам најдобар партнер на моите добавувачи, на моите потрошувачи, на секој со кого контактирам. Не се фокусирам на зделките, се фокусирам на развивање вин-вин односи. Потоа ќе се фокусирам на тоа да станам најдобра инвестиција затоа што треба да генерирам поврат за инвеститорите што инвестирале во мојата компанија. Тогаш запирам и велам: „Ако станам најдобар во поглед на себеси, тогаш станувам лидер базиран на вредности, ако се развијам и станам најдобар тим, најдобар партнер и најдобра инвестиција, тогаш јас започнувам да развивам организација базирана на вредности. Но, дали ја завршив работата? Не, но речиси сум готов.“ Пред да бидам готов, како лидер базиран на вредности, треба да се вратам чекор назад и без оглед дали сум во Македонија или во САД, да погледнам наоколу и да речам, чекај малку, има многу отворени прашања во светот. Постои глобална сиромаштија, постојат глобални отворени прашања во поглед на здравствената заштита, постои дигитална подвоеност, има проблеми во однос на животната средина. Секој од нас има морална одговорност на одреден начин да го направи светот подобро место за живеење. И јас на тоа додавам: „Чекај малку, всушност има пет „најдобри“, најдобар во поглед на себеси, најдобар тим, најдобар партнер, најдобра инвестиција и треба да бидам општествено одговорен, треба да направам разлика и јас тоа го викам – да станеш најдобар граѓанин.“
„ОТКАКО ЈАС СТАНАВ НАЈДОБАР ВО ПОГЛЕД НА САМИОТ СЕБЕ, ТРЕБА ДА РАЗВИЈАМ НАЈДОБАР ТИМ, ТРЕБА ДА БИДАМ НАЈДОБАР ПАРТНЕР НА МОИТЕ ДОБАВУВАЧИ, НА МОИТЕ ПОТРОШУВАЧИ, НА СЕКОЈ СО КОГО КОНТАКТИРАМ. НЕ СЕ ФОКУСИРАМ НА ЗДЕЛКИТЕ, СЕ ФОКУСИРАМ НА РАЗВИВАЊЕ ВИН-ВИН ОДНОСИ„
Спомнавте размислување за самиот себе. Кои се прашањата што си ги поставувате редовно?
Х. Крејмер: Некои лидери ќе прашаат: „Колку време го правите ова?“ Јас всушност го започнав ова пред 35 години кога бев на постдипломски студии бидејќи ја имав можноста да одам на бесшумен настан. На крајот од настанот ни рекоа дека ова не треба да е нешто што се случило само еднаш. Секој ден, на крајот од денот, треба да поминувате 15 минути во самоиспитување. Што ми се случи мене? Толку многу ми се допадна да издвојам време за ова еднаш годишно така што изминативе 35 години редовно одам на овој тридневен настан во Минесота. Она што обично се случува на овој годишен настан е дека јас си ги поставувам следниве прашања: „Кои се моите вредности, за што се борам, која е мојата цел, што навистина ми е важно како татко, како син, каков пример сакам да дадам, каков лидер сакам да бидам?“
И секоја вечер посветувам 15 минути. Кога велам размислување за самиот себе, тоа не е апсорпција на самиот себеси, не е поминување на часови во медитирање, туку кои се твоите вредности и што ќе направиш во врска со тоа. Прашањата што си ги поставувам се следниве: „Што реков дека ќе направам денес? Што, всушност, направив? На што сум горд, а на што не? Како ги предводам луѓето, како ги следам луѓето? Ако го живеам денешниот ден повторно, што би направил поинаку во сите интеракции што ги имав со работниците, колегите, семејството, пријателите, со секого.“
Да погледнеме малку пошироко. Како ја оценувате тековната состојба на економијата на САД? Кои силни страни и слабости ги гледате во моментов и во иднина?
Х. Крејмер: Прво, работите што се случуваат во САД треба да ги погледнете на споредбена основа. Имајќи ги предвид предизвиците во моментов во Европа и во Латинска Америка, Кина забавува, кога ќе се спореди САД изгледа добро. Растот е понизок, но е прилично постојан. Доларот е силен, невработеноста продолжува да се намалува, постои разумно количество стабилност што ги привлекува доларите на инвеститорите. Меѓутоа треба да се земат предвид и ризиците. Мислам дека во САД имаме многу ризици бидејќи, според мене, сè уште не сме ја довеле во ред нашата финансиска куќа. Мислам дека дефицитите што ги имаме се високи и сè уште сме во позиција каде што трошиме повеќе пари одошто можеме да си дозволиме.
Да се вратиме на Вашата улога на Македонскиот економски самит 2015 во Скопје. На што ќе се фокусирате како говорник на Самитот?
Х. Крејмер: За мене е голема чест што ќе можам да учествувам на Самитот. Со Мајк Зафировски сме пријатели во изминативе 10 или 20 години и имам голем респект за она што го прават тој и неговиот тим. Врз основа на она што го читам, верувам дека Македонија има огромни можности во иднина, како што ќе градиме нови и нови лидери. Колку побрзо ја развиеме следната генерација на лидери кои се базирани на вредности, толку повеќе прогрес ќе направи Македонија. Мојата цел е најдобро што можам да ги објаснам принципите што се неопходни за да се развијат лидери базирани на вредности и како можеме врз основа на петте принципи да развиеме организации базирани на вредности, организации што ќе бидат од светска класа и во иднина ќе ја придвижат Македонија напред.
Зоран Јовановски