Интервјуа
СИСТЕМИТЕ ЗА МЕНАЏИРАЊЕ НА ЕНЕРГИЈАТА НОСАТ ПОГОЛЕМ ПРОФИТ И КОНКУРЕНТНОСТ НА ФИРМИТЕ
Драган Блажев
Директор на Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД
Господине Блажев, вие сте од фирмата „Тимелпроект“ од Скопје и истовремено сте директор на Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД. Кажете ни за каков проект се работи, од кога е започнат и кои се неговите цели? До каде е дојдена неговата имплементација?
Д. Блажев: Агенцијата за меѓународен развој на САД – УСАИД, како дел од стратегијата на својата мисија за економски развој во Република Македонија, веќе трета година го реализира Проектот за индустриски менаџмент. Целта на Проектот е да се зголеми конкурентноста на индустриските компании преку намалување на потрошувачката и трошоците за енергија како дел од вкупните производни трошоци при што доаѓа до намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина на долгорочна основа. Конкретно, Проектот во основа се однесува на воведување на енергетскиот менаџмент во индустриските компании во земјава преку систематска и континуирана посветеност во изнаоѓање решенија за заштеда на енергија и намалување на трошоците за неа врз основа на принципите и начелата на стандардот ISO 50001.
Со финансиска поддршка од УСАИД во изминатите осумнаесет месеци воведовме системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија во 17 индустриски компании од приватниот сектор од различни индустриски гранки. Во овој период им помагаме на компаниите со техничка поддршка во избор на можни мерки за подобрување на енергетската ефикасност во нивните производни погони и изработка на анализи и студии за изводливост, како и идејни и основни проекти за изведба. Исто така даваме и експертска помош во обезбедување на средства од финансиски институции за инвестирање во избраните мерки за подобрување на енергетската ефикасност.

Зошто токму приватните производни индустриски компании се целна група во Проектот кој го имплементирате?
Д. Блажев: Приватниот производен сектор е двигател на економиите во светот, а несомнено е носител и на економијата во нашава земја. Денес индустријата, а пред сè приватните производни компании во Република Македонија, учествуваат со околу една третина во финалната потрошувачка на енергија, како и во емисијата на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина во атмосферата. Индустрискиот сектор, пак, учествува со 28% во бруто домашниот производ и вработува над 30% од сите вработени во земјава. Сите овие показатели ја дефинираат значајната улога на производните компaнии во македонската економија.
Неефикасната употреба на енергијата во македонската индустрија значително влијае врз конкурентноста на индустриските производи како на домашниот, така и на регионалниот и на европскиот пазар. Таа ја зголемува вкупната цена на производите со што се намалува профитот на компаниите. Приватните производни компании во значителен дел користат застарена технологија како резултат на долгиот период на транзиција низ кој поминува нашево стопанство и недоволно е нивото на инвестиции во напредни технологии и процесни подобрувања. Застарените технологии се енергетски неефикасни и во најголем дел не содржат можности за автоматско работење на производните процеси, што дополнително влијае на нерационалната потрошувачка на енергија и зголемени производни трошоци. Сето тоа ја ослабнува конкурентната положба на нашите индустриски производи.
Затоа обезбедување на одржлива енергетска ефикасност и намалување на потрошувачката и на трошоците за енергија се едни од клучните фактори за поголема конкурентност на индустриските производи.
Какво е значењето на енергетскиот менаџмент во нашата индустрија и што би можело да се направи за тој да се подигне на повисоко ниво?
Д. Блажев: Енергетскиот менаџмент е во зачеток во македонското стопанство. Потребата од енергетски манаџмент најмногу ја чувствуваат енергетски интензивните компании каде што енергијата е еден од критичните фактори за нивната конкурентност на пазарот, а во некои случаи и за нивен опстанок. Потребно е индустриските компании подобро да го анализираат сопствениот начин на потрошувачка на енергија и да ги прилагодат своите организациски способности кон подобро управување со нејзината употреба.
Освен организациските способности, потребно е воведување на автоматизација во производството што во постојната технолошка опрема би значело вградување на соодветна електрична и комуникациска опрема на страната на потрошувачите во индустриските погони со што би се овозможило далечинско управување и можност за програмско нагодување и управување со производните процеси, а со цел оптимално и рационално искористување на сите користени облици на енергија.
Искуството покажува дека поголема енергетска ефикасност во индустријата се постигнува преку промени во начинот на управување со енергијата во погоните отколку преку внесување на нови технологии. Во секоја компанија потребно е да се идентификуваат значајните потрошувачи на енергија, како и факторите од кои најмногу зависи потрошувачката. Тоа најчесто се однесува на големи електромотори, компресори, ладилници, сушари, котли и други уреди и машини.
Дали може да се спореди потрошувачката на енергија во нашата индустрија со потрошувачката на енергија на индустријата во европските земји? Кои фактори имаат најголемо влијание за ефикасна употреба на енергијата во производните компании?
Д. Блажев: Нашата земја има околу 3 пати поголем енергетски интензитет од просекот од земјите-членки во Европската унија, додека троши околу 2,5 пати помалку финална потрошувачка на енергија по глава на жител во однос на просекот во Европската унија. Тоа значи дека неефикасно трошиме енергија, а сме енергетски сиромашни. Факт е дека произведуваме еден значителен дел од електричната енергија за финална потрошувачка, додека сите останати облици на енергија како нафта и нафтени деривати и природен гас ги увезуваме во целост. Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија во последниве неколку години е во пораст во нашава земја и е за поздравување, но тоа не може да ја замени базната потреба од електрична енергија во земјава бидејќи е недоволно. Од тие причини потребна е поголема заложба за енергетска ефикасност бидејќи потенцијалот за заштеди е значителен. Тој може да се искористи и да се постигне преку организациски мерки и промена на навики, а пред сè преку инвестиции во зголемување на енергетската ефикасност. Меѓутоа, и пред сѐ, најважен исчекор во напорите да се преземат мерки за заштеда на енергија е во посветеноста и во одлучноста на раководството на компаниите. Без тоа не е возможно да се направи промена.

Рековте дека една од целите на Проектот е практична реализација на системи за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија во компаниите како пилот-проекти. Можете ли накусо да објасните за што се работи?
Д. Блажев: Со воведување на системите за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија во 17 индустриски компании како пилот-проекти се изврши модернизација во следење на потрошувачката на енергија во производството и се подобрија ефикасноста и ефективноста на секојдневното оперативно работење на компаниите. Тие имаат навремен увид во потрошувачката и во трошоците за енергија и можат воедно да планираат каде и на кои места треба да инвестираат со цел намалување на трошоците за енергијата што се користи во производните процеси.
Системите се дизајнирани да вршат мониторинг и управување со потрошувачката на електрична и други видови на енергија на ниво на компанија, без разлика дали станува збор за еден или за повеќе објекти на една или на повеќе локации во земјава. Овој интегрален систем дава една добра основа да се направи увид во потрошувачката и да се оценат кои се местата каде што може да се заштеди енергија. Вакви системи постојат во светот, но во индустријата во Македонија се новитет. Затоа треба прво компаниите да бидат едуцирани зошто им требаат вакви системи.
Во 2011 година беше воведен меѓународниот Стандард за управување со енергија ISO 50001 и тој интегрално беше усвоен во нашава земја. Каква е поврзаноста на тоа што го работите со овој стандард?
Д. Блажев: Проектот се базира на начелата и принципите на стандардот ISO 50001 што беше воведен за меѓународна употреба во 2011 година. Стандардот ги дефинира принципите и методите за интегрирање на енергетската ефикасност во постојните индустриски и комерцијални системи за управување со цел нејзино постојано подобрување. Намерата на стандардот е да пропише организациска рамка во компаниите со која ќе се интегрира енергетската ефикасност во практиките на управување, вклучувајќи оптимизација на производните процеси и подобрување на енергетската ефикасност на индустриските системи. Управувањето со енергија бара да се пријде со иста култура за постојано подобрување кон употребата на енергија, како што беше успешно направено во индустријата при подобрување на квалитетот и на сигурноста на производството.
Сите наши проектни активности ги опфаќаат четирите постулати од стандардот: посветеност, планирање, имплементација и проверка. Процесот започнува со обезбедување на посветеност од страна на највисокиот менаџмент. Посветеноста е повеќе од изјава за поддршка – таа ги утврдува задачите и одговорностите. Следен чекор е формирање на тим одговорен за управување со потрошувачката на енергија. Откако на членовите на тимот ќе им бидат јасно зададени нивните улоги и задачи и ќе бидат обучени за тоа, тие можат да започнат со идентификација на можностите за подобрување, за планирање, за преземање активности во согласност со планираното и за следење на напредокот. Целиот процес бара фокус, систематски и осмислен приод во управувањето со потрошувачката на енергија, а пред сè подготвеност за промена.
Дали Проектот се однесува само на електричната енергија или и за други видови на енергија кои ги трошат производните компании? Каков е интересот и каква е потребата кај компаниите да вршат мониторинг и да управуваат други видови на енергија, освен електрична енергија? Кои се придобивките?
Д. Блажев: Електричната енергија е најзастапена во потрошувачката на енергенси во нашиот индустриски сектор. Во недостиг на преносна и на дистрибутивна мрежа за природен гас, што се очекува да се развие во нашава земја во иднина, користењето на електричната енергија во индустриските процеси е неефикасно поради значителните загуби во трансформација на енергијата од местото на производство до крајниот потрошувач. Меѓутоа, освен електрична енергија, системот за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија е наменет за мерење и за управување и со други облици на енергија како: течни горива, гас, пареа, компримиран воздух и друго. Воедно може да се следи и потрошувачката на вода која, иако не е енергенс, е важен елемент во трошковниот биланс на индустриските компании. Цената на чинење е повисока за мерење и за управување со други енергенси во споредба со мерните уреди за електрична енергија, меѓутоа и можностите за заштеда на потрошувачката и на трошоците за енергија се повеќекратни.
Кои се очекувањата од користењето на системите во компаниите? Дали добиените информации ќе им помогнат во донесување на одлуки за инвестирање во подобрување, поточно намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за неа?
Д. Блажев: Искуствата покажуваат дека со помош на вака интегрираниот систем во производствените погони можат да се постигнат заштеди на енергија од 5% до 10% преку интервенции од помал обем или од организациска природа. Кога зборуваме за поголеми заштеди, откако ќе се утврдат местата на потенцијални заштеди со анализа на податоците што ги меморира системот, со дополнителни инвестиции можат да се постигнат позначителни заштеди на енергија и трошоци за неа преку набавка на енергетски поефикасна опрема за енергетски трансформации, опрема за управување со дистрибутивната мрежа за електрична енергија во компанијата итн. Намалувањето на потрошувачката и на трошоците за енергија може да се разгледува и од аспект на профитабилноста на компаниите. Заштеда од само 10% во потрошувачката на енергија може да значи зголемување на профитот на компанија од 1% до 5%, во зависност од големината на производството и уделот на трошокот за енергија во вкупните производни трошоци на компанијата. Во најголем број случаи компаниите се фокусирани на одржување или на зголемување на производството со цел зголемување на нивните приходи и профит. Од друга страна, доколку се погледне во потенцијалот и можностите за заштеди на енергија и намалување на трошоците на тој начин, може исто така да се постигнат значителни резултати во подобрување на профитабилноста на компаниите.

Какви се искуствата од западните земји во оваа област?
Д. Блажев: Иако западните земји се промотори на напредни енергетски ефикасни технологии, нивните искуства велат дека потенцијал за заштеда на енергија и понатаму постои и кај нив. На пример, Данска како земја е меѓу светските лидери во рационалното користење на енергија. И покрај тоа, во оваа земја имаат одредено дека постои дополнителен потенцијал за заштеда на енергија од околу 40%. И, секако, продолжуваат да работат посветено кон постигнување на таа цел.
Дали можат да се обезбедат наменски кредити за инвестиции во поголема енергетска ефикасност?
Д. Блажев: Да, во нашава земја постојат наменски кредитни линии за инвестиции во енергетска ефикасност во приватни компании. Тоа се DCA кредитната линија со поддршка на УСАИД достапна преку „Уни банка“, WeBSEFF II кредитната линија на Европската банка за реконструкција и развој достапна преку НЛБ „Тутунска банка“ и „Охридска банка“, Фондот за зелен развој достапен преку „Халк банка“ и други.
НА БИЗНИСМЕНИТЕ ИМ ПОРАЧУВАМ СИСТЕМАТСКИ И ДОЛГОРОЧНО ДА РАБОТАТ НА НАМАЛУВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ЗА ЕНЕРГИЈА КАКО ДЕЛ ОД ВКУПНИТЕ ПРОИЗВОДНИ ТРОШОЦИ, ШТО ВО КРАЈНА ЛИНИЈА ЗНАЧИ ПОКОНКУРЕНТНИ ПРОИЗВОДИ НА ПАЗАРОТ
Дали обезбедувате стручни услуги на компаниите за развој на проекти во производните погони што ќе обезбедат намалување на трошоците за енергија и производство на поконкурентни производи?
Д. Блажев: Како следен чекор, на индустриските компании што воведоа системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија им даваме стручна поддршка за изработка на енергетски контроли, анализи, студии и проектна документација за реализација на проекти за зголемување на енергетската ефикасност во нивните производни погони. Проектите се однесуваат на промена на погонско гориво, избор на опрема и проектирање на инсталации, искористување на отпадна топлина, рационално искористување на топлинска енергија, управување со врвно оптоварување, термичка изолација на објектите, воведување на фреквентни регулатори кај електромоторните погони, замена на постројки за енергетска трансформација, компензација на реактивна енергија, замена и управување со осветление и друго. Исто така реализираме и стручна поддршка за презентација на проектите за енергетска ефикасност пред финансиските институции со цел обезбедување финансиски средства за инвестирање од страна на компаниите.
Како гледате на фактот што ова е една од ретките странски донации каде што се вложуваат средства во приватниот бизнис сектор?
Д. Блажев: Со оглед дека помошта и поддршката во приватниот сектор е многу ограничена, а овој сектор е од исклучително значење за развојот на економијата во нашава земја, секоја поддршка, вклучително и на УСАИД, е за поздравување.
Која е Вашата порака до бизнисмените во Македонија во врска со прашањето за енергетски менаџмент?
Д. Блажев: На бизнисмените им порачувам систематски и долгорочно да работат на намалување на трошоците за енергија како дел од вкупните производни трошоци, што во крајна линија значи поконкурентни производи на пазарот. На тој начин ќе успеат да го зголемат својот профит, да го подобрат и својот имиџ, да ги мотивираат своите вработени и индиректно да ги подобрат енергетската сигурност, стабилноста и економијата во нашава земја.
Зоран Јовановски